fbpx

Во одбрана на национализмот

Јаел Тамир

Политика

02.02.19

Прегледи

Јаел (Јули) Тамир - Yael (Yuli) Tamir

Би било погрешно да се претпостави дека светот лишен од национализам автоматски би бил мирен и либерален. Напротив, таков свет најверојатно би западнал во „племенски хаос“.

„Заканата“ од национализмот изгледа сеприсутна. Опишана главно со пејоративни изрази, таа идеологија сега е синоним за ксенофобија, популизам, авторитаризам и одземена слобода. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека претераниот национализам е причината за разгорување на огнот од Првата светска војна и предупреди дека „старите демони“ би можеле да го вратат светот во „хаос и смрт“.

Со оглед на таквата реторика, лесно е да се претпостави дека национализмот, во сите негови форми, треба да стане дел од минатото. Дури и интелектуалците ја изгубиле способноста да водат дебата во која ќе се дискутираат нијансите, односно доблестите на национализмот, како и негативните страни. Сепак, една неодамнешна книга од израелскиот историчар Јувал Ноа Харари (Yuval Noah Harari) нуди можност да се поправи оваа нерамнотежа.

Во „21 лекција за 21-от век“ (21 Lessons for the 21st Century), Харари поставува важно прашање: Може ли национализмот да ги реши проблемите во овој денешен глобализиран свет, „или тој е ескапистичко уживање што може да го осуди човештвото и целата биосфера на пропаст?“ Одговорот на Харари не е изненадувачки. Со врамување на неговата дискусија со цел арсенал на еколошки, нуклеарни и технолошки предизвици, тој доаѓа до заклучок дека национализмот само ќе доведе до конфликт и катастрофа.

Сепак, анализата на Харари е пристрасна кога станува збор за глобалните проблеми. Загадениот воздух ги преминува националните граници, нуклеарната војна би влијаела на целата планета, а вештачката интелигенција ги менува животите на луѓето низ целиот свет. Но, постои уште еден начин да се размислува за национализмот: во контекст на предизвиците што мора да се решат на локално и национално ниво, како што се економската нееднаквост, политичката нестабилност, социјалните поделби и слабото владеење. Кога Харари би започнал со попарохијална листа на проблеми, неговата пресуда за национализмот би можела да биде многу поинаква.

Економистот Томас Пикети (Thomas Piketty) забележал дека нацијата-држава го олеснува развојот на „социјалната држава“: системот на услуги што ја зајакнува еднаквоста и го подобрува квалитетот на животот. За секој кој смета дека социјалните, економските и политичките предизвици итно треба да се отстранат, како што е моето мислење, логично е националното чувство да се оживее за да се обезбеди социјална кохезија во служба на „социјална држава“.

Но, дури и ако ја прифатиме листата на Харари, неговите заклучоци се` уште се избрзани. На пример, и покрај тоа што некој лидер кој се соочува со еколошка или нуклеарна катастрофа би бил во искушение да посвети помалку внимание на домашните социјални прашања, ефективната глобална соработка зависи од силните индивидуални држави. Ова е особено точно сега, кога ефективноста на глобалните институции е доведена под знак прашалник повеќе од кога било претходно.

Харари е очигледно во право за една работа: ниту една земја не може да се соочи сама со глобалните предизвици. Но, би било погрешно да се заклучи дека индивидуалните држави се излишни. Фактот дека земјите не се доволно моќни да направат глобална разлика не е доказ дека има други политички ентитети што можат да ги заменат.

За волја на вистината, Харари ја признава улогата на национализмот во управувањето. На пример, тој пишува дека би било погрешно да се претпостави дека светот лишен од национализам автоматски би бил мирен и либерален. Напротив, таков свет најверојатно би западнал во „племенски хаос“. Споредувајќи ги стабилните и успешни демократии како Шведска, Германија и Швајцарија, кои „уживаат во силно чувство на националност“, со „земји што немаат цврсти национални врски“, вклучувајќи ги и Авганистан, Сомалија и Демократската Република Конго, Харари доаѓа до заклучок дека национализмот е неопходна компонента на политичката стабилност. На тој начин може да се заклучи дека е премногу опасно да се изземе национализмот.

Како и секоја политичка идеологија, национализмот има многу лица, некои се повеќе, а некои помалку грди. Грубиот анти-глобализам е одличен пример за ова. Земјите кои го прифаќаат овој вид на национализам, поттикнуваат непотребен конфликт и ја поткопуваат можноста за меѓудржавна соработка. Но, другите форми на национализам што подобро ги балансираат локалното и глобалното се корисни и треба да добијат признание. Не само што национализмот може да помогне во зацврстувањето на доброфункционалните држави, тој исто така, може да послужи како алатка за поттикнување на солидарноста во владините напори за решавање на локализирани социјални предизвици, борбата против социјалните и економските нееднаквости и да се грижи за социјалните групи кои се во полоша состојба од другите. Затоа, подобро е да не се напушти национализмот, туку да се канализираат неговите корисни функции за да се рекреира социјалната држава.

Се разбира, критичарите со право го осудуваат шовинизмот и омразата. Но, целосното отфрлање на национализмот, кратко кажано е површно. На интелектуалците им е потребно да го признаат ова и да ги врамат аргументите кои можат да им помогнат на владите да постигнат вистинска рамнотежа меѓу националните, регионалните и глобалните обврски.

Јаел (Јули) Тамир, поранешен израелски министер за образование и за имиграција, е претседател на колеџот Шенкар, доцент на Школата за влада „Блаватник“ на Универзитетот Оксфорд, и автор на Liberal Nationalism и Why Nationalism.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Јаел Тамир

Јаел Тамир, поранешен израелски министер за образование и за имиграција, е претседател на колеџот Шенкар, доцент на Школата за влада „Блаватник“ на Универзитетот Оксфорд, и автор на Liberal Nationalism и Why Nationalism.