fbpx

За етиката во снимањето на „Медена земја“

Јана Лозаноска

Медиуми

05.02.20

Прегледи

Јана Лозаноска

Jana Lozanoska 200x250Процесот на создавање на уметничко/филмско дело е индивидуален и личен избор на уметникот. Но, дали притоа авторите на филмот се воделе од некакви основни етички рамки е прашање кое е нејасно.

По номинациите за Оскари на „Медена земја“ во категоријата најдобар документарен филм и најдобар странски игран филм во македонската јавност се отворија неколку дискусии околу самиот филм и што тој всушност претставува. Во целата еуфорија на успехот на филмот изостануваат некои основни прашања, особено заради тоа што станува збор за “експериментално дело” кое ги поминува границите на она што се подразбира, од една страна, документиран филм и од друга страна игран филм. Токму поради неговата експериментална природа прашањето на етиката игра особена улога.

Домашните критики се осврнуваат околу прашањето на “ориентализам” до анализа на филмот преку постколонијалната теорија. Од странските критики пак, на која овој текст се потпира, која мошне сеопфатно го анализира филмот е освртот во NewYorker на Ричард Броди, притоа отворајќи повеќе прашања, а пред се прашањето на етиката на репрезентацијата. Односот на етика и уметност е сооднос кој не секогаш е јасен. Основното прашање е дали уметникот треба да е ограничен, во овој случај од етика, во процесот на самото создавање на уметничкото дело?

Уметноста и етиката - комплементарни или меѓусебно контрадикторни?!

Во теоријата врската помеѓу визуелната уметност и етиката е нејасна и многупати овој сооднос се гледа низ призма помеѓу личната етика и политички ставови/акции на уметникот и самото уметничко или книжевно дело, како што беше случајот со доделувањето на Нобеловата награда за литература на Хандке и дебатата околу неговото поддржување на режимот на Милошевиќ. Има многубројни случаи каде што личните особини и политичките ставови на уметникот се земаат во предвид при легитимизирање или не на некое дело, на пример музиката на Вагнер и неговата приклонетост кон нацизмот. Генерално во овој аспект, етиката е секогаш врзана за личноста на уметникот, а не за делото.

Додека пак она што е од интерес на овој текст е прашањето на етиката во создавањето на делото. Посебно во однос на три аспекти. Првиот е дали филмот нема да стори дополнителна штета или нема да ги донесе во опасност протагонистите на истиот. Вториот аспект е дали протагонистите се информирани веродостојно како ќе бидат претставени. Третиот аспект е искористување на драматични сцени за иницирање на зголемена емотивна реакција кај гледачите. Поради сите овие елементи некои автори сметаат дека етиката при правењето на документарни филмови е од исклучително значење.

Експерименталната природа на “Медена земја” за која и самите автори на филмот потврдија (Ќе продолжиме да испишуваме историја..[…]) бара одговор на овие прашања, особено она колку режисерите и продуцентите се воделе од овие етички принципи при создавањето на самиот филм. Главна протагонистка на филмот е Атиџе Муратова, харизматична и храбра жена која живее во целосна хармонија со природата, но и со самиот живот без разлика колку е тој суров. Има стоицизам во карактерот на Атиџе кој режисерите се обидуваат да го доближат до гледачот. Животот на Атиџе во филмот во целост е “разголен” и основно прашање е колку тоа е направено етички и во потполна согласност со протагонистката. Би било интересно да се направи интервју со неа во кое би се дискутирало околу овие прашања, но во недостиг на истото би сакала да нагласам неколку аспекти кои како спектатор на филмот, ме вознемирија, а кои не се однесуваат на пораката која филмот се обидува да ја пренесе, туку на самиот процес на создавање.

Za etikata vo snimanjeto na Medena zemjaИзвор: indiewire.com

За етиката во Медена земја – филмска драматичност или човечност?

Процесот на создавање на уметничко/филмско дело е индивидуален и личен избор на уметникот. Но, дали притоа авторите на филмот се воделе од некакви основни етички рамки е прашање кое е нејасно. Во интервју за Filmmaker режисерите Котеска и Стефанов откриваат дел од процесот. Насловот на самото интервју гласи: “Да се биде режисер или човек e прашање на избор”. Насловот е извадок на дел од интервјуто во кое авторите прашани за тоа дали требало да се инволвираат и да превенираат нешто што би можела да ја повреди Атиџе, Котевска одговара: “Тоа е прашање на личен избор на секој режисер. Откога постојат документарците прашање на избор е дали си режисер или човек”.

Во слична насока беа и размислувања на тимот и продуцентите на БИБИСИ серијата документарци за Африка и посебно драматичноста на сцените во кои бебето слон умира пред нивните камери. Објаснувањата на тимот во однос на критиките од јавноста, кои пак беа околу “претераните” емотивни сцени, дека тие не интервенираат во она што веќе претставува трагедија, во случајов огромната суша и недостигот на храна и вода во Африка. Но, по критиките во јавноста, тимот ја промени својата политика на неинтервенција при снимање и интервенираше во неколку наврати, спасувајќи пингвини при снимањето на некои од последователните серии.

Токму и ова е најголемата дилема во создавањето на филмот Медена земја, кој иако треба да носи хуманистичка порака, се чини дека режисерите ја оставиле хуманоста настрана и се фокусирале на самиот филм и крајниот производ.

Во неколку наврати филмот е доста претенциозен, на пример сцената со панкерот и Атиџе во возот, пресекот на минатото и сегашноста, традицијата и модерното, приказна оддалечена од пчелите на Атиџе. На прашање повторно од Fillmaker околу пристапот на снимање на филмот авторите одговараат: „ја забележавме Атиџе на почетокот и започнавме да ја снимаме”, објаснувајќи дека најпрво го започнале филмот во рамки на проект за конзервација на природата.

Проблемот со филмот настанува во два наврати кои се истовремено поврзани. Првиот е оној за кој Броди говори на фабрикација на настаните токму поради поместувањето на границите помеѓу документарен и игран филм, и самото непочитување на оваа дистинкција и “правилата на игра” во создавањето на филмот кои се различни и за едниот и другиот жанр. Доколку станува збор за чиста документаристика Атиџе би претставувала субјект односно носител на приказната, а авторите само средство за нејзино пренесување. Но во случајов, филмот не е само документарен и Атиџе е истовремено и објект. Сепак ова не претставува форма на сексуалнa “објектификација”, нешто кон кое феминизмот е особено критичен. Но, делумно би можело да се гледа и низ таква призма, преку искористувањето на Атиџе како „објект” за целите на филмот. Атиџе игра улога во филмуваната автобиографска верзија на нејзиниот живот, преку која авторите ја контролираат и насочуваат приказната. Прашањето не е само колку веродостојно е претставен животот на Атиџе, туку дали тоа е направено со експлицитно одобрение од нејзина страна. Односно, дали таа била целосно информирана како и зошто ќе биде претставена, како еден од етичките параметри погоре споменати.

Понатаму, заради драматичноста на целиот филм, се претставува нејзината болна и стара изнемоштена мајка, која со огромна отворена рана на лицето лежи во постела скоро неподвижна. Нејасно е дали гледа, а слуша само делумно. Исто така, сосем нејасно е дали мајката на Атиџе била свесна дека ја снимаат додека лежи во постела чекајќи ја смртта и дали тоа Атиџе и го објаснила на мајката за да може да разбере што се случува. Оттука, дали Атиџе во тие моменти е претставена во својство на објект или субјект на филмот се прашања кои се нејасни, и истовремено проблематични и отвораат многубројни етички дилеми. Некои од нив се дали овие сцени се повторувани, дали мајката е поместувана, иако се наоѓа во тешка здравствена состојба, дали тоа и било заморно, дали била свесна или веродостојно била информирана што се случува, итн.

Авторите во интервју за Filmmaker велат дека се обидувале да и помогнат на мајката носејќи и лекови, но таа одбила и само ја „чекала смртта”. Прашањето е зошто го снимале и овој аспект од животот на Атиџе? Дали филмот можел да ја пренесе пораката и без овие драматични, реални и емотивни сцени, чии носители се самата Атиџе и нејзината мајка. Главната идеја на документарниот филм е односот на природата и човекот, односно Атиџе и пчелите, средина во која се гледа дека таа е мошне комотна да биде претставена, во која таа истовремено ја покажува својата снага, но и кршливост на човекот и човештвото.

Последната дилема е околу самото починување на мајката, еден мошне длабок и интимен момент за секого којшто ќе изгуби родител. Сниман и претставен на начин на кој режисерите сметале дека треба да се претстави. Несомнено, тоа не е спонтан миг на снимање, туку обмислена секвенца. Атиџе и нејзината почината мајка во одајчето е сцена која говори за целосното искористување на животот на Атиџе за целите на филмот, без притоа да се почитува длабоката интимност на мигот, воедно и починатата мајка.

Документацијата и снимањето на целосно исклучени личности од општеството треба да содржат јасни етички премиси токму поради нивното не/намерно искористување како објекти, но и јасно и недвосмислено почитување од страна на самите уметници/автори на границите во кои треба да се движат при создавањето на филмот. Сметам дека филмаџиите ги преминале овие граници, во слична насока како што Ричард Броди ја заврши критиката кон Медена земја, без притоа да размислат за и околу овие етички дилеми.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јана Лозаноска

Јана Лозаноска, е доктор на науки при Универзитетот за мир на Обединетите Нации, во Костарика. Магистерски студии по меѓународно хуманитарно право има заршено на Универзитетот во Женева и Институтот за меѓународни студии во Женева-Швајцарија. Додипломски на Правниот факултет во Скопје. Има објавено трудови поврзани со човекови права, род и ЛБТ; прашањето за името од призма на меѓународно право, ЕУ и човекови права, итн.