fbpx
 

Како жените полесно да ја дешифрираат „Шифрата за извоз“

Аранча Гонзалез (Arancha González)

Овозможувањето на целосно учество на жените во глобалната трговија не е само морално прашање. Тоа е и економски императив, бидејќи просперитетните извозни сектори ја подобруваат конкурентноста и создаваат подобри работни места.

ЊУЈОРК – Кога во 2014 година првпат ја запознав модната дизајнерка Чика Маконен, чиј бизнис е со седиште во Акра, таа продаваше минимални количини надвор од Гана. Сепак, денес, брендот на Маконен, Afrodesiac Worldwide, се појавува на црвените килими во Холивуд и на сцените на фестивалот Essence во Њу Орлеанс. Бидејќи Маконен ја провали „шифрата за извоз“, нејзината компанија го зголеми производството, го утростручи бројот на вработени и значително го прошири својот медиумски профил.

Да се провали шифрата за извоз значи да се надмине идејата дека бизнисите што ги поседуваат и со кои управуваат жени не можат да бидат глобални, бидејќи исполнувањето на стандардите потребни за прекугранична трговија е премногу тешко и скапо. Општата претпоставка (иако ова не се кажува директно) е дека бизнисите што ги поседуваат жени се поризични и затоа се помалку привлечни за инвеститорите. Но, исто како што пред 50 години жените ги згореле своите градници за да уништат симбол на угнетување, денес жените мора да ги отстранат бариерите што ги спречуваат во слободното тргување во глобалната економија.

Секако, на овој Меѓународен ден на жената, жените во многу земји живеат во подобри услови и уживаат повеќе можности отколку нивните мајки и баби, што се должи на значителни подобрувања во пристапот до образование и здравствена заштита. Но, сè упте постојат големи празнини и, со оглед на бавното и нерамномерното темпо на напредок, нема простор за самозадоволство.

Според Светскиот економски форум, затворањето на целокупниот јаз меѓу родовите во 106 земји ќе трае 108 години ако продолжиме со тековното темпо на промени; во Субсахарска Африка, каде што проблемот е најприсутен, ќе бидат потребни најмалку 135 години. И единствениот најголем јаз е економски; затворањето на истиот се проценува дека ќе трае околу 202 години.

Родовата нееднаквост е вистински глобален проблем кој опстојува и во земјите со најприсутна родова еднаквост. Сепак, постојат светли точки кои може да служат за пример. На пример, во Норвешка, жените сега за прв пат во историјата на земјата ги држат трите највисоки владини функции (премиер, министер за финансии, министер за надворешни работи). Во Руанда, министерските позиции се совршено избалансирани меѓу родовите, а 61% од пратениците се жени. И во Барбадос, за првпат досега жена е премиер.

За жал, се чини дека трговијата и бизнисот заостануваат зад политиката. И покрај револуционерниот закон во Норвешка од 2007 година, со кој се бара жените да имаат 40% од седиштата на корпоративните одбори, жените сè уште зафаќаат непропорционално помал број највисоки управувачки позиции. Во норвешкиот јавен и приватен сектор, помалку од една четвртина од раководните лица се жени; а во 2017 година, само 15 од 213 јавно котирани друштва биле под раководство на жени.

Точно, индексот на родова еднаквост на Блумберг од 2019-та година во 36 земји укажува на тоа дека бизнисите вложуваат повеќе напори за жените да добијат поголем удел во извршните позиции и на одборите. Сепак, мрачната вистина е дека жените остануваат на економските маргини во повеќето земји ширум светот.

Економската маргинализација на жените е проблем за секого. Според Светската банка, просечните приходи заработени низ целиот живот кај мажите се за повеќе од 23,000 долари повисоки од оние на жените, во просек, што значи дека 160.000 билиони долари во богатството на човечкиот капитал - еквивалентно на двегодишен глобален БДП - едноставно остануваат неискористени. Ако ја вклучиме и едната милијарда жени кои остануваат на маргините во формалната економија низ целиот свет, би било како да додадете уште една Кина и уште едни САД. Како што јас и многу други борци за родова еднаквост постојано велиме во последниве години, „Не може да победиш на натпреварот, ако половина од тимот седи на клупата“.

Во Меѓународниот трговски центар (International Trade Centеr), работиме на тоа да им овозможиме на жените да ја дешифрираат шифрата за извоз и да им се придружат на мажите како рамноправни играчи на глобалната економска игра. Нашето истражување, што опфаќа 25 земји, укажува на тоа дека само една од пет извозни компании се во сопственост на жени, поради широко распространетата родова дискриминација.

Со Иницијативата „Таа тргува“ (SheTrades) на МТЦ, се надеваме дека ќе ги поврземе трите милиони жени претприемачи со глобалните пазари. Маконен е само една од многуте жени кои веќе имаат корист од програмата. Другите ги вклучуваат Сониа Мугабо (Sonia Mugabo) во Руанда, која „Форбс Африка“ ја стави на својата листа на надежни млади претприемачи, и Анианго Мпинга (Аnyango Mpinga), која сега е една од водечките дизајнери на Кенија.

Успехот во модниот дизајн не е единственото нешто што е заедничко за овие три жени. Пред да се пријават на иницијативата SheTrades, сите тие се соочиле со родови бариери додека се обидувале да ги прошират своите бизниси. Но, милиони други жени-претприемачи допрва треба да ја дешифрираат шифрата за извоз. Ако не се отстранат бариерите со кои се соочуваат, никогаш нема да постигнеме родова еднаквост во нашите животи.

Овозможувањето на целосно учество на жените во глобалната трговија не е само морално прашање. Тоа е и економски императив, бидејќи просперитетните извозни сектори ја подобруваат конкурентноста и создаваат подобри работни места. Јасно е дека нема магично решение, но иницијативата SheTrades и слични програми покажуваат дека тоа остварливо. Со вистинските политики, условите ќе се подобрат, како за жените така и за мажите.

Првиот чекор е да им се овозможат алатките, вештините и самодовербата на жените претприемачи потребни за да се справат со шифрата за извоз. Откако ќе го сторат тоа, нема граници на она што тие можат да го постигнат.

Аранча Гонзалез е извршен директор на Меѓународниот трговски центар.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Зошто ни е потребен нов закон за заштита од дискри...
Može li doći do promjena u BiH?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 22 Март 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не