fbpx

Цензусот е услов да имаме нов претседател

Светомир Шкариќ

Политика

03.05.19

Прегледи

проф. д-р Светомир Шкариќ

Ако нема цензус во вториот изборен круг земјата може подолго време да остане без претседател. По вториот неуспешен круг веднаш ќе мора да се распишат нови претседателски избори со нови кандидати. Ако и тие избори бидат неуспешни, тогаш политичките партии треба да се договорат што понатаму. Дали ќе се распишат трети избори едно подруго или ќе се менува Уставот, со цел да се симне цензусот од вториот круг или пак претседателот да се избира во Собранието со двотретинско мнозинство гласови. Постои и трето решение - веднаш по вториот изборен круг од 5 мај да се распишаат предвремени парламентарни и претседателски избори.

Мала излезност во првиот изборен круг

Во првиот изборен круг што се одржа на 21 април 2019 година кандидатите ги освоија следните резултати: Стево Пендаровски - 323.846 или 42,85 %; Гордана Силјановска - Давкова - 319.240 или 42,24% и Блерим Река - 79.915 или 10,57%. Според Уставот, првите двајца влегуваат во вториот круг, а третиот кандидат го напушта натпреварот. Неважечки ливчиња се 32.838 или 4,34%.

Излезноста на првиот круг е најниска во последните 25 години откако се спроведуваат непосрдните претседателски избори. На изборите излегле 755.816 гласачи или 41,82 %. За разлика од тоа, распонот на излезените гласачи во предходните избирачки циклуси во првиот круг се движел помеѓу 77,76 % во 1994 година и 60% во 2004 година. Ниту во еден случај излезноста не се поставувала како проблем за првиот круг, ниту бројот на кандидатите, освен во 1994 година кога немаше кандидат од албанскиот етнос. На сите избори во првиот круг бројот на кандидатите се движел од 2 во 1994 година до 7 во 2009 година.

Причините за ниска излезност во првиот круг во 2019 година се многубројни. На прво место е недовербата на граѓаните во политичките партии што застанаа зад претседателските кандидати. Владеачките партии (СДСМ и ДУИ) ни минимално не ги исполнија ветувањата дадени на парламентарните избори од 2016 година. Со таков багаж, нивниот заеднички кандидат Стево Пендаровски не можеше да смета на подобар резултат во првиот круг. Во иста положба се најде и противкандидатката Гордана Силјановска - Давкова, предложена од страна на опозициската партија (ВМРО-ДПМНЕ). Таа партија и натаму го носи теретот од ,,Црниот понеделник“ и ,,Крвавиот четврток“.

На второ место се поделбите во општеството предизвикани со Преспанскиот договор, Договор со Бугарија и Законот за употреба на јазиците. Поделбите не произлегуваат само од содржината на наведените документи, туку и од начинот на кој се донесени. Едниот кандидат ги поддржува, сметајќи дека земјата со нивна помош се движи напред, а вториот кандидат силно ги оспорува, сметајќи дека поради нив македонската држава забрзано се движи назад. Не се согласуваат ни со начинот на извршените уставните промени со кои е променето уставното име на државата, а имаат спротивставен став и за Законот за амнестија со кој се ослободени од кривиочна одговорност некои учесници во ,,Крвавиот четврток“.

На трето место се судирите помеѓу политичките партии од албанскиот блок. Голем е отпорот кон ДУИ која долго време е на власт, а се уште не одговара за последиците од предходниот режим. Тоа внесува немир и незадоволство кај албанските гласачи, кои во знак на гнев се повеќе апстинираат од изборниот процес.

На четврто место се погубните последи од транзицијата која никако да заврши. Посебно се тешки последиците на економски план. Тешко се доаѓа до работно место, платите се ниски, а образованието и здравството се во катострофална положба. Излезот од постојната состојба луѓето го гледат во иселувањето од земјата, во потрага за подобар живот било каде во светот. На дело е ,,економската анархија на капиталистичкото општество“, длабокиот јаз помеѓу богатите и сиромавите и отсуството на еднаквост меѓу луѓето.

Извор: mia.mk

Македонија одамна е зрела за трета опција, но се уште не покажува подготвеност за тоа, како Грција, Словенија, Франција или Украина. Во тие земји создадени се нови политички партии, а старите се потиснати на страна како стара облека изедена од молци. Се јавија нови лидери, со нови движења и партии. Кај нас, за жал, тоа не се случи на овие избори. Наместо да настапат самостојни, сегашниве кандидати прифатија да бидат привезок на политичките партии. Ни еден од нив не пројави желба да го направи она што го направи Володомир Зеленски во Украина. Со својата мала партија ,,Слуга на народот“ формирана во 2018 година, успеа на 21 април во вториот круг да освои трипати повеќе гласови од неговиот ривал, Петро Порошенко.

Тесната разлика во гласовите во првиот круг е предност за вториот круг

Разликата помеѓу гласовите на Стево Пендаровски и Гордана Силјановска - Давкова изнесува 4.406 гласа. Тоа е најтесната разлика забележана досега во претседателски избори. Разликата помеѓу Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски во 1994 година изнесуваше 516.593, помеѓу Тито Петковски и Борис Трајковски во 1999 година 124.508, помеѓу Бранко Црвенковски и Сашко Кедев во 2004 година 64.689, помеѓу Ѓорѓе Иванов и Љубомир Фрчковски во 2009 година 142.003 и помеѓу Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски во 2014 година 122.935 гласови.

Излезноста во вториот круг не претставувала посебен проблем. Се движела момеѓу 69,56% во 1999 година и 42,6% во 2009 година. Во 2009 година, цензусот се постигна во последен момент. До 18 часот излезноста беше под 38%. До 19 часот постоеше опасност да не се постигне цензус од 40%. Излезност од 42% се постигна во последен момент благодарејќи на ,,командите“ што лидерот на ВМРО - ДПМНЕ ги даваше преку телефон на партиското членство од хотелот ,,Холидеј Ин“ во Скопје каде пред време се славеше победата на Иванов.

Излезноста во вториот круг по правило е помала од излезноста во првиот круг. Тоа се должи најмногу на неучеството на Албанците во вториот круг. Тие би гласале помасовно ако на листата би фигурирал и кандидат - Албанец. Не гласаат радо за кандидати што припаѓаат на други етнички заедници. Затоа бараат заеднички или ,,консензуален“ кандидат. Но и во овој случај Пендаровски во првиот круг доби само 40.000 албански гласови. Тесната разлика помеѓу гласовите на Пендаровски и на Силјановска - Давкова од првиот круг не е хендикеп туку предност. Таквата разлика може да биде мотив за поширока мобилизација на избирачкото тело, бидејќи и едниот и другиот кандидат имаат шанси да бидат избрани за претседател. Така може да се постигне излезност од 40% или на избори да излезат најмалку 723.253 гласачи.

Со обезбедување на цензусот може да се победи и со еден глас повеќе, како што тоа се случи во Франција кога во 1875 година во Националното собрание се одлучуваше за обликот на државното уредување. Републиката ја победи монархијата само со еден глас повеќе (353 за република и 352 за монархија). Со еден глас повеќе, таа (трета) француска република од 1875 година траела подолго од Првата, Втората и Четвртата француска република.

Во борбата за цензус, кандидатите и партиите што стојат зад нив треба да пројават поголема активност во анимирање на апстинентите чиј процент се движи околу 30% од избирачкото тело. Тие се најголемиот резервоар за новите гласови. Тие се и основа за формирање на нови движења и партии што треба да ги заменат постојните владеачки партии.

Во случај да нема цензус, тогаш пред нас ќе се отворат неколку алтернативи. Првата е распишување на парламентарните и претседателските избори веднаш по вториот круг. Тоа е најдобрата алтернатива, ако СДСМ и ДУИ се подготвени за тоа. Обете партии се со слаба кондиција, особено СДСМ по наодите за непотизам, обелоденети од страна на ДКСК во чиј епицентар е раководителот на изборниот штаб на Стево Пендаровски. Втората алтернатива е распишување нови претседателски избори во рок од 40 дена по неуспешноста на вториот изборен круг од 5 мај. Трета алтернатива е постигнување согласност помеѓу партиите на власт и партиите од опозицијата за симнување на цензусот од вториот круг или изборот на претседателот да го врши Собранието со двотретинско мнозинство гласови.

Гласовите за цензус ќе се бараат најмногу од контигентот на гласовите што ги доби Блерим Река во првиот круг. Како кандидат на Алијансата на Албанците и на Беса на Касами тој доби 79.915 гласови. Но. нема да биде лесно да се дојде до тие гласови. Партиите што го поддржаа Река не ја забораваат пресудната улогата на СДСМ во изборот на градоначалниците во Тетово и Струга од редовите на ДУИ. Поголеми шанси за нови гласови се кријат меѓу апстинентите - Албанци. За нив Пендаровски е поприфатлив кандидат од Силјановска - Давкова. Тој го поддржува Законот за употреба на јазиците, а таа е против. Нејзината анализа за неуставноста на Законот, направена за потребите на Кабинетот на Иванов, влева голем страв кај Албанците.

Избирачкиот список е клучен дел од Изборниот законик

Избирачкиот список е најболната точка на изборниот процес од 1990 до денес. За него многу се зборува, а малку се работи на негово средување. Секој го знае тоа, а никој не презема ништо поконкретно, вклучувајќи ја и ДИК. Повремени критики доаѓаат од цивилниот сектор пред и за време на изборите. И натаму се одржува големата разлика помеѓу запишаните избирачи и оние што живеат во земјата.

Бројот на запишаните гласачи од 1990 до 2019 година осцилира од едни до други избори. Во 1990 година во Избирачкиот список беа запишани 1.339.021 гласачи; во 1994 година 1.360.729; во 1998 година 1.572.976; во 2002 година 1.664.296; во 2006 година 1.741.449; во 2008 година 1.779.416; во 2011 година 1.821.122; во 2013 година 1.734.403; во 2014 година 1.779.572; во 2016 година 1.784.524; во 2018 година 1.806.336 и во 2019 година 1.808.131 гласачи.

Бројот на запишаните гласачи е постојано во нагорна линија, освен во 2013 година кога бројот се намали за 25.169 гласачи во однос на 2014 година. Од друга страна, бројот на присутните гласачи во земјата е во постојан пад. Одредени аналитичари тврдат дека во последните десет години од 400 до 500.000 граѓани запишани во Избирачкиот список ја напуштиле земјата и не излегуваат на гласање. Ако тоа се има предвид, тогаш 42% излезност во првиот круг од претседателските избори на 21 април изнесува 60% од присутните гласачи во земјата.

Со таков расчекор помеѓу запишаните избирачи и оние што се присутни во земјата тешко може да се оствари цензусот за референдумот на државно ниво (50%) и цензус за вториот изборен круг на претседателските избори (40%). Станува збор за правна пречка што мора да ја отстрани ДИК. Ако тоа не го направи, тогаш Изборниот законик ја губи својата смисла и вредност.

Крајно време е да се пристапи кон донесување нов Изборен законик.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Светомир Шкариќ

Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година, во селско семејство. Основно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Биран е за асистент на проф. Евгени Димитров, а потоа за доцент и проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Бил на студиски престој во Гренобл, Сапоро и Токио и визитинг професор во Бордо. Предавал 15 години на политичката школа „Јосип Броз Тито“ во Кумровец, заедно со Киро Глигоров, Предраг Враницки, Мухамед Филиповиќ, Мијат Шуковиќ, Милојко Друловиќ и Славој Жижек. Учествувал на повеќе конгреси на Меѓународното здружение за уставно право (L'AIDC), Меѓународно здружение за политички науки (IPSA) и Меѓународно здружение за истражување на мирот (IPRA). Поднесените трудови се објавени во книгата „Македонија на сите континенти“ (2000). Автор е на книгите: Law, Force and Peace - Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување - Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории - нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.