fbpx
 

Губењето на невиноста на Нов Зеланд

Рамеш Такур (Ramesh Thakur)

rames takurНе смееме да ги уништуваме нашите најценети вредности на слободата во потрагата по недостижна апсолутна безбедност.

По терористичките напади на 11 септември 2001 година, „Ле монд“ ја напиша славната изјава „Денес, сите сме Американци“. По ужасите во Крајстчрч, Нов Зеланд, мора да ја дадеме истата изјава: Денес, сите сме муслимани. Злото на таа бела супрамацистичка лутина мора да нè обедини. И не само тоа, туку мора да ја инспирира обединетата волја што е неопходна за борба против геноцидната омраза и за спроведување на ефективни мерки за спречување социјалните медиуми да овозможуваат или помагаат убиствен бес.

Пристигнав во Нов Зеланд во петокот, муслиманскиот ден на молитва, кој стана ден на масакрот. Како и атентатот на Олоф Палме во Шведска во 1986 година, нападите на 11 септември во САД и убиствениот напад на Андерс Брејвик во Норвешка во 2011 година, 15 март ќе го одбележи денот кога Нов Зеланд ја изгуби својата невиност и стапи во ерата на постмодерниот масовен терор.

Вооружениот напаѓач Брентон Тарант, 28 годишен Австралиец кој живеел во Данејдин, околу 360 километри јужно од Крајстчрч, носел воена работна униформа и користел две полуавтоматски пушки, две сачмарки и една пушка винтовка кога извршил напад на две џамии. Додека методично убивал 50 лица (а уште 50 биле повредени), за време на попладневната молитва, тој вршел пренос во живо на Фејсбук. Видеото е отстрането откако било „споделено“ на Твитер и други платформи на социјалните мрежи.

Тарант, исто така, објавил и „манифест“ од 74 страници на социјалните медиуми во кое ги објаснил неговите постапки. Неговиот наслов се базира на концептот на „Големата замена“, промовиран од францускиот писател Рено Камус. Поддржувачите на овој концепт се убедени дека големиот обем на имиграција што сега е присутен на Запад, претставува „замена“ на домашното население со имигрантско население, и, се разбира, инфериорни култури. Приливот на новодојденци резултира со „бел геноцид“.

Но, денешната бела надмоќ не е толку кохезивна идеологија, туку повеќе е шведска маса на интуитивни чувства што е широко, но плитко распространета низ западниот свет преку социјалните медиуми. Непријателското чувство наменето посебно кон муслиманите не е ништо ново, присутно било и кога Винстон Черчил предупредил за „милитантниот мухамеданизам“ во 1898 година и говорот на Енох Пауел во 1969 година наречен „Реки крв“. Тарант ги мразел имигрантите од Третиот свет и сакал да се одмазди за исламистичките напади во Европа , и се обидел да предизвика страв кај муслиманите што живеат на Запад. Тој го избрал Нов Зеланд токму поради тоа што е оддалечено место, за да покаже дека дури и далечниот Нов Зеланд страда од масовна имиграција и дека ниту едно место на планетава не е безбедно.

Во таа смисла, тој успеа. Пукањата се ретки во тоа мирно, рајско парче земја. Сепак, тука се случи најлошиот масакр во историјата на Нов Зеланд и најстрашното масовно убиство на муслимани насекаде на геополитичкиот Запад. Иследниците ќе треба да утврдат како едно лице можело да акумулира толку многу оружје во земја каде постојат прописи за контрола на оружјето. Премиерката Џасинда Ардерн веќе изјави дека ќе се донесат закони за уште построги контроли.

Изјавата што таа ја даде во петокот вечерта беше совршена: „Ние не бевме избрани за ова насилство затоа што го осудуваме расизмот“, туку затоа што „претставуваме разновидност, љубезност, сочувство, дом за оние кои ги делат нашите вредности, засолниште за оние на кои им е потребно“. „Можеби сте нè избрале нас“, изјави таа зборувајќи за напаѓачите, но „ние целосно ве отфрламе и осудуваме“.

Расположението на улиците на Велингтон во саботата наутро беше мрачно. Додека се шетав низ ботаничките градини, еден локален клуб играше крикет во соседниот парк. Црните ленти на солидарноста стоеја истакнато на белите кошули на играчите.

Крајстчрч докажува дека тероризмот не е ограничен само на една заедница или религија, туку е универзален морален неуспех. Можеби повеќето терористи во денешницата извршуваат ужасни дела во име на некој изобличен Ислам, но исто така е точно дека повеќето жртви на исламистичкиот тероризам продолжуваат да бидат муслимани.

Крајстчрч, исто така, ја докажува нелогичноста на правење разлики меѓу „нашите“ и „нивните“ терористи, одобрувајќи или толерирајќи една група додека се изолира и ликвидира другата. Безбедноста од стравот од тероризмот е навистина неделива, и моралниот релативизам нема место во исполнувањето на предизвикот да се стави крај на ова зло. Вистина е дека борбата против тероризмот е војна без граници, против непријатели кои не знаат за граници и немаат морална совест. Ако ние ја занемариме нашата морална совест, се спуштаме на нивно ниво.

Веројатно е неопходно да се има отворена, искрена и пристојна јавна дебата за нивоата на имиграција на различни групи, со цел да се одржи социјалната кохезија. Ова може да се направи додека истовремено се утврдува дали секоја група која веќе живее во некоја земја има право на целосна еднаквост и законска заштита.

Без разлика дали терористите дејствуваат во име на белата надмоќ или Исламот, нивната цел е иста: да се подели Западот од исламскиот свет, да се зацврсти поларизацијата и да се фрли заедницата на цивилизирани земји во пламенот на омраза. Не смее да им се дозволи да успеат.

На крајот, не може да има гарантирана сигурност против терористите чијашто смелост, имагинација и суровост се неограничени. Не смееме да ги уништуваме нашите најценети вредности на слободата во потрагата по недостижна апсолутна безбедност.

Иако не смееме да дозволиме разумот и нашето скапоцено наследство на граѓански и политички слободи да биде совладан од тага, страв и гнев, мора да испитаме дали и во колкава мера социјалните медиуми што го прикажувале нападот сега создаваат нови напаѓачи. Дури откако ќе ја разбереме улогата на овие платформи и соодветно ќе реагираме, ќе можеме да оддадеме почит на жртвите на начин на кој тие заслужуваат, односно со препознавање на нашата заедничка човечност.

Рамеш Такур е почесен професор на Факултетот за јавна политика „Крафорд“, во рамките на Австралискиот национален универзитет и е поранешен помошник-генерален секретар на Обединетите нации

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Големата борба на глобалистите и националистите (в...
Të gjitha kombet janë konstrukte bashkëkohore
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 13 Декември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не