fbpx

Пандев сака да биде нов претседател на ФФМ, но тоа не е доволно!

Милорад Стојмановски

Спорт

07.12.18

Прегледи
МК   ALB

Милорад Стојмановски

Milorad Stojmanovki 200x250Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката“ на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... Иако јавноста смета дека најдобриот стрелец во историјата на македонската репрезентација би требало да биде избран со акламација, на терен секако ќе се прават и други математики

Се сеќавате како изгледаше примопредавањето на власта во македонското Собрание? Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со сите средства се обидуваа да ги блокираат процесите кои нужно требаше да ја сменат македонската општествена реалност. Под наводниот превез на борба за демократија се криеше обидот да се спаси кожата на поранешните партиски челници против кои се водат судски постапки.

Слично е однесувањето и во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која е обезглавена четири месеци откако претходниот претседател Илчо Ѓорѓиоски поднесе оставка на функцијата. Во меѓувреме, администрацијата на ФФМ која очигледно е сѐ уште под контрола на довчерашниот фудбалски лидер, правеше сѐ да ги искомпликува работите. По сите перипетии, сега е сосема извесно дека во пропишаниот рок од шест месеци за избор на нов претседател, македонскиот фудбал нема да добие нов предводник.

Сенката на Ѓорѓиоски

Одолговлекувањето на детронизацијата на Ѓорѓиоски од ФФМ се конкретизираше преку намерно промашената изборна постапка. Тоа беше и последен обид работите да се променат, а практично ништо да не се смени. ФФМ уште летоска распиша избори, прими пријави на четворица кандидати (се шпекулира дека не сите кандидатури биле комплетни), закажа Изборно собрание на 1 септември, а на крајот ги поплука сите свои одлуки и отпочна нов изборен процес. 

Евентуалното наметнување на атмосферата на општо помирување во општеството би можело да му помогне на поранешниот суверен во ФФМ Ѓорѓиоски. Во меѓувреме, тој како да побара „имунитет“ со изјавата дека заминува на нова функција во УЕФА, каде што треба да се грижи „за развојот на фудбалот, не само на Балканот, туку и пошироко во Европа, како консултант и советник на различни проекти“. Но, иако абдицира од престолот, сенката на „првообвинетиот“ од страна на фудбалската опозиција сѐ уште е надвисната над македонскиот фудбал и се чувствува преку одлуките на членовите на Управниот одбор (УО) на ФФМ. Дури и на официјалниот сајт на ФФМ Ѓорѓиоски до пред некој ден се водеше како претседател. Напишан со големо „П“!

Признавање на грешката

Признавањето на сопствената грешка од страна на ФФМ се случи на седницата на Управниот одбор на ФФМ кога беше усвоен предлогот за измени и дополнувања на Статутот „во насока за доставување на кандидати и избор на претседател“. Ваквиот исход уследи по скандалозниот претходен обид Ѓорѓиоски својот наследник практично „сам да го избере“ од редот на послушници во актуелниот состав на Собранието. Тоа му го овозможи членот 91 од Статутот на ФФМ, кој предвидува претседателските кандидати да бидат само од составот на делегатите на Собранието. Или од истите 96-мина кои без приговор, како првачиња креваа рака на секоја одлука на соученикот на некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Неофицијално, и на наредната седница, што е закажана за 9 декември, ФФМ сака да го забетонира составот на делегатите во Собранието со измени и дополнувања на Статутот на ФФМ. Најверојатно во највисокиот акт на ФФМ ќе останат спорните членови, а со тоа и истиот спорен состав на делегатите.

Не е само статусот на некои делегати спорен (доаѓаат од практично нелегални општински сојузи). Во шестгодишното владеење на поранешниот успешен тренер на Вардар и Македонија Ѓорче Петров Ѓорѓиоски му се забележуваше: за одземање делегатски мандат за непослушност; за отпуштање од работа на неистомисленици во администрацијата (за кои ФФМ губеше судски спорови, па ги враќаше на старите работни места со високи парични обесштетувања); за аферата со наместен натпревар; за промената на четворица селектори и падот на репрезентацијата до срамното 166. место на ФИФА-листата; за преседанот со кој претседателот Ѓорѓиоски сам си ја одреди платата од 4.000 евра, иако има само средно образование; за судиските игри во првенството; за проблемите со фудбалската инфраструктураи покрај постојаните донации, за легитимитетот на 15 општински сојузи од вкупно 26 (а со тоа и на нивните делегати-послушници во Собранието). И така натаму.

Полноќна седница

Драматична полноќна седница на УО на ФФМ се случи на 22 август. Таа беше повод за многу шпекулаци во медиумите за „партиско-политички играрии“. Озборувањата дојдоа поради немуштото објаснување на ФФМ зошто е одложен изборот на нов претседател. Официјалната верзија на Федерацијата е дека откажувањето на седницата на највисокиот орган е поради повлекувањето на кандидатурата на единствениот кандидат за претседател Сашко Тасев. За кој не покажаа документи дали и самиот ги исполнува критериумите.

Претходно, ФФМ не ги прифати кандидатурите на другите претенденти за лидер на ФФМ Вујадин Станојковиќ, Харалампие Хаџиристески и Влатко Костов зашто не го исполнувале условот од членот 91, односно не се членови на Собранието, а единствено беше прифатена кандидатурата на Сашко Тасев. Но, девет дена пред неговата инаугурација, Тасев итно, пред полноќ, беше повикан пред да се одржи Изборното собрание да ја повлече својата кандидатура. Практично, се најде модус како да се откаже веќе закажаното изборно собрание на ФФМ, за кое беше подготвена нова „инсталација“ на Ѓорѓиоски. 

Членот 93 од Статутот на ФФМ предвидува „мандатот“ на в.д претседателот Муамед Сејдини да не биде подолг од шест месеци и да биде закажано изборно собрание. Сега е сосема извесно дека тоа не може да се постигне до 19 јануари 2019 година. 

Инаку, членот 91 не е единствениот што е спорен. Пред неколку години пишував за враќањето на вербалниот деликт во Статутот на ФФМ како нужда Ѓорѓиоски да биде заштитен од нападите на навивачите од трибините. Цената ја плаќаа клубовите како организатори на средбите на кои беа напаѓани „ликот и делото на Илчо“.

Pandev saka da bide nov pretsedatel na FFM no toa ne e dovolnoИзвор: ФФМ

Пандев има една желба

Лидер на преродбата на А-тимот во последните две години е капитенот на репрезентацијата Горан Пандев. Тој ја прифати поканата на селекторот Игор Ангеловски да се врати во репрезентацијата по една пауза што ја направи поради незадоволството од односот на ФФМ кон него. Струмичанецот се врати, дури и ја нападна опозицијата кога Ѓорѓиоски имаше потреба некоја покрупна фигура да застане во гардот пред него.

Неодамна Пандев изјави дека има желба да ја води ФФМ. Тој сигурно не би дал таква изјава ако не му е ветена поддршка на терен при изборот на нов претседател. Но еден од тројцата освојувачи на европската клупска титула во фудбал веројатно знае како помина Дарко Панчев како противкандидат на Хаџиристески во далечната 2002 година - загуби „многу на малку“, а Хаџиристески потоа владееше една деценија. Фудбалските и партиски кујни можат секому да му ја запржат чорбата.

Без оглед на тоа што изјави, Пандев веројатно и нема да се кандидира ако ги процени своите шанси како скромни во вкупниот амбиент што ќе се создаде до следното Изборно собрание на ФФМ, кога и да биде. 

Наспроти фудбалскиот габарит на кандидатите, во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката“ на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, т.н. јагнешки бригади по селски кафеани, партиски и притисоци на локалните моќници... Иако јавноста смета дека најдобриот стрелец во историјата на македонската репрезентација би требало да биде избран со акламација, на терен секако ќе се прават и други математики. Сосема друго прашање за анализа е дали Пандев е и вистинскиот човек за прв менаџер на македонскиот фудбал, зашто зад себе нема никакво менаџерско искуство. 

Нужен е попис и во фудбалот

Лично од идниот претседател на ФФМ очекувам наместо да создава лажна слика дека тече „мед и млеко“ во најпопуларниот спорт кај нас, да расчисти со фудбалскиот грабеж во најбогатата спортска федерација, да направи скен на реалниот потенцијал во инфраструктура, тренерски кадар, судии, клубови, фудбалски школи... и со тим од чесни фудбалски вљубеници со визија за иднината на фудбалот да почне од почеток. Досега целта на челниците од УО беа дополнителните 600 евра месечно за „волонтерската работа“ во ФФМ и шетањето со репрезентативците по светот, зад што всушност се криеше клиентелизмот. Според последните сознанија кои не се потврдени од ФФМ, на членовите на УО на ФФМ дополнително им се доделува редовен месечен надомест, поголем од просечна македонска плата, иако имаат само една седница во месецот. 

На ФФМ му е неопходен и сериозен попис на терен колку општински фудбалски сојузи треба да егзистираат врз база на вистински критериуми. Тоа ќе го намали бројот на делегатите во Собранието. Носителите на тој процес треба да бидат клубовите, ослободени од притисоците на општините кои станаа единствените акционери во прволигашите, по промашената божем приватизација на елитниот македонски спорт, спроведена од ВМРО-ДПМНЕ. Две ипол децении самостојно битисување на ФФМ беа доволни да се прележат детските и пубертетски болести и да се задоволат сите фудбалски страсти на нереализирани политичари, партиски олигарси и миленици на премиерите.

Пургаториум

Во духот на времето во кое живееме, и во македонскиот фудбал има барања за предвремени избори, а ќе има речиси и сигурна промена на „уставот“ (Статутот на ФФМ). За таа промена не се бара двотретинско мнозинство во Собранието на ФФМ, но ќе има потреба од големо прочистување и на „избирачкиот список“ од партиско влијание.

Не очекувам вистинската чистка во ФФМ да се случи одвнатре. Повеќе верувам дека органите на прогонот можат да ни разјаснат што се случувало во изминатиот период, особено што за тоа се поднесени и пријави од фудбалската опозиција. Можеби расплетот ќе биде таков трансферот на власта да се случи без многу кревање прав, со цел симнувањето на вмровската инсталација во македонскиот фудбал да мине што побезболно. Но, поставување СДСМ-овска наместо ВМРО-вска инсталација би било само продолжување на веќе „дежа ви“ тажната приказна. 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Милорад Стојмановски

Милорад Стојмановски е новинар со тридецениско искуство, главно во печатените медиуми. Почнал како хонорарен соработник во Македонската телевизија, а првото вработување му е како спортски новинар во Вечер. По неколкугодишното искуство како уредник во магазинот „Скок“, заедно со колегите е еден од основачите на „Дневник“, во кој ги минува сите позиции, заклучно со позицијата заменик главен уредник. Има кусо работно искуство и со порталот „Спортмедиа“, а моментно работи во весникот „Слободен печат“. Долгогодишен дописник на странски спортски магазини, агенции и портали, како и член на Собранието на Македонскиот олимписки комитет. Известувал од повеќе значајни спортски настани, како Олимписките игри во Атина и светски и европски првенства во фудбал и кошарка.