fbpx

Во право ли се децата кои се гласноговорници за климатските проблеми?

Дарон Ацемоглу (Daron Acemoglu)

Животна средина

22.11.19

Прегледи

Дарон Ацемоглу (Daron Acemoglu)

Daron Acemoglu 200x250Младите активисти кои ги водат училишните штрајкови и масовните протести ширум светот многу ефективно го огласија алармот за климатските промени. Но, за да не важи народната „секое чудо за три дена“ за движењето, тоа мора да усвои реални цели и политики што пошироката јавност може да ги поддржи.

Зголемувањето на емисиите на стакленички гасови во атмосферата доведе до просечен пораст на глобалните површински температури за скоро 1 °С во текот на изминатиот век. Научната заедница едногласно тврди дека овие промени се директна последица на човековата активност. Сепак, станува сè помалку веројатно дека ќе можеме доволно да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за да го запреме ова и потоа да ги поправиме последиците од глобалното затоплување.

Цената што ја плаќаме за овој неуспех - покачување на нивото на морињата, масовно раселување на населението, почести екстремни временски настани и ширење нови заразни болести - се очекува да биде катастрофална, дури и без да се земат предвид навистина апокалиптичните „ризици од исклучителни случаи“ што ги идентификуваше покојниот Мартин Вајцман на Универзитетот Харвард. А многу од трошоците ќе бидат на товар на денешната младина.

Со оглед на ова, може ли „училишниот штрајк за климата“, меѓународно движење на студенти и млади активисти, да биде решението? И да и не. Светот, особено САД, треба да се освести. Треба да исчезне нашето лажно чувство на комфор, поткрепено од неискрените наративи за геоинженеринг или други волшебни технолошки решенија. За да се организираат стабилни одговори на масовните колективни предизвици отсекогаш бил потребен одржан ангажман од граѓаните и граѓанското општество.

Меѓутоа, социјалната трансформација бара и нови закони, норми и стимулации. Без значајни закони, компаниите и поединците нема да ги сменат своите навики. И без појава на нови норми, бизнисот секогаш ќе најде начини да ги заобиколи новите закони. Затоа законите и нормите мора да работат во тандем за да се воспостават нови долготрајни стимулации.

Бесот изразен од денешните млади климатски активисти може да доведе до промена на глобалните норми. Но, сегашниот бран на активизам ќе мора да се претвори во организирано политичко движење за да ѝ конкурира на моќта на индустријата за фосилно гориво, можеби со спојување со постојните зелени партии или нивно преземање. Задачата за активистите е загриженоста за климата да ја стават на прво место на листата на проблеми, за луѓето да дадат поддршка за политиките за намалување на емисиите на стакленички гасови без оглед на нивните други економски, социјални и културни приоритети. Само така може да се помести политичкото тежиште на проблемот.

Како што стојат работите, најголемата слабост на сегашното младинско движење е тоа што му недостасува кохерентна агенда за елиминирање на јаглеродните емисии од економското производство. Всушност, многу млади активисти сметаат дека пазарите и економскиот раст се дел од проблемот. На крајот на краиштата, индустријата за фосилни горива веќе долго време се повикува на принципите на слободниот пазар лобирајќи против даноците на јаглерод и регулативата.

Но, пазарот може да биде моќно оружје за борба против климатските промени. Всушност, нема причина да се мисли дека економскиот раст мора да биде жртва на климатските активности. Соодветно висок данок на јаглерод би поставил предвидлива цена за штетата што економските дејности кои интензивно ослободуваат јаглерод ја предизвикуваат врз човештвото, што ќе ги охрабри фирмите и домаќинствата да ги сменат активностите што емитуваат јаглерод. И со сигнализирање дека јаглеродот е голема закана за животната средина, данокот би имал двојна функција на поттикнување нормативни промени.

Но за данокот на јаглерод да биде ефективен, во многу земји треба да се постави многу повисока стапка од сегашната, што се заснова на имплицитна цена од 30-50 долари за тон СО2. Дури и тогаш, креаторите на политики и климатските активисти ќе треба да одат чекор понатаму. Данокот ќе ги охрабри фирмите да бараат почисти извори на енергија, но тој не е доволно значаен за да поттикне развој на алтернативни технологии со ниска емисија на јаглерод. Затоа даноците на јаглерод треба да се надополнат со добро осмислени „зелени субвенции“ за фирми и истражувачи кои развиваат ветерни, соларни и геотермални технологии и за оние кои работат на изнаоѓање нови начини за ограничување на емисиите од постојните технологии.

Како и даноците на јаглерод, зелените субвенции ја користат моќта на пазарот. Не е случајност тоа што поголемиот дел од најголемите технолошки откритија во дваесеттиот век, како што се антибиотиците, компјутерската технологија, Интернетот, нанотехнологијата, доаѓаат од владите кои ги водат пазарите и создаваат нови пазари. И покрај тоа што истражувањето и владините субвенции беа клучни за формирањето стимулации, немаше да има големи резултати без приватниот сектор. За да видите како изгледа државна поддршка без робустен пазарен механизам, земете го за пример катастрофалното искуство на Советскиот Сојуз во текот на 70-тите и 80-тите години од ХХ век.

На крај, денешните млади климатски активисти не треба да мислат дека човештвото ќе има иднина на планетава само ако го запре или сериозно го ограничи економскиот раст. Јасно е дека за да се премине на економија со ниска емисија на јаглерод ќе бидат потребни жртви. (Тврдењата дека „Новиот зелен договор“ може да ги намали емисиите и да ја зголеми вработеноста на краток рок не се веродостојни.) Но, во крајна линија, добро осмислена зелена политика може да биде корисна за економскиот раст. Покрај тоа, политиките за справување со климатските промени може да не бидат одржливи доколку нема раст, со оглед на тоа што економските тешкотии можат да ја намалат поддршката од јавноста за далекусежни реформи.

Сепак, иднината на растот не може да зависи од создавање што е можно повеќе произведена стока. Нашата задача е да најдеме подобри, покреативни начини кои бараат помалку ресурси за задоволување на различните потреби на преку седум милијарди луѓе. Откако ќе се премине на почиста економија, растот може да продолжи без да биде штетен за климатските услови.

Климатските активисти со право се трудат сите да ја разберат потребата за подобри начини за производство и трошење енергија. Но, поконкретно, самиот економски раст треба да продолжи, и тоа не само за да се задржи политичката поддршка за агендата за зелената политика. Во свет каде повеќе од една милијарда луѓе сè уште живеат во крајна сиромаштија и каде милијарди други се борат за повисок животен стандард, реалните изгледи за заеднички раст ќе бидат далеку попривлечни од апелите за запирање на економскиот напредок.

На денешните млади активисти навистина многу им должиме за тоа што го активираа алармот. Сега, треба да го претвориме нивниот ентузијазам во институционализирана политичка сила и да развиеме план за моќна, добро осмислена и продуктивна економска агенда. Пазарите не треба да ни бидат пречка на патот. Напротив, тие би можеле да бидат моќен сојузник.

Дарон Ацемоглу, професор по економија на МИТ, е коавтор (со Џејмс А. Робинсон) на Why Nations Fail: The Origins of Power, Prosperity and Poverty и The Narrow Corridor: States, Societies, and the Fate of Liberty

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Дарон Ацемоглу (Daron Acemoglu)

Дарон Аџемоглу, професор по економија на МИТ, е коавтор (со Џејмс А. Робинсон) на делото Why Nations Fail: The Origins of Power, Prosperity and Poverty („Што предизвикува пад на нациите: потеклото на моќта, просперитетот и сиромаштијата“) (Профил, 2019) и коавтор (со Сајмон Џонсон) на Power and Progress: Our Thousand-Year Struggle Over Technology and Prosperity („Моќ и напредок: Нашата илјадагодишна борба за технологија и просперитет“) (PublicAffairs, мај 2023 година).