fbpx
 

Македонскиот спорт доби патоказ како да ја смени легислативата

Милорад Стојмановски

Milorad Stojmanovki 200x250Владините претставници Даниел Димевски и Ѓорѓи Тасев од прва рака можеа да ги слушнат забелешките во седиштето на ИОК во Лозана и се согласија со препораките од т.н. патоказ од 13 ноември годинава, најдоцна до мај 2020 да ја хармонизираат законската регулатива во областа на спортот, а до 15 јануари да се подготви драфт-верзија на изменетиот закон за спорт, со вметнати препораки од ИОК. Владата нема да може да бара изговор во предизборни кампањи, техничка влада и слично.

Македонскиот спорт доби шлаканица од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) каква што не се памети: на „обвинителна клупа“ во седиштето на водечкото меѓународно олимписко тело во Лозана беа повикани владини и претставници на Македонскиот олимписки комитет (МОК). На состанокот се донесени заклучоци со препораки до нашите спортски авторитети за изготвување ново спортско законодавство што ќе биде целосно во согласност со принципите на олимпиското движење (1).

До крајот на годинава треба да се потпише Меморандум за разбирање меѓу македонската Влада од една страна, и националните федерации и МОК од друга, врз основа на „референтен документ на ИОК“. Федерациите и МОК, пак, ќе треба да ги усогласат своите статути со оние на соодветните меѓународни асоцијации, односно со тој на ИОК.

Се закануваше суспензија

Тоа што е најважно, и после сè, e што, барем засега, е избегната суспензијата на македонскиот олимпизам. На средбата во Швајцарија, поради „повреда на Олимписката повелба“, и претходеше предупредување во кое претседателот на ИОК, Томас Бах, не бираше зборови - „суспензија или повлекување на признавањето на соодветниот олимпискиот комитет“ (2) (се мисли на МОК - н.з). Тоа, со други зборови, ќе значеше ракометните сениори да си останат дома за време на ЕП, во јануари 2020, иако имаат изборено пласман на континенталното првенство (3), а борачот со обезбедена олимписка норма, натурализираниот Македонец Магомедгаџи Нуров, ќе ги гледаше Игрите во Токио на телевизија наредното лето.

Препораките од Лозана не се никаков преседан, туку само барање за имплементација на Резолуцијата од 69. Генерално собрание на Обединетите Нации (4) за автономија на ИОК и на спортот, подоцна прифатена и од највисоките тела на Европската Унија. Иако МОК неколку години по ред бара од Агенцијата за млади и спорт оваа резолуција да добие и конкретна форма во нашето законодавство, не наидуваше на одзив од другата страна. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, кому претходно „не му беше јасно што треба да се менува“ во Законот за спорт, не отиде на состанокот во ИОК за да му се разјасни. Но, таму беа владините претставници Даниел Димевски и Ѓорѓи Тасев, кои од прва рака можеа да ги слушнат забелешките од ИОК.

Македонскиот олимпизам, но и Владата, според препораките од Патоказот (5) од 13 ноември годинава, се согласија најдоцна до мај 2020 да ја хармонизираат законската регулатива во областа на спортот, а до 15 јануари да се подготви драфт-верзија на изменетиот закон за спорт, со вметнати препораки од ИОК. Владата нема да може да бара изговор во предизборни кампањи, техничка влада и слично. Од Владата, засега, немаат коментар, освен едно соопштение (6).

Недоречена иницијатива

Со заклучоците, МОК всушност доби заштита од ИОК во период кога 26 федерации покренаа иницијатива за „уредување на односите во МОК“ (7)“ (?!), односно за свикување на вонредно собрание. ИОК иницијативата ја прогласи за мртвороденче (8) и ги повика незадоволните своите барања да ги поднесат на редовното годишно Собрание на МОК. На седницата на највисокиот орган на МОК, закажана за 21 декември, најавено е и официјално преименување на МОК во Олимписки комитет на Северна Македонија, како и промена на спорниот член 10 од Статутот заради поголемо влијание на федерациите при одлучувањето.

Но самата формулација на иницијативата - за „уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет!? (Кои односи? Меѓучовечките во самиот МОК? Односите меѓу телата на МОК? Односите со федерациите?), укажуваше на нејзината недореченост. Меѓу „јавачите на промени“ што се појавија на прес- конференцијата најпознати беа поранешните олимпијци, екс-кајакарот Атанас Николовски и екс-атлетичарката Александра Војнеска, но имаше и претседатели на федерации чиј легитимитет е спорен според правилата на ИОК (федерацијата да има најмалку шест клуба, органи и тела, првенство/лига, судии итн.).

Makedonskiot sport dobi patokaz kako da ja smeni legislativataИзвор: vestikavkaza.ru

Настрана правниот дел, меѓу „бунтовниците“ немаше такви што можат да се пофалат со особени спортски резултати. Зашто, пошироката јавност воопшто не ни знае дека кај нас постојат и федерации, на пример, за бадминтон и спортско качување. Да се работеше за личности кои на некој начин го задолжиле македонскиот спорт, иницијативата ќе добиеше сосема поинаков одек. Федерациите со најголем број клубови - фудбалската, ракоемтната, кошаркарската... останаа индиферентни кон оваа иницијатива.

Претходно, имаше уште еден обид за преврат, по неуспешниот од периодот на владеење на Никола Груевски, кога регистрацијата ја МОК ја спореа исти федерациии (9) што беа поддржувачи на т.н. „Тврдокорни“, чин што беше грубо мешање на политиката во спортот, недозволиво според олимписката повелба.

Агенцијата за млади и спорт во меѓувреме немо ја следеше иницијативата, без да излезе со став. За познавачите чудна е таа премолчена „непринципиелна коалиција“, затоа што дел од иницијаторите за вонредно собрание, барем „до вчера“, припаѓаа на другата политичка провениенција.

Ваучер систем што предизвика штрајк

Најважен проект на оваа Влада во областа на спортот е воведувањето на ваучери кои им се доделуваат на федерации, клубови или спортисти, а со кои евентуалните спонзори на овие спортски субјекти добиваат даночни олеснувања.Во врска со овој систем на финансирање имаше јавен настап на претседател на федерација на состанок во МОК (10) за матни работи при доделувањето на ваучерите. Принципот на селективност „само за елитните“, односно за прволигашки клубови, поттикна штрајк и бојкот кај запоставените клубови, па се најде соломонско решение со доделување ваучери и на второлигаши во „најголемите спортови“ (11). Сепак, останаа шпекулациите за коалициските пазарења (12) при поделбата на спортскиот колач, кои не беа демантирани.

Токму новиот начин на финансирање на спортот можеби е скриениот мотив за барање промени во МОК, зашто претседателот на МОК по функција, покрај владин претставник и претседателите на петте најголеми спортски федерации, ќе треба да одлучуваат за доделувањето на ваучерите. Исто така, претстои и изградба на Олимписки дом, всушност јавно приватно партнерство вредно 50-тина милиони евра. Според проектот, покрај олимпискиот дом треба да никнат и деловни објекти.

Љубовница на политиката

И МОК доби налог од ИОК за промена на Статутот (13). Во иднина, клучниот збор во Собранието на МОК, највисокиот орган на македонскиот олимпизам, треба да го имаат делегатите што ги претставуваат националните федерации. Тоа беше едно од барањата на иницијаторите за промени, што донекаде веројатно ги задоволува нивните апетити (14). Во Собранието на МОК можеби ќе се воведе нешто слично на Бадентеровиот принцип, по кој се одлучува во Парламентот за да се испочитува препораката од ИОК во Патоказот.

Агенцијата за млади и спорт, пак, досега ја предводеа главно млади партиски кадри кои подоцна беа унапредувани во пратеници, министри, конзули и директори на јавни претпријатија. Спортистите и федерациите, пак, досега како и самите да ја одбираа улогата на љубовница на политиката поради финансиската зависност, односно поради неспособноста сами да создадат квалитетен спортски производ што сами ќе го продадат на пазарот.

Државата мора одлучно да ја искористи оваа шанса за реновирање на спортот во земјава. МОК, според Законот, е највисок спортски орган во земјава, иако никогаш немал таква улога. Потврда за тоа што МОК од формирањето нема добиено ниту денар од државата (а на име на донации од ИОК и други национални комитети добил околу 20 милиони евра, од кои 92 отсто директно биле во служба на спортот). Државата досега не му ја прифаќаше ниту понудената стратегија за спорт (15) што беше изготвена од врвни стручњаци. 

МОК заслужува поголеми ингеренции (по примерот на Хрватска (16)) пред се поради неговата досегашна декларирана независност и нешурување со партиите на власт. 

Хаосот во „спортската легислатива“, иако досега им одговараше на партиите за да можат да манипулираат со спортот и спортистите во политички цели, очиглено веќе не минува во ИОК. Лошите навики за себепромоција на партиските кадри и приеми на медалисти во кој главна улога наместо спортистот има премиерот или директорот на АМС, треба да остане зад нас. Впрочем, на тоа сме се обврзале како членка на ООН и земја кандидат за членство во ЕУ.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Sporti maqedonas fitoi udhërrëfyes si të ndryshojë...
Во право ли се децата кои се гласноговорници за кл...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 06 Декември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не