fbpx
 

Прекумерните привилегии на претседателот

проф. д-р Светомир Шкариќ

svetomir skarik 200x250Претседателот на Републиката има привилегии непознати за мала и сиромашна држава. Воведени се набрзина, на мала врата, со обичен закон. Како последица на тоа, Македонија е две децении во парадоксална состојба. Од една страна, претставува „златна земја“ (Елдорадо) за поранешните претседатели и нивните семејства, а од друга, граѓаните се дават во екстремна сиромаштија. Законот треба да се укине оти поттикнува клиентeлизам, корупција и крадливи навики во општеството.

Привилегиите на поранешните претседатели

Претседателот на Републиката е централна државна институција, заедно со Собранието, Владата, Уставниот и Врховниот суд. За сите нив важи начелото на статусна или институционална уставност. Според овој принцип, нивните права и должности се утврдуваат со Уставот, а не со закон. Спуштањето на надлежностите на пониски акти значи слабеење на нивната уставна положба. Од цврста се преминува на мека уставност, подобна за девалвација на легитимитетот на централните органи.

Со Законот за правата на претседателот на РМ и неговото семејство од 2004 година грубо е отстапено од начелото на статусна уставност. Со овој закон, донесен со обично мнозинство гласови, се воведуваат привилегии за претседателот за што нема ни збор во Уставот. Негов претходник е Законот за правата на претседателот на РМ по престанокот на функцијата од 1999 година. Наведениот закон е донесен по завршувањето на вториот мандат на претседателот Киро Глигоров, во време кога навршил 82 години старост. Новиот закон ги презема старите привилегии и воведува нови, несфатливи за здравиот разум. На претседателот му се гарантира правото на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима активниот претседател (чл. 3). Тоа значи право на претседателска плата од првиот месец на претседателскиот мандат до крајот на животот. За него не важат условите за пензионирање предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа е тешка повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните пред законот. За повредата молчат државните органи, бидејќи и тие очекуваат за себе исти привилегии. Подолго време се бунтуваат единствено новинарите и научната мисла.

Поранешниот претседател има право на вработување три стручни лица во кабинетот (чл. 4). По правило, лицата ги избира од редот на неговите соработници кои му помагале додека ја вршел функцијата претседател. Привилегиите не запираат тука. Тие опфаќаат и други права, како што се правото на канцелариски простор, правото на лично обезбедување, правото на службено возило и возач и правото на материјални трошоци во висина од 8 отсто од средствата во Буџетот, наменети за претседателот (чл. 10). За двајцата поранешни претседатели годишно се издвојуваат буџетски средства околу 300.000 евра. А средствата се користат бадијала што се гледа евидентно од десетогодишното користење на привилегиете од страна на Бранко Црвенковски.

Правата ги немаат само поранешните претседатели кои останале на функција до крајот на мандатот. Правата ги ужива и претседателот кој трајно е спречен да ја врши функцијата пред истекот на мандатот. Ако поради здравствени причини, на пример, претседателот престане да ја врши функцијата, во таков случај тој веднаш се здобива со наведените привилегии, независно дали функцијата ја обавувал еден ден или подолго време (чл. 2). Оттука силна желба да се освои претседателската функција, по секоја цена.

Привилегиите истурени со широка рака

Привилегирано е и семејството на претседателот. Во случај на смрт, неговиот брачен другар и малолетните деца до наполнети 26 години возраст имаат право на претседателска пензија намалена за 30 отсто (чл. 11). Нивната пензија е поголема од пензиите на другите граѓани предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Привилегиите, пак, на семејството на починатиот претседател за време на траење на неговиот мандат се уште поголеми. Законодавецот ги дава со штедра рака, ги истура без мерка. Секој месец, сопругата или сопругот имаат право на паричен надоместок во износ на претседателската плата. Право на таков надоместок имаат и малолетните деца на починатиот претседател ако немаат друг родител. Тоа право го користат до завршување на редовното школување односно до наполнување на 26 години возраст. Децата на починатиот претседател имаат право и на стипендија за школување во земјата и странство до наполнети 26 години возраст (чл. 12 и 13).

Prekumernite privilegii na pretsedatelotИзвор: slobodenpecat.mk

Семејството на починатиот претседател има и други права. Право на сопственост на семејна куќа до 300 квадратни метри простор платена со буџетски средства; право на лично обезбедување, службено возило и возач; право на службени простории за прием на домашни и странски делегации; право на финансиски средства и на службена придружба при патувања на член на семејството ако добие официјална покана за присуство на манифестации надвор од земјата (чл. 15, 16).

Привилегиите на семејството се надоградени двапати, во 2006 и 2007 година. До 2006 семејството имало право на сопственост само на градежно земјиште за изградба на семејна куќа со платен надоместок од буџетски средства. Од 2006 семејството се здобива со право на буџетски средства и за изградба на семејна куќа до 300 метри квадратни простор. Во 2007 рокот од две е продолжен на три години за изградба на семејната куќа, по стекнатото право на сопственост врз градежното земјиште. До вселувањето во семејната куќа, семејството на починатиот претседател има право на бесплатно користење на државен стан, со неопределена квадратура.

Наместо скромност - беспоштедна алчност

Законот им овозможува на поранешните претседатели на нивно барање да им мируваат привилегиите до исполнување на условите за пензија предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување (чл. 7). Законот му овозможува и на семејството на починатиот претседател, наместо семејна куќа, да одбере стан во своја сопственост, платен со буџетски средства. Сите тројца ја одбрале за себе попривилегираната варијанта. Поранешните претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов се определија за доживотна претседателска плата и други привилегии, а семејството на Трајковски за семејна куќа до 300 квадратни метри станбен простор. Одлучија да земат се што може да се земе, без да водат сметка за животот на граѓаните.

Првиот од претходните живи претседатели е електроинжинер по струка, со подолго државничко искуство. Долго време бил лидер на СДСМ и три пати ја вршел функцијата премиер. По смртта на Борис Трајковски, тој се воздигнува и на претседателската функција, две години пред да му заврши премиерскиот мандат. Вториот е дипломиран правник и универзитетски професор, без претходно државничко искуство. На функцијата е воздигнат механички, одозгора, како октроирана личност. Обајцата одбија да се вратат на претходните работни места. Едниот стана пензионер на 47, а другиот на 59 години возраст.

Првиот експретседател зад себе остави подобра репутација. Но со себе влече негативно салдо како премиер. Во негово време се случи приватизацијата, оценета како „постсоцијалистичка пустелија“ (Postsocialist Desert). Најтешка хипотека му е атентатот врз претседателот Киро Глигоров. Досега не кажа ништо зошто ја одбил „понудената оставка“ на министерот за внатрешни работи и зошто по атентатот го воздигна на функцијата - министер за надворешни работи. Глигоров го очекуваше одговорот до крајот на животот. Истото го очекува и Стојан Андов, со обвинување дека „не презеде ниту една мерка“ за откривање на актерите на атентатот, иако сите „ефикасни мерки му беа в раце“.

Вториот експретседател зад себе остави негативно салдо. Во политиката не внесе ништо ново од науката, иако магистрирал на цивилното општество и докторирал на демократијата во поделеното општество. Покажа нечувствителност за сопствените грешки и негрижа за сопствената кривична одговорност. За себе тврди дека е „чесен“ а побара канцелариски простор со месечна кирија од 2.000 евра. За време на неговите мандати се случија „Црниот понеделник“ и „Крвавиот четврток“. Незаконската аболиција и противењето на универзитетската автономија се негови најтешки хипотеки. Првата го обелодени како заштитник на неказнивоста во општеството, а втората му ги затвори вратите на универзитетот. Без двоумење застана против Студентскиот и Професорскиот пленум, како да не бил никогаш универзитетски професор.

Законот за правата на претседателот и неговото семејство треба да се стави вон сила, да се исклучи од правниот поредок, заедно со неговите последици. Тоа треба да го направи Собранието со закон, со кој треба да се ограничи и времетраењето на привилегиите на сегашните експретседатели. Ако Собранието не го направи тоа, тогаш Уставниот суд треба да го поништи законот бидејќи станува збор за неуставен и штетен закон. Законот е на страната на клиентелизмот, корупцијата и животот без супстанца. Кон него треба да се постапи на ист начин како што се постапи со Законот за лустрација.

Поранешниот претседател треба да има право на апанажа во траење од само 6 месеци. Така постапи Иво Јосиповиќ, трет претседател на Хрватска, универзитетски професор и интелектуалец на дело. Не подлегна на привилегиите на неговиот претходник Стипе Месиќ, како што подлегна Ѓорге Иванов. Во Палатата на Водно влезе со сликата на Волтеровиот Кандид (le naїf), а излезе со портретот на Молиеровиот Тартиф (l'imposteur). Не му пречи што користи привилегии од државата чие уставно име не го признава!

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Privilegjet e tepërta të Presidentit
Me të vërtetë jemi egërsira!
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 14 Ноември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не