fbpx
 

Човечката природа и етичкиот живот

Масимо Пиглиучи (Massimo Pigliucci)

Еволутивните психолози и некои невро-научници велат дека ние лошо се приспособуваме во модерниот контекст – дека во основа сме плеистоценски мајмуни кои се опремени со мобилни телефони и нуклеарно оружје.

Постои ли човечка природа? Одговорот е важен за секој човек кој размислува за етика. Во ова време кое е окарактеризирано со неморално политичко лидерство и деградирани социјални вредности, да се размисли за суштината на човечноста никогаш не било поважно.

Филозофскиот концепт на „човечката природа" има долга историја. Во западната култура, првите напори за нејзино проучување ги направил Сократ во петтиот век пр.н.е., но Аристотел тврдел дека човечката природа се карактеризира со уникатни особини, особено потребата на луѓето да се дружат и нашата способност за расудување. За стоиците на хеленистичка Грција, човековата природа е она што му дава значење на животот и придонесува за нивното прифаќање на космополитизмот и еднаквоста.

Древните кинески филозофи како Конфучие и Менг-це верувале дека луѓето имаат вродена човечка природа која во суштина е добра, додека Сјин-це сметал дека е зла и дека не разликува добро и лошо. Според еврејско-христијанско-исламските традиции, човечката природа е фундаментално корумпирана од гревот, но може да се искупи со прифаќање на Бога, по чија слика ние сме создадени.

Современите западни филозофи, кои пишувале во седумнаесеттиот и осумнаесетиот век, повеќе ги развиле овие идеи. Англискиот филозоф Томас Хобс тврдел дека нашата природна состојба води кон живот кој е „осамен, беден, валкан, суров и краток", поради што ни е потребен силен, централизиран политички авторитет (таканаречен Левијатан).

Спротивно на тоа, Жан-Жак Русо верувал дека човечката природа е податлива, но дека нашата првобитна состојба не вклучува разум, јазик или заедница. Тој заклучил дека несогласувањето помеѓу нашата рана состојба и модерната цивилизација е всушност причина за сета наша несреќа и се залагал за буквално враќање кон природата. Дејвид Хјум, секогаш разумен и умерен, тврдел дека луѓето се карактеризираат со комбинација на алтруизам и себичност и дека таквата комбинација може делумно да се моделира на подобро (или полошо) со помош на културата.

Работата на Чарлс Дарвин во средината на 19 век ги оцени за неиздржани многу од раните „есенцијалистички“ ставови за човечката природа. Идејата дека луѓето имаат извесен број на карактеристики кои се специфични само за луѓето е во спротивност со бавното, постепено темпо на дарвинистичката еволуција. Додека хомосапиенсот еволуирал како посебен вид примат, не постојат јасни поделби помеѓу нашата биологија и онаа на другите видови.

Така филозофската дебата за човечката природа и натаму жестоко се одвива, ажурирана со наодите од биологијата. Денес, некои филозофи ги толкуваат Русо и Дарвин така што велат дека самата човечка природа е непостоечка и дека биологијата може да го ограничи телото, но дека не го ограничува нашиот ум или нашата волја.

Еволутивните психолози, па дури и некои невро научници велат дека тоа се бесмислици. Пораката што ја земаат од Дарвин (и делумно од Русо) е дека ние лошо се приспособуваме во модерниот контекст – дека во основа сме плеистоценски мајмуни кои се опремени со мобилни телефони и нуклеарно оружје.

Како еволутивен биолог и филозоф на науката, моето гледиште е дека човечката природа сигурно постои, но дека таа не е заснована на никаква „суштина“. Наместо тоа, нашиот вид, исто како и сите други биолошки видови, се карактеризира со динамичен и еволуирачки сет на особини кои статистички се вообичаени за нашата лоза, но не се присутни кај секој член, ниту пак отсутни од секој друг вид.

Зошто овие работи би биле важни за некој кој не е научник или филозоф? Како одговор би можел да наведам барем две добри причини. Едната е лична, другата е политичка.

Прво, начинот на кој ја толкуваме човечката природа има широки импликации за етиката, во древната грчко-римска смисла на проучување на тоа како треба да ги живееме нашите животи. Некој што има еврејско-христијанско-исламско гледиште за човечката природа, нормално ќе го обожава Бога и ќе ги следи насоките од верските заповеди. Спротивно на тоа, некој што ќе ја прифати егзистенцијалистичката филозофија по линиите на Жан-Пол Сартр или Симон де Бовоар можеби верува дека, поради тоа што „постоењето претходи на суштината“, ние сме радикално слободни да ги обликуваме нашите животи според нашите сопствени избори и не ни треба Бог да ни помага.

Освен тоа, ставовите за човечката природа влијаат врз ставовите за етиката. И денес, нашата етика е во крајно лоша состојба. Една неодамнешна студија во САД го нарече претседателството на Доналд Трамп „најнеетичко“ во американската историја, додека годишното истражување на Галуп за ставовите на САД кон моралот укажува на постојана ерозија на социјалните норми. Ако сите одвоиме време да размислиме кои се нашите ставови во дебатата за човечката природа, би можеле да стекнеме вреден увид во нашите сопствени верувања, а како продолжение на тоа би дознале многу и за верувањата на другите.

Лично, повеќе се приклонувам кон натуралистичката етика на стоиците, за кои човековата природа ограничува и сугерира, но не одредува строго, што можеме и што треба да правиме. Сепак, без оглед на религиозните или филозофските тенденции, размислувањето за тоа кои сме, во биолошка и во инаква смисла, е добар начин да се преземе поголема одговорност за нашите постапки. Очигледно е дека на многумина од нас може да им користи ваква вежба.

Масимо Пиглиучи е професор по филозофија на К.Д. Ирани на Градскиот колеџ во Њујорк. Тој е автор на книгата How to Be a Stoic: Using Ancient Philosophy to Live a Modern Life. Неговите блогови може да ги прочитате на patreon.com/PlatoFootnotes.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Интеграција во Европската Унија: Соработката на ло...
Корупцијата на Балканот: упорна и тешко излечива
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 18 Јули 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не