fbpx
 

Двојазичноста вообличува две „зони на лингвистичката територијалност“ во Македонија

м-р Свето Тоевски

sveto toevski200x250Двојазичноста во Македонија ќе се применува се потешко со пројавување отпор кон албанскиот јазик како официјален. Потребно е меѓусебно непринудно запознавање и почитување на сите етникуми со нивните јазици и култури и развивање „јазичен соживот“.

Со изборот на Илбер Села како прв директор на новоформираната Агенција за спроведување на законот за употреба на јазиците, практично започнува оперативната употреба на овој акт. Уште од самиот почеток овој закон го следат забелешки од стручната јавност, а и во Уставниот суд на Република Македонија се поднесени десетина писмени претставки и иницијативи да преиспита дали со овој законски акт е прекршен уставот. Во овој контекст, уште во декември 2017 година професорката по уставно право Гордана Силјановска – Давкова, Симона Груевска – Маџовска, професорка од Институтот за македонски јазик, и академик Катица Ќулафкова се огласија преку „отворено писмо“, истакнувајќи дека тој закон е неуставен по повеќе основи: „...законот за употреба на јазиците (член 2, став 2) предвидува дека ‘било кој службен јазик од член 1 став (1) и (2) може да се употребува во сите постапки: судски, управни, извршни, предистражни, истражни, кривични, прекршочни, парнични, вонпарнични, за извршување на санкции и др. постапки’. Овој став е неуставен (спротивен на ставот 1 од амандманот V), зашто македонскиот јазик, иако задолжителен, е сведен на факултативен, преку формулацијата: ’било кој јазик од став 1 и 2 од овој закон’... на потег е Уставниот суд на РМ, којшто мора да го (од)брани Уставот!“

Законот за јазиците актуелизира две важни прашања, на кои ќе се обидеме да одговориме во оваа социолингвистичка анализа: (1) дали со неговото спроведување може да се создадат дополнителни линии на меѓуетнички расцеп во македонското повеќеетничко и повеќејазично општество и (2) колку е (не)применлив?

„Двојазичноста е дискриминација на Македонците и другите етникуми“

Првин, што велат експертите и лингвистите за законот за јазиците? Според академикот Митко Маџунков двојазичноста претставува закана за македонскиот јазик. „Нетпрес“ во својата информација ја пренесе оваа негова изјава: „Двојазичноста што сега лицемерно се користи за политичка борба е опасен авантуризам, кој води во уништување на нашата држава и на нашиот народ.“ За разлика од Маџунков, Мустафа Ибрахими, албанолог од Универзитетот „Мајка Тереза“, изнесува став дека употребата на албанскиот јазик не го загрозува македонскиот јазик: „Јазиците на поголемите заедници, треба да се употребуваат низ целата територија, секаде онаму каде што граѓаните имаат потреба. Не можеме да имаме привилегирани Албанци, кои имаат многу права (Тетово, Гостивар и др.), и Албанци кои немаат такви права (Битола, Велес, Ресен и др.). Албанскиот јазик беше премногу политички инструментализиран, тој не се гледаше како средство што служи за комуникација, за образование, за зачувување на идентитетот на еден етнос, туку се гледаше како инструмент, каде што албанскиот јазик ја загрозува државата и е штетен за меѓуетничките односи.“

Ќемал Мурати, професор во Албанолошкиот Институт во Приштина, во интервју за весникот „Дита“ од Албанија реагира остро во врска со отфрлањата на двојазичноста: „...денес во Македонија се пројавува див и примитивен ‘лингвистички македоноцентризам’ против јазикот на другиот, конкретно против албанскиот јазик. Македонската политичка класа организираше и протести и митинзи преку банди и фаланги против официјалната употреба на албанскиот јазик со слогани што не ги познава ниту фашизмот: ‘Не на двојазичноста на целата територија на Македонија!’, ‘Не на официјалната употреба на албанскиот јазик во Македонија!’. На ова ќе им завидеше и злогласниот генерал Франко!“

Извор: a1on.mk

„Се воведува двојазичност на целата територија на РМ, иако во две третини од неа нема албанско население“ – констатираше Институтот за македонски јазик во писменото обраќање до Парламентот и Министерството за правда на Република, потпишано од 17 професори – македонисти, со барање тогаш предлог – законот за јазици да биде повлечен од натамошна постапка. Во обраќањето се нагласува: „Македонскиот јазик станува еден од службените јазици во РМ, со што го губи својството на официјален јазик на којшто ќе комуницираат сите етникуми во РМ... Се предлага формирање посебна Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Македонија... ...се формира и Инспекторат за употреба на јазиците... Со ова албанскиот се издига над сите останати јазици во РМ, вклучително и македонскиот, кои немаат посебна агенција и инспекторат со вакви надлежности. ....“

Законот за јазиците – удар врз „Балканскиот јазичен сојуз“

Ставовите на лингвистите во врска со законот за јазиците покажуваат нивна остра спротивставеност врз етничка основа. Тоа е навестување на можните натамошни случувања во општеството: колку повеќе ќе се инсистира на примената на тој закон, може да се очекува дека толку повеќе ќе започнат да се случуваат оддалечувања на индивидуален и колективен план меѓу македонскиот и албанскиот етникум, се посериозни прекини во нивната меѓуетничка комуникација, пројави на одбивност, па дури и омраза кон „другиот“ јазик, албански и македонски. Поставувањето двојазична табла во Охрид доведе и до тепачка уште во март 2017 година.

Законот за јазиците е удар врз повеќејазичноста во Македонија и врз опстојувањето на „Балканскиот јазичен сојуз“ („Balkan Sprachbund“) – научен израз за повеќевековните интензивни, спонтани меѓусебни влијанија и заемни проткајувања на јазиците и културите на народите на Балканот, поради заедничките текови на животот. Македонија и денес е центарот на „Балканскиот јазичен сојуз“. Во својата статија „Балканскиот јазичен сојуз’ во Република Македонија денес: ‘Еврологијата’ како дисконтинуитет и дијалектологија“ Виктор Фридман, лингвист од Универзитетот во Чикаго, САД, вели: „Условите кои го создадоа ‘Балканскиот јазичен сојуз’ продолжуваат да опстојуваат... Од особено значење е сложеноста на повеќејазичноста во Република Македонија, каде што моделите на балканските (јазични - заб.моја) иновации продолжуваат да функционираат дури и денес. ... Албанскиот и македонскиот јазик продолжуваат да влијаат еден на друг и покрај поделеноста на националните политики... ...во зависност од различните социолингвистички околности.“

Сегашните социолингвистички околности диктирани од законот за јазиците не содржат услови за спонтано влијаење и проткајување меѓу јазиците и културите на другите етникуми. Законот ја запоставува еднаквата вредност на сите јазици во Македонија – реално се однесува само на албанскиот јазик – и тој го отстранува постоењето заеднички јазичен фактор на кохезија на општеството, која улога ја имаше македонскиот јазик досега на сета државна територија, во полза на сите етникуми со сите нивни јазици.

Франција со 70 регистрирани и еден официјален јазик – Македонија со 2 официјални и 4 локално официјални јазици

Официјализирањето на албанскиот јазик на сета територија го отстранува и еден принцип, кој што повеќе децении во оптимално приспособена форма го уредуваше статусот на македонскиот јазик во Македонија: „Cuius regio, eius lingua“ – “Чиј е регионот (територијата), негов е и јазикот“, односно, „Принципот на лингвистичката територијалност“ – „Linguistic territoriality principle“. Овој социолингвистички принцип е научно оспоруван, но, сепак, според него е уреден статусот и третманот на мнозинските јазици во голем број најразвиени и најголеми држави во светот. Главниот поборник на принципот на „лингвистичката територијалност“ Филип ван Паријс, белгиски лингвист и политички филозоф, во својата студија „Принципот на лингвистичката територијалност: кршење на правата, или еднаквост во почитта?“ вели: „...режимот на лингвистичката територијалност... е совршено спојлив не само со заштитата на јазиците различни од официјалниот јазик, туку и со охрабрувањето на меѓугенерациското пренесување и на просперитетните културни активности на тие јазици. ... територијалниот режим, кој го заштитува единствениот службен јазик, е совршено спојлив дури и со чувствителното толкување на Европската конвенција за правата на малцинствата. ...тоа може да биде не само толеранција на јазичната разноличност, туку дури и јавна поддршка за неа...“.

Во Франција со 67,3 милиони жители живеат и 6-7 милиони Бретонци, околу 296 илјади Баски, оцитанската етничка група со околу 100 илјади жители... Нивните и други јазици во Франција се дел и од образовните програми во двојазичните училишта. Во својот труд „Франција и јазикот (јазиците): стари политики и нови предизвици во образованието. Кон возобновена рамка?“ („France and language(s): Old policies and new challenges in education. Towards a renewed framework?“, Џемс Коста, лингвист од Универзитетот „Нова Сорбона“ од Париз, и Патриција Ламбер, лингвист од Високата Школа во Лион, Франција, нагласуваат дека „моментно повеќе од 70 јазици се евидентирани во Франција“, дополнувајќи: „Сепак, ниеден од нив не е на кој било начин признат како службен на кој било дел од француската територија. ... Регионалните јазици во Франција сега се признати во уставот како дел од националното наследство, но тоа не им дозволува на нивните говорители никакво посебно право да го користат својот јазик во јавноста.“

Двојазичноста во Македонија ќе се применува се потешко

Со прогласувањето на албанскиот јазик како официјален во употреба во целата земја и формално повеќе не е во примена принципот на „лингвистичката територијалност“ на сета државна територија, поврзано со македонскиот јазик. Двојазичноста вообличува две „зони на лингвистичката територијалност“: сега постојат два државно официјални јазика – македонскиот и албанскиот, како и 4 регионално официјални малцински јазици: српскиот, ромскиот, бошњачкиот и влашкиот јазик. Во значителен број општини и села исцело со албанско население и сега постојат „зони на еднојазичност“ – со употреба целосно, или во најголема мера само на албанскиот јазик. Законот за јазиците создава услови албанскиот јазик да си воспостави зони на сопствена „лингвистичка територијалност“.

Во слична насока е и „најправилното решение“ за официјалната употреба на македонскиот и албанскиот јазик во Македонија, за кое се залага Ќемал Мурати: „... најправилното решение е македонскиот да биде прв официјален јазик во оние зони каде што мнозинското население е македоноговорно, а албанскиот да биде прв официјален јазик во оние територии каде што мнозинското население е албаноговорно.“ Од друга страна, Маџунков во интервјуто за хрватскиот портал „Експрес“ околу двојазичноста тврди: „На дело е лингвистички империјализам кога туѓите територии се освојуваат, или барем се осигуруваат и преку ширењето на својот јазик.“

Двојазичноста во Македонија ќе се применува се потешко со пројавување отпор кон албанскиот јазик како официјален. Реалната потреба на Македонија е меѓусебно непринудно запознавање и почитување на сите етникуми со нивните јазици и култури во неа и развивање „јазичен соживот“. Но, наместо тоа, законот за јазици може да предизвика растечка јазична нетрпеливост и гетоизирање во сопствениот „јазичен и етнички круг“ во истиот животен простор, кој го споделуваат сите етникуми во неа.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Dygjuhësia formëson dy “zona të territorialitetit ...
Shoqëria do të ketë dobi më të madhe nga puna me i...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 24 Мај 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не