fbpx

Реорганизација на економијата на 21-от век

Маргарета Држениек-Хануз

Економија

19.10.18

Прегледи

Маргарета Држениек-Хануз (Margareta Drzeniek-Hanouz)

Margareta Drzeniek Hanouz 200x250Главниот предизвик со кој владите се соочени е истиот како и од претходните ери: да се подобри животот – да биде подолг, поздрав, побогат и побезбеден – за сегашните и за идните генерации. Најголемата разлика денес е дека брзите технолошки промени, заедно со новите еколошки и меѓугенерациски предизвици, директно влијае врз способноста на владите да дејствуваат.

Пред да се појави заканата од војна помеѓу САД и Кина, берзите и корпорациските профити кои беа во подем како да го засенија фактот дека глобалниот економски систем е под егзистенцијален притисок. Глобалната финансиска стабилност и натаму е неизвесна. Всушност, со собирањето на светските финансиски лидери на годишната конференција на ММФ/Светската банка во Вашингтон, брзото темпо на технолошки промени и сè поголемата нееднаквост се причина за уште поприсутни апели за целосна ревизија, од корените до секоја гранка, на целиот систем.

За владите да можат да се справат со овие растечки притисоци, тие ќе мора да смислат нови клучни алатки на јавни политики, менувајќи ги оние на кои се потпирале подолго од еден век, почнувајќи со оданочувањето.

Во времето на Бенџамин Френклин, уште пред два века, се велело дека на светов мора само да се умре и да се плаќаат даноци. Денес, сигурно е само дека мора да се умре. Со растот на дигиталната економија, сè повеќе економска вредност се добива од нематеријални средства како што се собрани податоци од дигитални платформи, социјалните медиуми или економијата на делење. Истовремено, поради леснотијата со која компаниите можат да ги префрлаат седиштата во други држави, за владите е сè потешко да ги наплатат даноците. Во истовреме, јавното трошење најверојатно ќе мора да се зголеми за да се задоволат потребите на оние кои не успеале да држат чекор со ерата на глобализација и дигитални технологии.

Законодавците најчесто целат кон тоа да ги поддржат иновациите, со надеж дека нови индустрии би го зголемиле производниот капацитет и, своевремено, да ги пополнат владините фондови. И покрај тоа, давателите на дигитални услуги станаа поголеми во скоро секој поглед, освен во даноците кои ги плаќаат.

Можеби тоа наскоро ќе се смени. Една идеја која во моментов добива популарност е различно да се оданочуваат фирми кои нудат дигитални услуги кои се бесплатни за користење, за нивната нематеријална вредност да ја претставува истата даночна основица како и материјалната вредност што ја произведуваат производителите и давателите на услуги кои работат на традиционален начин.

Но оданочувањето може да е пред уште поголема трансформација, која не е ограничена само на дигиталната економија. Со тоа што од денешните бизниси се очекува да дадат придонес кој е поголем од средствата прикажни на нивниот биланс на состојба, има нови двигателни сили за оданочувањето на бизнисите да се заснова делумно и на социјалниот ефект што една фирма го има. На пример, владите би можеле да ги приспособат даночните стапки според тоа колку една компанија се грижи за животната средина или според тоа колку вработени има.

Друга идеја е да се оданочуваат роботите и сродните технологии за да се надомести за фактот што економскиот надоместок се оддалечува од работната сила. Во секој случај, за проширување на даночната основа ќе бидат потребни нови приоди за мерење на вредноста во економијата.

Пошироко од дебатата за тоа како да се наплатат даноци од денешните технолошки гиганти, западните економии се соочени со посуштинското прашање дали пазарите сè уште се најефикасен начин за распределба на ресурсите. На многу начини, денешните трансформативни технологии ја оспоруваат таа премиса.

Науката за современи податоци, на пример, стана толку многу напредна што алгоритмите предводени од постојните податоци за потрошувачи наскоро може да ја преземат задачата за ефикасно одлучување при купување. Тогаш прашањето ќе биде дали пазарот или државата опремена со познавање за алгоритми би можеле подобро да обезбедуваат дадени производи и услуги.

Податоците влијаат и на други начини врз нашата економска свест. Како прво, потрошувачите почнуваат да сфаќаат до која мера дигиталните сервиси заработуваат од нивните лични информации. Исто така, податоците се извор за вештачка интелигенција, машинско учење и слични технологии, што ќе имаат уште поголеми економски последици. Оттаму, можеби се приближуваме до точката на варијација во која потрошувачите ќе почнат да бараат да им се плаќа за нивните податоци.

Големите податоци исто така ќе воведат промени во финансискиот сектор. Денешната индустрија на осигурување, на пример, се заснова на информациски асиметричности и мутуализација на ризиците (сносење на ризиците од страна на побројна група). Како што се приближуваме до екосистем на скоро-совршени информации, алатките за точно утврдување на цената на ризикот ќе станат помоќни.

На крај, денешната економска трансформација поттикна солидна дискусија за односот помеѓу економските резултати и добросостојбата или среќата. Секако, добросостојбата сама по себе е тешко да се измери, така што може да се каже дека е подобро кон ова прашање да се пристапи од друга страна, со идентификување на факторите поради кои ни се намалува доброто чувство. Тоа е замислата зад годишниот Индекс на мизерија на Блумберг, со кој се мери инфлацијата и невработеноста, врз претпоставка дека и двете нешта создаваат економски трошоци за општествата.

Пристапот на Блумберг го поставува клучното прашање за тоа како треба да ги мериме економиите во дваесет и првиот век. Во 30-тите години од дваесеттиот век, економистот Симон Кузнец го идентификувал бруто националниот производ како показател за резултатите на економијата во форма на стока и услуги во даден временски период. Денес, БНП – заедно со бруто домашниот производ, или БДП – се смета за де факто показател за добросостојбата на една држава низ целиот свет.

Сепак, овие мерења наведуваат на погрешни заклучоци, затоа што тие не земаат предвид многу од нештата што се важи за општествата, како што се еднаквоста, социјалната мобилност или одржливоста. Дури и ако БДП беше добар предвидувач за успех во овие категории, со него сепак не се опфатени нематеријалните вредности кои се создаваат во дигиталната економија.

Всушност, главниот предизвик со кој владите се соочени е истиот како и од претходните ери: да се подобри животот – да биде подолг, поздрав, побогат и побезбеден – за сегашните и за идните генерации. Најголемата разлика денес е дека брзите технолошки промени, заедно со новите еколошки и меѓугенерациски предизвици, директно влијае врз способноста на владите да дејствуваат.

Сепак, владите нема да ги остварат своите цели ако користат застарени алатки. Законите за даноци кои се напишани за една аналогна економија и статистичките методи кои не го прикажуваат вистинското богатство едноставно нема да ја завршат работата. Неизбежен е нов приод за осигурување среќа и добросостобја во следниве децении.

Маргарета Држениек-Хануз е раководител на Одделението за економија на Светскиот економски форум.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Маргарета Држениек-Хануз

Маргарета Држениек-Хануз е раководител на Одделението за економија на Светскиот економски форум.