fbpx
 

Колку е слободна слободата: мерките во борбата со тероризмот како неопходност или изговор?

м-р Весна Попоска

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

Непосредно по нападите на светскиот трговски центар, САД тешко обезбедуваше поддршка за одлучните акции во борбата со тероризмот и Ал Каеда. Денес, речиси две децении по 9/11/2001, сликата е драстично променета, а анализата на промените во националните законодавства ќе покаже дека легислаторот како чувар на слободите го редефинира наративот. Ставовите кон тероризмот еволуираат. Демократските вредности се на удар како резултат на проментата безбедносна констелација. Легислаторите се повеќе го стеснуваат обрачот околу либераните демократски принципи и етаблираните вредности во срцето на европските демократии. Безбедноста не е изолирано добро, туку е компонента на сложена трансакција. Во смисла на време, пари, флексибилност, приватност, слободи и вклучува и други безбедносни размени што намерно или несвесно, ги правиме секој ден.

Роберт Каган, во својата последна книга вели дека „Авторитаризмот може да биде стабилна состојба на човековото постоење, постабилна од либерализмот и демократијата. Тој допира до клучните елементи на човековата природа што либерализмот не секогаш ги задоволува - желбата за ред, силно лидерство и, можеби над сите, копнежот за безбедноста на семејството, племето и нацијата.“ Колку и да се непосакувани неоконзервативците, битката на националните влади да го одржат статус квото во поглед на прашањата значителни за националната безбедност, им дава ветер во грбот.

Може ли законот да се справи со тероризмот?

За волја на вистината, тероризмот не е нова појава - дури и за време на студената војна, беше перцепиран како безбедносна закана, но повеќе од внатре како закана по националната безбедност, а не како глобален феномен. На терористите во тоа време се гледаше исклучиво како на криминалци, чии методи и цели се неприфатливи. Во оваа парадигма, тероризмот е првенствено проблем со кој треба да се справи законот, пред се кривичното законодавство. Таа парадигма не ги спречи ниту ги победи групациите како Ал Каеда и ИСИС. Иако западните демократии упорно инсистираат на почитување на човековите права во борбата со тероризмот, националните практики покажуваат други трендови. Така, на пример, во 2014 година Франција презеде строги мерки за спречување на поединците да станат странски борци со донесување на законот 2014-1353 и зајакнување на диспозициите во однос на борбата против тероризам. Законот, меѓу другото, дава право на властите да забранат излез од Франција на определени граѓани за период од шест месеци со можност таа мерка да се обновува до две години. Законот беше поднесен на ревизија на Уставниот суд, кој се изјаснил дека законот е уставен и дека слободата на движење мора да се балансира со потребите на јавната безбедност.

Основата за иницирање на ваков тип на промени и инкриминирање на придружувањето кон милитантни групи, пак, произлезе како резултат (не само во Франција, туку во повеќе земји) на две резолуции на Советот за безбедност на ООН во 2014: резолуцијата 2170 која, меѓу другото, повикува да се преземат национални мерки против странските борци на боиштата во Сирија и Ирак и Резолуцијата 2178 која се однесува на легислативата за нивно процесуирање.

Извор: alfa.mk

Во Канада, која во 2015 усвои ново антитерористичко законодавство, предводена од конзервативна влада, во 2017 година либералната влада етаблираше нови надлежности за националната агенција за електронски надзор, давајќи и можност тесно да соработува со армијата и да спроведува офанзивни акции кон странски актери и да исклучува потенцијални сајбер напади со цел да ја заштити Канада и нејзината критична инфраструктура. Критичната инфраструктура, пак, е категорија која е во различни земји различно определена и најчесто опфаќа 12 до 16 т.н. критични сектори, кои ги овозможуваат виталните општествени функции: водоснабдување, здравство, транспорт и слично. Република Северна Македонија, иако долгогодишна членка на коалициите за борба со глобалниот тероризам, воопшто ја нема определено сопствената критична инфраструктура: а дури и тоа да го направи, ќе има сериозен проблем да воспостави ефикасна заштита заради несинхронизиранат поставеност на системот за управување со кризи и цивилна заштита.

Русија е следна во низата земји со рестриктивни промени во легислативата. Пакетот антитерористички измени на законите, донесен во летото 2016 година, а предложен од заменик-претседателот на Државната Дума, Ирина Јароваја и сенаторот Виктор Озеров стана едно од главните прашања на агендата на целата телекомуникациска индустрија во последните години.. Легислативата ги обврзува телефонските и интернет-провајдерите да го зголемат времето за складирање на метаподатоците за содржините што се разменуваат преку интернет на шест месеци, како и да соработуваат со властите во декодирањето на шифрирани сервиси за пораки, како што се WhatsApp, Telegram или Viber. Со пакетот измени во легислативата познат популарно како „Законот на Јаровја" се воведе ново кривично дело - кое подразбира казни од 5 до 10 години затвор - за оние кои „организираат или ги поттикнуваат луѓето да учествуваат во масовни нереди".

Во 2017 година во Германија, стапи во сила контроверзниот амандман на германскиот Кривичен законик, кој ги прошири овластувањата на органите за спроведување на законот да спроведат онлајн пребарувања и извори преку телекомуникациски надзор („Државен тројанец"). Со измените „Онлајн пребарување" се дефинира како добивањето на пристап со технички средства за информатички систем кој го користи осомничениот без негово или нејзино знаење со цел да се извлечат податоци. Изворниот телекомуникациски надзор, наспроти општите телекомуникациски надзори, им овозможува на агенциите спроведување на законот за пристап до податоците на изворот пред енкрипција (шифрирање).

Во мај 2018 со законски измени по однос на тероризмот се соочи и Индонезија, за што жестоко реагираа од Амнести Интернешнл. Со измените, меѓу другото, полицијата може да држи осомничен во притвор до 221 ден без да го изведе пред суд.

Во истиот период, и Обединетото Кралство помина низ сличен процес, со донесувањето на акт за борба со тероризмот и безбедност на границите, кој беше оценет како „погрешен баланс помеѓу слободата и безбедноста“ а со кој се криминализира преглед на определени веб страници како и објавување на „несоодветни фотографии“.

Корените на радикализацијата се многу подлабоки

Дали овие појави беа само одговор на веќе постоечка криза или (и) генератор на нови, допрва ќе се оценува. Степенот на намалување македонски државјани кои заминале на боиштата на ИСИС на пример, кореспондира со инкриминацијата на војувањето во странски војски. Дали проактивната улога на законодавецот ќе влијае превентивно во сите случаи на интервенција, останува да се цени од случај до случај.

Проширување на заканите и покрај стеснувањето на либералниот простор

Она што мора да се има предвид е дека зголемениот степен на радикализација, во секоја смисла, води кон зголемување на дивергентноста на интересите на поединци и групи, за сметка на идеалот за отворени општества. Радикализацијата во еден дел е одговор на стеснувањето на либералниот простор, но во многу поголем дел, одговор на економската и социјалната нееднаквост, губењето на животна смисла, потрагата по идентитет, зголемениот страв и поставувањето граници помеѓу различностите, неодговорното лидерство и популизмот. Европскиот панидеализам под ударот на економската и мигрантската криза, во голем дел беше заменет со „орбанизмот“ и кулминираше со гласањето за Брегзит. Радикалната десница, неофашистите и сродните групации влегоа во националните парламенти на државите кои ја измислија демократијата како концепт. Заклучокот е дека кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

Затоа, секој простор за маневар во насока на надминување на трансгенерациските конфликти, мора да се искористи во време кога светот е исправен пред сериозни предизвици.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Sa është e lirë liria: masat në luftën kundër terr...
A kontribuan kandidatët presidencial për ndërtim t...
 

Коментари 1

Анонимен - Dr.Safet Music on Среда, 22 Мај 2019 14:30

Odlicna analiza.

Odlicna analiza.
Анонимен
Сабота, 15 Јуни 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не