fbpx
 

Запишување на нови студенти: малку или многу?

МК   ALB

проф. д-р Ненад Новковски

nenad novkovskiТреба да се поттикнува уште поголемо вклучување на младите во процесот на високото образование, за да се обезбеди квалификациона структура на населението споредлива со земјите од ЕУ.

Во медиумите неодамна забележително внимание привлече појавата на намален број на запишани студенти во учебната 2017/2018 во однос на претходната учебна година. После период од околу две децении на забележителен раст, овој пад изгледа неочекуван. За да видиме кои се причините за набљудуваното намалување, како и пошироко за појавата на долг рок, ќе го разгледаме движењето на бројот на запишани студенти во претходниот подолг период (од учебната 1974/1975 до учебната 2017/2018 година). Податоците употребени во оваа анализа се извлечени од соопштението на Државниот завод за статистика на Република Македонија.

Zapisuvanje na novi studenti malku ili mnogu 1Слика 1. Движење на бројот на зашишани студенти во високото стручно и високото универзитетско образование во Република Македонија, за периодот од 1974 година до 2017 година (учебна 2017/2018 година)

Во првиот дел се забележува брз раст, што е поврзано со засилените инвестиции во високото образование во тој период (нови високообразовни институции и програми со обезбедено финансирање во голем обем, студентски домови и стипендии итн.). Вториот дел од кривата покажува изразен пад. Тој се должи на кризата во Југославија од 1980 година до незјиното распаѓање. Тој минимум има вредност пониска од онаа набљудувана во 1974 година. Однесувањето е исто како она на Бруто домашниот производ на поранешна Југославија, којшто од 1974 до 1980 година пораснал за околу една третина, а од 1980 до 1992 година опаднал до вредност пониска од онаа во 1974 година. Од осамостојувањето на Република Македонија во 1992 година, повторно се забележува раст што се забрзува некаде околу 2000 година, а на крајот, кон 2010 година, стагнација со благо опаѓање. Последниов дел е од посебен интерес.

Колкав е делот од младите што студираат?

Апсолутната бројка на запишани студенти се менува како резултат на повеќе фактори. За да го исклучиме демографскиот фактор, го разгледуваме податокот за опфатот во високото образование (бруто-стапка на запишување) од истото соопштение, којшто се добива како однос помеѓу вкупниот број студенти во високото образование и популацијата на возраст од 18 до 23 години.

Движењето на оваа стапка во периодот од учебната 2011/2012 година до 2017/2018 година е прикажано на слика 2. Во вкупниот број запишани студенти влегуваат и оние што се запишани во високото универзитетско и на оние во високото стручно образование. Треба да се забележи дека последниве десетина години, коишто се од посебен интерес овде, уделот на студентите во високото стручно образование во вкупниот број е многу мал, а со тоа и во опфатот што ќе биде разгледан понатаму.

Zapisuvanje na novi studenti malku ili mnogu 2Слика 2. Движење на опфатот на генерациите на возраст од 18 до 23 години во високото образование во Република Македонија, за периодот од 2011 година до 2017 година (учебна 2017/2018 година)

Се забележува дека постои јасен растечки тренд од 0.82 индексни поени годишно. Тоа значи дека претходниот период на брз раст завршил, но растот и натаму е забележителен.

Иако многу често во јавноста се среќаваат толкувања дека овој раст е некоја посебност на Македонија, треба да се забележи дека всушност се работи за општ светски тренд. Така, во 2013 година светскиот просек на оваа стапка бил 32,9 проценти, што е приближно еднакво на стапката за Македонија за истата година (31,6 отсто). Највисоките вредности се добиени за Северна Америка и Западна Европа, со вредност од 60,0 проценти во 2000 година и речиси стационарна вредност од околу 67 отсто од 2010 година наваму. Со набљудуваниот тренд за Република Македонија, се очекува во 2050 година да се достигне вредност од 62,15 проценти блиска до вредноста за наведената група најразвиени земји. Вреди да се напомене дека земјите од Средна и Источна Европа веќе во 2013 година се доближиле до високата стапка за најразвиените земји, достигнувајќи 71,4 проценти.

Дополнителни согледувања

Ако се навратиме на движењата прикажани на слика 1, ќе можеме да кажеме повеќе за сложените движења во разгледуваниот период. Така, многу брзиот раст од 1992 до 2007 година, којшто често се толкува за неконтролиран и излишен, излегува дека е всушност последица на застојот во времето на кризата на Југославија до нејзиното распаѓање. Така, од осамостојувањето било потребно да се надомести пропуштеното во претходниот период, нешто што не се забележува кај другие земји од Средна и Источна Европа коишто одржале забележителен раст во целиот разгледуван период. Поради брзиот раст на опфатот, може да се очекува квалитетот на образованието да биде загрозен во одредена мерка. Поради тоа, за да се обезбеди висок квалитет на високото образование, неопходно е и вложувањата од државни и приватни извори видно да се зголемат.

Еден друг аспект што е значаен за ефективност на зголемувањето на опфатот во високото образование во смисла на подобрување на образовната структура на населението е демографскиот фактор. Така, поради недовршениот процес на демографско стареење и емиграцијата, може да се очекува делот од населението со високо образование да биде помал од оној во земјите со ист опфат на младите во високото образование. Поради тоа, би требало да се поттикнува уште поголемо вклучување на младите во процесот на високото образование, за да се обезбеди квалификациона структура на населението споредлива со земјите од ЕУ кон којашто се стремиме.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Regjistrimi i studentëve të ri: pak apo shumë?
Ku u zhduk edukimi nga arsimi maqedonas?
 

Коментари 1

Анонимен - Vuke on Петок, 11 Јануари 2019 12:34

Dosta dobra analiza za zapisanite studenti a kade e analizata na zavrsenite studii i kolku e prosekot i cenata na studiranjeto vo Makedonija.
Lesno e da se zapises ali golemite barieri koi se javuvaat vo tekot na studiranjeto od raznoraznite uceni (kako seks uslugi za sestka), potkupite vo pari za polozen ispit, i slicni gi obeshrabruvaat studentite da go zavrsat studiranjeto i najcesto zavrsuvaat so karta vo eden pravec.

Dosta dobra analiza za zapisanite studenti a kade e analizata na zavrsenite studii i kolku e prosekot i cenata na studiranjeto vo Makedonija. Lesno e da se zapises ali golemite barieri koi se javuvaat vo tekot na studiranjeto od raznoraznite uceni (kako seks uslugi za sestka), potkupite vo pari za polozen ispit, i slicni gi obeshrabruvaat studentite da go zavrsat studiranjeto i najcesto zavrsuvaat so karta vo eden pravec.
Анонимен
Сабота, 16 Февруари 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не