fbpx

Две задачи за борците против ропството во денешницава

Марсело Санчез Сорондо

Политика

13.04.19

Прегледи

Марсело Санчез Сорондо (Marcelo Sánchez Sorondo) 

И покрај тоа што човековите права станаа клучна карактеристика на ерата по Втората светска војна, жртвите на современото ропство сè уште страдаат. Трговијата со луѓе и нивните органи, принудната работа и проституцијата се злосторства против човештвото.

Злото што го претставува трговијата со луѓе е проблем кој водачите од сите вери мораат да го сфатат многу сериозно. Една од првите работи што Папата Франциск ја направи кога беше избран во март 2013 година беше да упати писмо до мене, во моето својство на шеф на Папската академија на науките (ПАН), со барање да се посветиме на проучување на модерното ропство и на изнаоѓање решенија за него.

Девет месеци подоцна, Франциск ги свика верските водачи од целиот свет за да изјави дека трговијата со луѓе и нивните органи, принудната работа и проституцијата, се злосторства против човештвото. Во септември 2015 година, светските лидери го повторија овој заклучок кога Генералното собрание на Обединетите нации едногласно ги усвои Целите за одржлив развој каде една од целите е да се стави крај на овие практики.

За овие и многу други причини, морален императив е светот да работи заедно за да ја оствари визијата поставена од нашите верски и политички лидери. Додека милиони луѓе сè уште се жртви на современи форми на присилба, нема време за губење.

Злоупотребата во сите свои форми, без оглед дали е измачување, силување, присилен брак или принудна работа, не предизвикува само физички последици. Тоа удира во душата на човекот, оставајќи рани на нашата самодоверба и способност да им веруваме на другите и тие рани можат да бидат уште поболни и подлабоки.

За да ја сфатиме целосно изопаченоста на овој вид на „морално насилство“, земете како пример пријатели кои имаат заемна пријателска љубов, кои служат како поддршка и поткрепа на другиот и размислете колку се важни тие активности за поединечниот и колективниот живот на човекот. Жртвите на трговија со луѓе не можат лесно да доживеат ваков вид на пријателство, бидејќи деградацијата и понижувањето што тие го претрпеле може да ги наведат да веруваат дека се неважни или дека се нечија сопственост. Како резултат на тоа, тие често не се во можност да ја понудат или да ја примат поддршката и поткрепата кои се потребни за вистинско пријателство. Овие пречки се однесуваат и на жртвите во бракот и семејството.

Пораката на Христос за братство, заедно со движењето против ропството кое започнало кон крајот на 18 век, на крајот доведе до укинување на законски овозможено човечко ропство низ целиот свет. Меѓународните договори, како Конвенцијата против ропство од 1926 година, овозможија многу видови на ропство да станат нелегални. Меѓутоа, ропството продолжува под нови имиња, сега тоа привлекува помало внимание на јавноста, а со тоа помал бес кај јавноста, отколку минатите прекршувања на граѓанските слободи. И покрај тоа што човековите права станаа клучна карактеристика на ерата по Втората светска војна, жртвите на современото ропство сè уште страдаат.

Негативните чувства можат да бидат корисни во напорите да се спречи социјалното исклучување. Огорченоста може да нѐ разоружа, но исто така може да нè мобилизира да преземеме чекори. Кога луѓето ги гледаат неподносливите разлики меѓу она што се очекува во однос на човековите права и што всушност го издржуваат жртвите на современото ропство, станува потешко да се игнорира неправедната распределба на достоинството во нашите општества. И кога ќе се посветиме обединето и глобално да дејствуваме, како што повикува Франциск во циркуларното писмо упатено до сите бискупи и верници, Laudato si’, тогаш станува возможно да се стави крај на современото ропство.

За да се обезбеди достоинство, слобода и општествено учество за секого, глобалните лидери мора да работат на промена на политичките, верските и културните граници. Папската академија на науките идентификува две области на кои треба да се посвети посебно внимание.

Прво, за поддршката за жртвите да биде поделотворна, светот мора да се оддалечи од меѓуверскиот дијалог и да се приближи кон колективното дејствување. Иако верниците не може секогаш да се молат на истиот олтар, светските религии можат и треба да дејствуваат заеднички, за да го промовираат човечкото достоинство, да ги бранат универзалните слободи и да им помогнат на оние што имаат потреба.

Второ, лидерите во различните сектори од живеењето мора да ја подигнат свеста за современото ропство и да работат напорно за да ги спроведат решенијата. Правните и законски професионалци, вклучувајќи ги полицијата, обвинителите и судиите, треба трговијата со луѓе да ја сметаат за главен кривично-правен приоритет. Локалните функционери, како што се градоначалниците, мора да бидат повеќе вклучени во решавањето на проблемот. И државните и окружните власти треба да воведат промени во политиката, почнувајќи од врвот. Најважно од сè е сите овие напори да се координираат за да се осигури дека жртвите никогаш нема да се третираат како криминалци.

Кога Франциск се состана со лидерите во Папската академија на науките во април 2014 година за да разговара за трговијата со луѓе, овој проблем го нарече „отворена рана на телото на современото општество, отров за телото на Христос“. Така мислеле и многумина од раните аболиционери и останува задача на секоја генерација да продолжат со работата што тие ја започнале. Како што се вели во Талмудот, „Вие не сте обврзани да ја завршите задачата, но немате ни право да се откажете од неа.“

Монсињор епископот Марсело Санчез Сорондо е канцелар на Папската академија на науките и на Папската академија за општествени науки.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Марсело Санчез Сорондо

Монсињор епископот Марсело Санчез Сорондо е канцелар на Папската академија на науките и на Папската академија за општествени науки.