fbpx
 

Цената за отстранување на ризиците од инфраструктурното финансирање е висока

Хауард Ман (Howard Mann)

howard mannКога Светската банка и другите институции зборуваат за „дерискирање“ на финансирањето во инфраструктурата, тие всушност зборуваат за намалување на ризикот за инвеститорите, а зголемување на ризикот за владите.

Светската банка и другите мултилатерални институции сè повеќе промовираат мерки за отстранување на ризиците (т.н. „дерискирање“) на инфраструктурните инвестиции во земјите во развој, со цел таквите проекти да станат попривлечни за меѓународно финансирање. Но, „отстранувањето на ризици“ не е точен опис на тоа што се прави: секој проект може да претрпи последици од надворешни настани, од несоодветно планирање или лошо раководење. Одредено ниво на ризик, без разлика дали произлегува од човечка грешка и институционална слабост, или од земјотреси, урагани и безброј други извори, е присутно во сите инфраструктурни инвестиции.

Значи, прашањето не е како да се елиминира ризикот, туку како истиот да се распредели меѓу страните што учествуваат. Кога Светската банка и другите институции зборуваат за „дерискирање“ на финансирањето во инфраструктурата, тие всушност зборуваат за намалување на ризикот за инвеститорите, а зголемување на ризикот за владите.

Предложените одредби за распределба на ризици за јавно-приватни партнерства содржани во Упатството на Светската банка за договорните одредби за ЈПП, издание 2017 година го користат овој пристап, но во степен кој претставува нова крајност. Во речиси секој непредвиден настан, почнувајќи од „виша сила“ до неисполнување на договорните одредби од приватната страна, се посочува јавната страна да го преземе целиот ризик или значаен дел од ризикот. Покрај тоа, метриката на Банката за утврдување на ефективноста на овој непопустлив пристап е „успешно набавени трансакции со ЈПП“. Нема никаква мерка со која би се утврдило дали проектот всушност ги обезбедува наменетите стока или услуги за граѓаните и нема никаков механизам за изрекување санкции ако тие не се обезбедуваат.

Овој екстремен пристап кон распределбата на ризиците може да има далекусежни последици. Една од главните причини зошто владите ги користат ЈПП во инфраструктурата е тие да можат да не ги пријават таквите проекти како владини проекти (незаведени во владина евиденција). Тоа значи дека финансирањето на проектот не се смета за директен капитален расход на владата и за тој проект не важат „плафоните“ утврдени за државно задолжување. И бидејќи трошоците на проектот треба да се исплаќаат во даден временски период преку директни кориснички надоместоци или оперативни средства обезбедени од страна на владата, капиталниот расход се смета како „бесплатни пари“ за кои владите не мора да даваат отчет.

Но, финансиските институции, како што е Меѓународниот монетарен фонд, веќе преземаат мерки против ваквиот концепт на „бесплатни пари“, посочувајќи дека колку е повисок ризикот за владата, помалку проектот може да се дефинира како проект за кој не мора да се следат финансиските одредби за владини проекти (незаведени во владина евиденција). Според тоа, одредбите на Светската банка за неправилна распределба на ризикот, всушност, би значеле поголема веројатност дека проектите со ЈПП ќе треба да се категоризираат како финансирање и долг на база на владина евиденција. Тоа би било добро само по себе. Со евидентирањето на сите инфраструктурни проекти во својата евиднеција, владите ќе бидат во подобра позиција да проверат дали обезбедуваат вистинска вредност за парите.

Проблемот е што овие дискусии се случуваат зад затворени врати. Во меѓувреме, Светската банка продолжува да ги промовира ЈПП како единствена прифатлива форма на финансирање во инфраструктурата за земјите во развој во случаи кога е изводливо приватна страна да ја заврши работата. И владите продолжуваат да акумулираат уште поголем ризик, под претпоставка дека тоа е вон нивна евиденција и затоа не е задолжително да се следат насоките за државно задолжување.

Како резултат на тоа, за многу земји во развој ќе следува многу лошо сценарио. Ризиците што ги преземаа владите ќе траат 20-30 години во многу случаи. Во тоа време, владите ќе се соочат со сериозни предизвици во управувањето со јавните расходи и ќе направат непредвидени трошоци поврзани со неевидентираните обврски и прекумерните задолжувања, што ја зголемува можноста за неисполнување на обврските за сите кредитни обврски.

Уште полошо е што сегашниот пристап на Светската банка создава морална опасност: колку е помал ризикот што ја презема приватната страна во ЈПП, толку помали може да бидат казните од слаби резултати. Одредбите од Упатството на Банката предвидуваат дека дури и во ситуација кога приватниот партнер не ги исполнил сите обврски од договорот, нему мора да му се исплати надоместок, за владата да може да го раскине договорот. Како резултат на тоа, некои изведувачи од приватниот сектор може да претпостават дека не е задолжително да постигнат добри резултати; наместо тоа, тие постојано можат да премеруваат дали им е поисплатливо работата да ја завршат со просечен или потпросечен квалитет.

Сегашниот пристап , исто така, претставува отворена покана за приватните страни да извлечат уште повеќе пари или поволности од владите, со повторно преговарање за активните договори. Соочени со изборот да ги платат целосните трошоци за неуспешен проект или да платат повеќе за да се осигурат дека проектот ќе биде успешен, владата нема многу избор освен да ги исполни барањата на партнерот од приватниот сектор.

Ова не е далечен или тешко остварлив ризик. Светската банка и други институции веќе со години знаат дека приватните компании често иницираат повторни преговори за договорите во инфраструктурните проекти со ЈПП. И ова е уште поверојатно да се случи кога договорите се доделуваат во контекст на тендерски процедури што имаат пропусти, што создава можности за приватните компании да поставуваат нереални договорни услови.

Без сомнение, Светската банка има добри намери. Но, префрлање на целиот ризик врз владите не е начин да се привлечат инвестиции во земјите во развој. Банката итно треба да ја смени насоката на постапување во оваа област. Тоа значи промовирање на избалансирана распределба на ризици и уверување дека сите инфраструктурни проекти се предмет на оценување исто како и проектите во владина евиденција. Давањето на упатства кои не ги земаат последиците предвид не е од корист. А кога тие им се даваат на земјите во развој кои веќе имаат неодржливи државни долгови, тоа е дури и опасно.

Хауард Ман е виш советник за меѓународно право на Меѓународниот институт за одржлив развој.

 

Copyright: Project Syndicate, 2018.

www.project-syndicate.org

Рашковски пука во празно: Стратешките тужби за зам...
Çfarë ministër i financave na nevojitet?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Недела, 18 Август 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не