fbpx
 

Време е во Македонија да се оданочуваат макроата и дилерите, а целосно да се ослободат ИКТ компаниите

АЛБ

Владо Николоски

Vladimir Nikoloski200x250Математиката покажува дека македонските граѓани во 2016 година потрошиле околу 107 милиони евра на проституција и наркотици. Денес оваа сума веројатно е многу поголема, што не може статистички да се потврди бидејќи податоците се пресметуваат извесен периодпо завршувањето на тековната година.

Во нашата држава се уште не се најде „ербап“ политичар кој откако ќе ја преземе власта ќе повлече радикални чекори во економијата кои би довеле до значителен пораст на бруто домашниот производ од 6 до 8 отсто, колку што е потребно за граѓаните да почувствуваат подобрување на животниот стандард и да се спречи бранот иселувања кој секој ден зема се поголем замав.

Наместо тоа, владејачките елити и нивните економски тимови главно се потпираат на паушални мерки, кои не се доволни за поттикнување забрзан и континуиран економски пораст. Најдобар показател за тоа е што во изминативе петнаесетина години само еднаш сме имале стапка на пораст на БДП која надминува 6 отсто.

Слично работи и актуелната власт која се обидува со шминка и популистички мерки какви што се најавените субвенциии за работодавачите кои ќе ги зголемат платите од 10 до 100 евра и зголемувањето на платите во администрацијата да прикаже подобрување на животниот стандард. Истовремено, се воведе прогресивен данок од кој најпогодени се  програмерите и останатите професионалци од ИКТ компаниите иако токму тие имаат најголема перспектива и најмногу можат да придонесат кон побрз економски развој и задржување на младите во татковината.

Пораст на БДП 2005-2018

bdp porast12

Жално е што реномирани домашни екномски експерти молчат за овие прашања наместо да поттикнат дебата. Економијата не е квантна физика и доволно е да се пресликаат примерите од странство, како на пример од САД за Македонија да доживее економски бум. Станува збор за „равенка со три познати“, кои од различни причини надлежните не сакаат да ги видат. Тоа се легализирање односно оданочување на трговијата со марихуана и на проституцијата, како и целосно даночно ослободување на ИКТ индустријата.

Повеќе пари трошиме на проституција и наркотици отколку на лекови, а државата не зема ниту денар данок

Македонските граѓани трошат многу повеќе пари на проституција и наркотици отколку на лекови според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за бруто-домашниот производ според трошочниот метод во кој се прикажани трошоците за финална  потрошувачка на домаќинствата по намена.

Во овој документ може да се види дека во периодот од 2014 до 2016 година трошоците за проституција пораснале од 3,2 на 4,2 милијарди денари, а трошоците за наркотици од 1,9 на 2,4 милијарди денари. Во истиот период трошоците на домаќинствата за лекови се зголемиле од 2,2 на 2,5 милијарди денари.

Очигледно трошоците за проституција и наркотици, според податоците на ДЗС, растат со забрзана динамика, што за жал е податок кој им одговара единствено на нарко-мафијата и на трговците со бело робје кои очигледно дебело се богатат на сметка на хипокризијата која владее во нашата земја во однос на прашањето за институционализирање односно декриминализација на дејности и производи кои постоеле и кои се употребувале уште пред нашата ера.

Математиката покажува дека македонските граѓани во 2016 година потрошиле околу 107 милиони евра на проституција и наркотици. Денес оваа сума веројатно е многу поголема, што не може статистички да се потврди бидејќи податоците се пресметуваат извесен период по завршувањето на тековната година.

Сепак, доволно е да се прочитаат дневните билтени на Министерството за внатрешни работи каде што буквално секој ден има објави за приведени или прогонувани лица за поседување, производство или недозволено пуштање во промет на наркотици, пред се на марихуана, за да се сфати дека има подем на употребата на лесни дроги.

Слична е и состојбата и со проституцијата која е дело што многу потешко се докажува. Така, во полициските билтени често може да се прочита за приведување „танчерки“ од странство кои илегално престојуваат во мотелчиња ширум земјава и кои немаат здравствено и социјално осигурување што е повеќе од потребно за лица кои се занимаваат со давање сексуални услуги.

Канабисот не може за рекреативни, но може за медицински цели
Од друга страна, Македонија деновиве е хит во светот по објавата на сторијата на „Блумберг“ за бизнисмените кои го пробиваат мразот во однос на производството на канабис за медицински цели, како и по неодамнешното фамозно доаѓање на Биг Мајк, еден од најголемите светски играчи во овој бизнис во земјава.
zaev big majk
Фото: Премиерот Заев домаќин на Биг Мајк

Ваквиот интерес се должи на одлуката на актуелната Влада да ги следи светските трендови и да го легализира производството на ова растение за медицинска употреба, што е позитивен чекор во однос на привлекување сосем нови индустрии, зголемување на даночните приходи и на извозот. Најдобар показател за придобивките по македонската економија е што во многу краток рок триесетина компании веќе добија лиценци за производство и вработија соодветен кадар.

Сепак, проблематично е што голем број граѓани кои употребуваат марихуана рекреативно на социјалните мрежи како лицемерен го оценуваат овој потег на Владата бидејќи многу често се приведувани и казнувани за поседување марихуана за лична употреба. Затоа, политичките елити би требало да  најдат начин најпрво преку декриминализирање, а потоа и преку контролирана продажба односно преку институционализирање на проституцијата, државата конечно да си го земе делот што и следува наместо парите од овие дејности да завршуваат во нечии џебови.  

Нула даноци за ИТ компаниите кои ќе се преселат во внатрешноста

Пред неколку дена во Скопје, проектот на УСАИД - Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа Форум за стимулирање на растот на работната сила во ИКТ индустријата. Претставници на компаниите од овој сектор го искористија овој настан повторно да упатат апел да се исполнат нивните барања за даночни поволности и флексибилна регулатива која ќе овозможи уште побрз развој на оваа индустрија и ќе привлече многу странски инвеститори во земјава.

Нивните барања се многу логични и се однесуваат на даночно признавање на направени трошоци во подобрување на работните услови (спорт и рекреација, тим-билдинг, здравствени прегледи, грижа за деца и сл.), даночни ослободувања за трошоци за едукација, даночни поттикнувања за донации во образование (по примерот на донациите во спортот) за стимулирање на вложувања во преквалификација и доквалификација на работната сила.

Спротивно на нивните барања, Владата донесе одлука со издвoјување 35 милиони денари за обуки на невработени млади лица во ИТ вештини со што подобро би можеле да се снајдат на пазарот на трудот, што е само уште една паушална мерка која колку и да е позитивна не може да доведе до економски пресврт.

Владата треба да им излезе во пресрет на сите барања на компаниите од ИКТ индустријата и уште повеќе да ги укине даноците за оние што ќе ги преселат  бизнисите во внатрешноста на земјата. Не треба да се заборави дека миграциите село-град може да предизвикаат многу поголеми главоболки отколку иселувањата од земјава бидејќи населението претежно се концентрира во Скопје, кое се гуши од нови градби и пренеселеност, а останатиот дел од државата континуирано се испразнува. 

Тоа го покажува и статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности, според која  заклучно со март, годинава на целата територија на државата  има 5.340 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 11.322 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Најголем дел од новите станови се лоцирани во Скопје.

Во тоа не помага и проектот „Купи куќа, купи стан“, кој го почна Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а го продолжи актуелната власт. И двете се фалат со резултатите од проектот иако тие се повеќе од поразителни. Од почетокот на спроведување на проектот одобрени се само 1.327 субвенции, односно 974 се за моделот „субвенција на ратата“, а 353 се за моделот „субвенција на учеството“. Според намената 1.041 барање е за купување на нов стан, а 286 се за изградба или купување на нова куќа, или доградба.

Калифорниски рецепт

Решението на равенката за забрзан економски пораст во нашата земја е очигледно и треба да почне од туристичките места и пограничните градови како Охрид, Струга, Дојран, Преспа, Гевгелија, Струмица, Куманово... Доколку навистина сака економски бум Владата треба да стави рака врз продажбата на марихуана и врз проституцијата во овие места и да ги оданочува.

Дополнително, преку сериозни даночни реформи треба да ги поттикне ИКТ компаниите да ги преселат бизнисите во околината на овие градови. Паралелно на тоа, со исфрлање на становите од проектот „Купи куќа, купи стан“ и негово модифицирање Владата може да ги мотивира компаниите да основаат мали „силиконски населби“ во чиста и здрава природна средина каде ИТ професионалците би живееле во сопствени куќи.

На тој начин државата би имала повеќекратна корист бидејќи градежниците и понатаму  би имале што да работат, а би дошло и до значително зголемување на буџетските приходи од зголемениот број домашни и странски туристи.

Станува збор за калифорниски економски рецепт кој е добро тестиран и од кој оваа американска држава инкасира милијарди долари даноци на годишно ниво.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ka ardhur koha që në Maqedoni të tatimohen makrotë...
Punëtorët në Maqedoni janë të sigurt vetëm në letë...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 07 Декември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не