fbpx
 

Македонското членство во ЕУ – меѓу желбите и можностите

м-р Ана Блажеска

ana blazeska200x250Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО. Сепак, Советот на министри на ЕУ на состанокот одржан во јуни 2018 година не постигна едногласност за утврдување датум за почеток на преговорите, туку донесе низа заклучоци во однос на реформите што земјата треба да ги спроведе за евентуално да добие датум во јуни 2019 година. Една година подоцна и по ратификацијата на Договорот од двете страни, добивањето датум за преговори останува неизвесно.

Што опфаќа пристапниот процес и колку долго трае?

Според член 49 од Договорот за ЕУ, секоја европска држава што ги почитува и унапредува демократските вредности на ЕУ може да поднесе барање за членство. Клучните критериуми што треба да ги исполни се дефинирани во 1993 во Копенхаген, во три групи – политички критериуми (стабилни институции кои гарантираат владеење на правото, демократија, човекови права, почит и заштита на малцинските групи); економски (функционална пазарна економија која може да ги издржи конкурентските притисоци на европскиот пазар); секторски административен и институционален капацитет (способност да се преземат обврските кои ги налага европското право во сите регулирани области). Дополнително, и ЕУ исто така треба да биде подготвена да ја прими новата држава и овој критериум зависи исклучиво од политичката волја на сите земји членки кои одлуката за проширување ја носат едногласно.

Со новиот пристап кон проширувањето на Европската комисија (ЕК) од 2013 година, поучена од проширувањето со Романија и Бугарија, ЕУ воведува пет области како основни предуслови за пристапување на кои треба да се посвети особено внимание: владеење на правото, јакнење на економското управување, поддршка за демократските институции, почитување на основните човекови права и односи меѓу земјите од проширувањето и земјите членки. Во тој контекст, поглавјата 23 – Судство и фундаментални права и 24 – Правда, слобода и безбедност се првите поглавја што се отвораат во рамки на преговорите и последните што се затвораат, откако сите други услови ќе бидат исполнети.

Пристапните преговори немаат определено времетраење, односно зависат од подготвеноста на земјата кандидат и објективната исполнетост на критериумите за членство, но и од подготвеноста на ЕУ, односно политичката волја на земјите членки да одобрат пристапување на нови држави. Taка, на пример, во случајот на Хрватска, формално преговорите траеја 6 години (2005-2011), а во случајот на Турција беа отворени во 2005 и нема изгледи дека ќе завршат во догледна иднина. Според Стратегијата за проширување на ЕК објавена во февруари 2018 година, пристапниот процес е сложен и долгорочен, зачленувањето се заснова на воспоставени објективни критериуми и строга условеност и секоја земја кандидат ќе биде оценувана врз основа на сопствените заслуги во спроведувањето на неопходните реформи.

Како се одвиваат преговорите и за што всушност се преговара?

Преговорите се одвиваат во рамки на 35 тематски поглавја кои ги покриваат речиси сите области на општественото живеење. Започнуваат со т.н. „скрининг“, односно детална анализа на моменталната состојба во земјата кандидат во однос на исполнувањето на критериумите за членство и степенот на усогласеност со европското законодавство (acquis) во секое поглавје или област. Откако Советот на ЕУ, односно земјите членки едногласно ќе го одобрат извештајот на ЕК за скринингот, се усвојува и преговарачка рамка со почетни одредници за поглавјата, со чие исполнување се пристапува кон отворање на одделни поглавја на Меѓувладина конференција. Поглавјата се затвораат кога ќе бидат исполнети завршните одредници што ќе ги постави ЕУ за секое поглавје, односно кога секоја од земјите членки ќе биде задоволна од напредокот што земјата кандидат го постигнала во поглавјето што се преговара, што му дава силна политичка димензија на процесот.

Самиот термин „преговори“ честопати води до заблуда дека земјата кандидат има можност да преговара за начинот на пристапување или за тоа кои европски прописи да ги усвои, а кои не. Всушност, пристапните преговори значат процес на забрзано усогласување со целокупното европско законодавство кој треба да заврши пред денот на пристапување во Унијата, под детално водство и надзор на ЕК. Предмет на преговори, односно простор за договарање може да постои само за некои прашања од национален интерес за земјата кандидат кои немаат никакви импликации за Европската унија, каде што рокот за усогласување може да биде продолжен по датумот на зачленување. Во случајот на Македонија, со оглед на актуелната состојба, постои голема веројатност тоа да се прашања од поглавјето 27 – Животна средина, кои бараат значителни инвестиции од државата или наметнуваат поголеми трошоци за приватниот сектор. Од друга страна, и Европската унија, односно поединечни земји членки може да бараат преодни периоди и подолги рокови за некои прашања од нивен интерес. Тоа се случи со правото за слободно движење на работници од земјите кои пристапија во ЕУ во 2004, 2007 и 2013. Имено, земјите членки имаа можност да воведат ограничувања за одредени категории работници во период од неколку години со цел да го заштитат домашниот пазар на труд.

Извор: multimedia.europarl.europa.eu

Со потпишувањето на Преспанскиот договор, на состанокот на Советот на министрите на ЕУ во јуни 2018 година иако не беше определен датум за почеток на преговорите, беше дадено зелено светло за ЕК да започне подготовки. Во овој момент во тек се состаноци на техничко ниво на кои службите на ЕК им појаснуваат на македонските институции кои се обврските кои треба да се исполнат во рамки на секое поглавје. Додека во еден дел од поглавјата има ЕУ регулативи и директиви што треба да се усвојат, во друг дел од поглавјата потребно е земјата да донесе политики кои ќе се засноваат на европските вредности и принципи или ќе водат кон исполнување на претходно утврдени цели на ниво на ЕУ.

До каде сме ние во пристапниот процес?

За нас, како што беше повторено и во заклучоците на Советот на министрите во 2018 и во бројни изјави на претставници на ЕК и земјите членки оттогаш наваму, покрај решавањето на споровите со соседите, клучно ќе биде и исполнувањето на Итните реформски приоритети за што многу малку е направено од 2015 година до денес. Имено, неопходно е да се воспостави владеење на правото, деполитизација и професионализација на јавната администрација, борба против корупцијата, реформа на безбедносните служби, јакнење на независноста на судството и слободата на медиумите. По првичната еуфорија со промената на власта во 2016 и големите очекувања дека реформите ќе бидат спроведени, сè погласни се критиките од страна на службите на ЕК и земјите членки дека ни по повеќе од 2 години земјата не ги исполнила бараните критериуми.

Повеќе од јасно е дека декларативната заложба, усвојувањето акциски планови, стратегии, па дури и носењето закони и подзаконски акти не се суштината на реформскиот процес и и овој јуни тешко ќе ни донесат конкретен датум за почеток на преговорите. Потребно е да покажеме дека законите се спроведуваат во пракса, дека еднакво важат за сите и дека тоа создава видлива промена во нашето општество. И тоа што е можно поскоро, затоа што изгубивме премногу долго време, а нема да бидат доволни ни 3, 6, 9 ни 18 месеци за да го надоместиме и да покажеме напредок во која и да е од клучните области.

Поглавје 35 – нашиот Тројански коњ

Преспанскиот договор се поврзува со процесот на пристапување на тој начин што предвидува временска рамка за спроведување на договорот по области која ќе биде тесно поврзана со текот на преговорите, односно затворањето на соодветните поглавја. Теориски и во услови кога и двете страни би биле посветени на целосно надминување на спорот тоа значи дека Грција би била конструктивна и би работела за побрзо членство на Македонија во ЕУ со цел и Договорот што побрзо целосно да се спроведе. Но, според изјавите на лидерот на грчката опозиција, која според сите анкети би требало да победи на изборите во септември и да добие столче на масата во Советот на министри на ЕУ, можностите да бидеме блокирани при отворање и затворање на поглавјата се сосема реални доколку Грција смета дека нејзините интереси со Договорот се доведени во прашање.

И во македонската јавност веќе започна дискусија за тоа како треба да се пристапи кон Договорот во рамки на преговорите и неодговорно да се „флертува“ со идејата за негово вклучување во рамки на поглавјето 35, како што е случај со спорот меѓу Србија и Косово. Идејата, кога подобро ќе се анализира, е во најмала рака ризична по македонската перспектива за членство и звучи особено непромислено кога доаѓа од македонска страна.

Прво, тоа подразбира преговорите за спорот и Договорот да се извадат од рамката на Обединетите нации каде што двете држави се формално еднакви и да се стават под директна надлежност на ЕУ каде што има изразена асиметрија во односот на силите. Тоа би значело дека Грција всушност ќе го следи и оценува почитувањето и спроведувањето на Договорот од страна на Македонија. А кој ќе ја оценува Грција?

Второ, Договорот содржи недоречености и нејаснотии кои двете страни неретко различно ги толкуваат, од кои дел ќе треба да се договорат во некоја следна фаза, а дел може да бидат предмет на дополнителни правни толкувања и разврски. Ако Договорот го вратиме на рамниште на политичко прашање кое се дискутира во ЕУ, го губиме главниот адут на наша страна – меѓународното право.

Трето, ставањето на Преспанскиот договор во поглавјето 35 ќе води кон неизбежно додавање и на Договорот за добрососедство со Бугарија, што ќе биде директен извор на нови нестандардни барања и дополнителни услови во секоја следна фаза од преговорите. Што ако Србија или Албанија станат членки пред нас и излезат со свои барања?

Конечно, дури и во случајот на Србија и Косово, каде што ЕУ имаше реална позиција на непристрасен посредник, се покажа дека овој пристап не функционира и Србија побара исфрлање на Бриселскиот договор од поглавјето 35.

Што треба да се очекува и што може да се направи?

Имајќи ги предвид од една страна внатрешната динамика на пристапниот процес во Македонија, а од друга расположението во дел од земјите членки на ЕУ кои се против скорешно проширување кон земјите од Западен Балкан воопшто, односно пред да бидат решени внатрешните предизвици на ЕУ, оптимистичко очекување би било дека Република Македонија би можела да стане полноправна земја членка на ЕУ во следната деценија, но не пред 2025 година. Европските избори во мај, формирањето нов состав на Европскиот парламент и Европската комисија секако ќе имаат големо влијание врз текот на пристапните преговори и фокусот кој ЕУ ќе го стави на проширувањето воопшто во следните 5 години. Сепак, напорите што треба да ги вложи Македонија за исполнување на обврските од пристапниот процес и работата што треба да биде завршена од страна на институциите се јасно дефинирани од поодамна и не постојат изговори за нивно одлагање. Напротив, потребно е да се разбере дека членството во ЕУ не треба да се гледа како стратешки приоритет во надворешната политика, туку како клучна одредница за длабинска трансформација на низа внатрешни политики.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Anëtarësia e Maqedonisë në UE – midis dëshirave dh...
Кој треба да одлучи како ќе одлучуваат алгоритмите...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 17 Јули 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не