fbpx
 

Климатските политики на штета на сиромашните

БЈОРН ЛОМБОРГ (BJØRN LOMBORG)

8 image jpg 400x400Постои голема опасност од трошење на оскудните ресурси на светот за климатски политики кои им наштетуваат наместо да им помагаат на најсиромашните луѓе. Наместо тоа, владите треба да се фокусираат на мерки за зајакнување на растот, како што е либерализација на трговијата, кои обезбедуваат пат за поголема благосостојба и еднаквост.

Во изминатите 25 години, скоро 1,2 милијарди луѓе низ целиот свет се ослободени од сиромаштија, истовремено неухранетоста и ризикот од смрт поради загадување на воздухот се намалени. Земени заедно, овие достигнувања речиси се еднакви на чудо. Но, два глобални тренда во моментов се закануваат дека ќе го забават интензитетот во намалувањето на сиромаштијата.

Првиот е националистичко спротивставување на слободната трговија. Зголемувањето на протекционизмот го попречува економскиот раст - вклучително и во најсиромашните земји во светот, кои би имале најмногу корист од поотворен глобален систем за трговска размена. Заклучувањето на долго пролонгираната рунда на разговори во Доха за глобална трговија, на пример, може да го направи светот побогат за 11 милијарди долари секоја година до 2030 година и да извади од сиромаштија уште 145 милиони луѓе.

Бесплатната трговија со себе носи трошоци, а владите треба да потрошат повеќе за поддршка на ранливото население во богатите земји. Сепак, овие трошоци се далеку помали од придобивките за потрошувачите и производителите. Оттука, спротивставувањето на слободната трговија е спротивно на економските докази.

Но, постои и друга, веројатно поголема закана за напредокот во намалување на сиромаштијата: тесногледата решителност на владите во спроведување на многу скапи политики за ублажување на климата.

На пример, германската влада планира да потроши 40 милијарди евра (44 милијарди долари) во рок од четири години за да ѝ помогне на земјата да ги намали емисиите на јаглерод диоксид. Ваквите мерки, најверојатно, ќе го намалат глобалниот пораст на температурата за 0,00018°С за сто години - неизмерно мала добивка за толку огромна цена. Спротивно на тоа, трошењето на истата сума за спречување на туберкулоза во земјите во развој може да спаси повеќе од десет милиони животи.

Слично на тоа, владата на Нов Зеланд вети дека ќе постигне нето-нула емисија на CO₂ до 2050 година. Но, во извештајот кој беше изготвен за Владата се утврдува дека цената за исполнување на оваа цел ќе биде поголема од целиот сегашен национален буџет, за секоја година - и тоа во најдобар случај во кој се претпоставува дека политиките ќе се спроведуваат на најефикасен можен начин.

Исто така, заложбата на Мексико да ги преполови своите емисии до 2050 година веројатно ќе чини 7-15% од БДП. А, пак, планот на Европската унија да ги намали емисиите за најмалку 80% до 2050 година може да создаде просечни годишни трошоци од најмалку 1,4 билиони американски долари.

На глобално ниво, Парискиот климатски договор од 2015 година е најскапиот меѓународен договор во историјата, бидејќи има за цел да спречи користење на фосилни горива за цели економии, иако алтернативните извори на енергија, како што се сончевата енергија и ветерот, остануваат неконкурентни во многу контексти. Како резултат, договорот ќе го забави економскиот раст, ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе ја влоши нееднаквоста.

Една нова студија укажува на тоа дека огромната цена за намалување на емисиите според Парискиот договор ќе доведе до зголемување на сиромаштијата од околу 4%. Авторите упатуваат сериозно предупредување дека „строгите планови за ублажување може да го забават намалувањето на сиромаштијата во земјите во развој“.

Овој наод е во согласност со други студии за последиците од климатските политики врз сиромаштијата, вклучувајќи го и огромниот истражувачки проект преземен за Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) на Обединетите нации, што дефинира пет алтернативни глобални иднини. Студијата покажува дека за човештвото, вклучително и најсиромашните луѓе во светот, многу покорисно би било сценарио на „развој заснован на фосилни горива“, отколку „одржливо“ сценарио за свет со помалку CO₂. Ова важи дури и откако ќе се земат предвид климатските штети.

Глобалната нееднаквост значително би се намалила и во двете сценарија, но таа ќе се намали малку побрзо во сценариото со „фосилно гориво“. Всушност, ако ги споредиме, во „одржливиот“ свет би имало во просек 26 милиони луѓе повеќе, годишно во сиромаштија до 2050 година од побогатиот и помалку нееднаков свет кој користи фосилни горива.

Поларизирачките кампањи за климатските промени создадоа апсурдно искривено гледиште за иднината, што предизвикува креаторите на јавни политики да донесуваат лоши одлуки. Во својот најнов извештај, ИПЦЦ оценува дека ако светот не преземе апсолутно ништо за запирање на климатските промени, влијанието најверојатно ќе биде еквивалентно на намалување од 0,2-2% на просечните приходи во 70-тите години од 21 век. А дотогаш, приходите најверојатно ќе пораснат за околу 300-500%.

Сепак, катастрофалните визии за климатските промени се многубројни. Како резултат, околу една третина од вкупното трошење за развој сега оди во климатски проекти, според анализата на ОЕЦД спроведена на околу 70% од помошта за глобален развој. Овие пари би можеле многу подобро да се потрошат - не само за спречување на туберкулоза, туку и за имунизација, храна на новороденчиња, подобар пристап до планирање на семејство и многу други приоритети за развој.

Покрај тоа, политиките што ја намалуваат сиромаштијата се климатски политики. Историјата несомнено покажа дека еден од најдобрите начини да се зајакне отпорноста на едно општество на предизвици како што се климатските закани е луѓето да станат побогати и помалку ранливи.

Кога природни непогоди како урагани ќе погодат сиромашната заедница или земја, тие убиваат многу луѓе и предизвикуваат хаос. Но, намалувањето на емисиите на CO2 во богатиот свет не е најдобриот начин да се помогне. Првиот приоритет треба да биде креаторите на политиките да го унапредат развојот, така што луѓето повеќе нема да живеат под лимени покриви, во очајна сиромаштија. Toa не само што ќе го подобри квалитетот на животот на луѓето; туку и драстично ќе ги намали човечките жртви во идни урагани.

Мора да се справиме со климатските промени ефективно, ефикасно и во соодветна мерка. Најоддржливата политика би била драстично зголемување на средства наменети за истражување и развој за да се поттикне цената на зелената енергија да стане пониска од онаа на фосилните горива преку иновации.

Како што стојат работите,, постои голема опасност од трошење на оскудните ресурси на светот за климатски политики кои им наштетуваат наместо да им помагаат на најсиромашните луѓе. Наместо тоа, владите треба да се фокусираат на мерки за зајакнување на растот, како што е либерализација на трговијата, кои обезбедуваат пат за поголема благосостојба и еднаквост.

Бјорн Ломборг e визитинг професор на бизнис школата во Копенхаген и директор на Центарот за Консензус во Копенхаген. Во 2004 година, магазинот „Тајм“ го прогласи за еден од 100-те највлијателни луѓе во светот, поради неговите истражувања за најпаметните начини за да му се помогне на светот.

Copyright: Project Syndicate, 2019.

www.project-syndicate.org

Потребен ни е современ систем за управување со при...
Evropske vlade: uzmite natrag vaše građane iz seve...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 06 Декември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не