fbpx

Дали исламот го совладува христијанството?

Пол Сибрајт

Политика

15.06.19

Прегледи

Пол Сибрајт (Paul Seabright)

Во светски размери, без оглед што велат популистите, христијанството не е во лоша состојба; тоа е поживо од кога било досега.

Популистите во Европа и Северна Америка често тврдат дека христијанството во современиот свет се повлекува пред бунтовничкиот и самоуверен ислам. Дури и оние кои не ја поддржуваат идејата дека се случува „судир на цивилизации“, честопати заклучуваат дека христијанството се движи во надолна линија.

На прв впечаток, фактите на светско ниво можеби изгледаат како да го поддржуваат овој став. Помеѓу 1950 и 2015 година, според пописните податоци собрани од Светската база на податоци за религии, што претставува голем компаративен проект со седиште на Бостонскиот универзитет, процентот на муслиманско население во светот се зголемил од 13,6% на 24%. Во истиот период, процентот на христијанско население опаднал од 35% на 33%.

Сепак, ова не е толку едноставно како што изгледа. Истите трендови изгледаат многу поинаку кога ќе се разграничат по региони. Христијанството расте бавно од 1950 година, бидејќи таа година било сконцентрирано во два вида региони: оние, како Европа, кои биле населени, но растеле бавно, и оние, како Супсахарска Африка, кои биле брзорастечки, но сепак мали. Исламот брзо расте од 1950 година, бидејќи бил концентриран во населени региони кои биле предодредени да растат брзо во текот на следните 65 години, особено во Азија (спротивно на широко распространетото стереотипно верување, приближно 80% од муслиманите во светот не се Арапи). Христијаните сочинувале помалку од 3 проценти од населението во Азија во 1950 година. Значи, иако ова учество се зголемило на 9 проценти до 2015 година, премногу од светските бебиња родени во меѓувреме и онака никогаш немало да бидат христијани.

Но, народите од светот се спојуваат, и тоа со брзо темпо. Еден од единствените железни закони со кои се уредуваат човечките општества е дека кога жените добиваат подобро образование и кога смеат да работат за пари, тие решаваат да имаат помалку деца, без оглед на тоа што велат нивните епископи и имами. Плодноста во муслиманското мнозинство во Иран опаднало со иста брзина во 80-тите и 90-тите години од дваесетиот како во комунистичка Кина, една деценија претходно, за време на политиката за едно дете. Во дваесет и првиот век, демографијата ќе ја изгуби речиси целата своја претходна важност во обликувањето на релативниот раст на светските религии.

Еден начин да се види важноста на демографијата досега, е да се пресмета колкав би бил процентот на христијанството и исламот во светското население во 2015 година, доколку бројот на приврзаници на секоја религија едноставно растел со просечната стапка на населението во нивната земја од 1950 година па навака. Исламот би имал удел од 20,2%, така што неговиот удел од 24% е навистина многу повисок од очекуваното. Но, христијанството би имало само 27,7%, така што нејзиниот вистински удел од 33% е исто така е многу повисок од очекуваното.

За да разбереме што се случува, ќе ја земеме Африка за пример. Во 1950 година, муслиманите претставувале 36 проценти од населението во Африка, процент што до 2015 година се искачил на 41,8%. Христијаните претставувале само 21% од населението во 1950 година, но до 2015 година тој процент се зголемил на неверојатни 48,5%. Ова во голема мера било одраз на големата експанзија на евангелистичките и пентакосталистичките цркви низ континентот, од Абиџан до Занзибар. Значи, ако исламот и христијанството добиле поголем дел од колачот, кои религии изгубиле дел од своите редови?

Одговорот е во  големиот број на различни религии кои Светската база на религии ги класифицира како „етнорелигии“. Овие локални и народни практики опфаќаат сè од духовно исцелување до свечени обреди, претскажување на иднината и напитоци/обреди за љубов, смрт и војна. Во овие религии предмет на обожување може да бидат боговите на селото, реката, шумата и планината. И додека во нив верувале 42,6% од населението во Африка во 1950 година, овој удел паднал на само 8,6% до 2015 година.

Ова не важи само за Африка. Азија, исто така, доживеала пад на процентот на населението што се изјаснува дека се придржува кон локалните и народни религии, особено оние кон кои биле приклонети голем број Кинези, и покрај напорите за централизација од луѓето како Конфучие и Мао Це Тунг. Во Латинска Америка, каде што римокатоличката црква се појавила многу порано, повеќето етнорелигии исчезнале во деветнаесеттиот век.

Накратко, големата приказна за религијата во минатиот век не е идеолошка борба помеѓу христијанството и исламот, во која победува исламот. Тоа е приказна за растечката корпоратизација, каде што локалните и народни религии низ целиот свет постепено, но неизбежно се заменуваат со цркви и џамии кои се поврзани со една од двете најголеми религии во светот. Хиндуизмот и будизмот, двете други главни религии, многу побавно реагираа. Сепак, тие почнуваат да се менуваат, а растечката религиозна убедливост на индиската владејачка партија Бхаратија Јаната е само предвесник на многу поголеми нешта што ќе следуваат.

Оваа појава е религиски еквивалент на тоа како Волмарт (Walmart) и Таргет (Target) ги истиснаа локалните продавници во САД. Тоа нам може да ни се допаѓа или да не ни се допаѓа, но појавата се покажа незапирлива.

Во минатото религиите се натпреварувале на три главни начини: војна и освојување, демографско ривалство и убедување (на пазарот на верувања, може да се каже). Војната и освојувањето беа претежно најважниот начин на кој се одвивал натпреварот меѓу религиите низ историјата, сè до деветнаесеттиот век, а демографското натпреварување бил најважниот начин во поголемиот дел од дваесеттиот век. И покрај турбуленциите на Блискиот Исток, војната и освојувањето масовно изгубиле од важноста како средство за религиозен натпревар во последниве децении. И демографската конкуренција ќе исчезне, бидејќи женските деца во светот постепено раѓаат сè помалку деца.

Во светски размери, без оглед што велат популистите, христијанството не е во лоша состојба; тоа е поживо од кога било досега. Во овој век, повеќето религиозни активности ќе се одвиваат на пазарот. Како и во многу други пазари, економиите на обем носат големи приноси за оние кои наоѓаат начин да ги искористат. Затоа корпоративната религија нема да биде само привремена појава, и тоа е причината зошто треба да очекуваме таа да ја консолидира својата доминација.

Пол Сибрајт е директор на Институтот за напредни студии во Тулуз.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Пол Сибрајт

Пол Сибрајт е директор на Институтот за напредни студии во Тулуз.