fbpx
 

Дали притворот е прикриена казна пред пресудa?

ALB

Јасмин Калач

Jasmin Kalac 200x250Во притворските единици во нашата држава се наоѓаат многу притвореници, некогаш дури и далеку повеќе од постоечките капацитети. Се поставува прашањето дали притворот се претвори во прикриена казна пред пресуда, затоа што можноста личноста која поминала месеци, некогаш и години во притвор да биде прогласена за невина, секогаш постои.

Што претставува притворот?

Притворот е мерка која служи како помагало за обезбедување присуство на осомничениот или обвинетиот (de jure невино лице) пред надлежен суд во кривичната постапка која се води против него. Притворот се разликува од затворот, бидејќи затворот е санкција - казна која ја одредува судот доколку утврди дека постои вина кај некое лице за сторено кривично дело. Голем дел од граѓаните не ја знаат разликата помеѓу притворот и затворот, и поради тоа во јавноста честопати настанува конфузија. Честопати преку медиумите граѓаните добиваат погрешен впечаток и претстава дека некое лице е ослободено од обвинение затоа што е пуштено од притвор. Исто така, постојат и обратни ситуации кога некому ќе му се одреди мерката притвор, во јавноста се претставува како лице кое што е веќе осудено.

Треба да се нагласи дека фактот што осомниченото лице е во притвор, не значи и дека ќе биде обвинето и осудено, ниту пак пуштањето од притвор на слобода е потврда дека некое лице ќе добие ослободителна пресуда. Затоа е потребно да се направи дистинкција помеѓу притворот и затворот. Исто така, голема е разликата помеѓу осомничено и обвинето лице. Осомничен е лице против кое се води истражна (претходна) постапка, додека пак обвинет е лице против кое е потврдено обвинение. За на некое лице осомничено или пак обвинето за сторено кривично дело да му биде одредена оваа мерка, мора да биде исполнет еден од неколкуте услови предвидени во член 165 од Законот за кривична постапка, како што се опасност од бегство, сомнение дека лицето може да влијае врз сведоците кои треба да бидат испитани, да уништува траги, докази или пак да го повтори кривичното дело.

Притворот е најтешката мерка бидејќи со неа се ограничува правото на слобода на човекот. И покрај тоа што постојат алтернативни мерки предвидени во ЗКП, како одземање на патна исправа, гаранција во недвижен и движен имот дека осомничениот нема да бега, забрана за напуштање на живеалиште, или пак куќен притвор, судиите пречесто се одлучуваат за изрекување на оваа мерка. Правото на слобода и сигурност на човекот е целосно гарантирано во членот 5 од Европската конвенција за човекови права, но судот повторно речиси секогаш го прифаќа предлогот за притвор на обвинителството, без притоа од него да бара конкретни факти и докази за неговото одредување.

Притворот во текот на кривичната постапка според ЗКП се користи во три фази. Првата фаза е во текот на истрагата пред поднесување на обвинението, втората фаза е по поднесување на обвинението и третата фаза е по изрекување на пресудата до нејзината правосилност, односно до започнување со издржување на изречената казна затвор. Притворот, дури и доколку му е одреден на некое лице, треба да биде сведен на максимално најкратко нужно време. Поради самиот факт што на некое осомничено лице му е одреден притвор, сите органи што учествуваат во кривичната постапка, задолжително мораат да постапуваат со особена итност.

Времетраењето на притворот е уредено во Законот за кривична постапка, конкретно во членовите 171 до 174. Тој трае се додека постојат причините поради кои е одреден. Притворот може најмногу да трае до 30 дена од денот на лишувањето од слобода.  Потоа одлуката дали повторно на лицето ќе му биде одредена или укината оваа мерка се преиспитува од страна на судот. За надлежните органи, при одлучувањето за одредувањето на мерката притвор, може да се каже дека примарен е видот на кривичното дело и запретената казна за делото. Колку е поголема предвидената казна, толку може подолго да трае притворот, но не повеќе од две години за кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор. Ако обвинетиот, на пример, побегне од притвор, што речиси никогаш не се случило, роковите почнуваат да течат одново.

kpdom
Извор: radar.mk
Казна или мерка?

Одговорот на прашањето дали притворот е казна или мерка, пред се, може да се добие и директно произлегува од одговорот на прашањето какви се условите во кои едно лице кое што не е правосилно осудено, престојува во притвор. Условите во казнено-поправната установа во Шутка се нехумани и буквално премногу сурови. Според репортажата на МИА од 2018 година, нехигиената, супстандардните услови, недоволната медицинска грижа, се само дел од нехуманиот и несоодветен третман на притворените лица, што доведува до тоа притворениците да велат дека е подобро да си во затвор отколку во притвор. Критиките континуирано пристигнуват, и се упатуваат на сите досегашни власти за состојбата на македонските затвори. Таков е и последниот извештај на Хелсиншкиот комитет објавен во септември 2019 година за состојбата и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија. Во главните препораки на извештајот се вели дека државата треба да ги продолжи напорите за реконструкција на старите објекти од казнено-поправните установи заради овозможување на хумани услови во затворите. Колку за илустрација, на 08.02.2019 година тимот на Хелсиншкиот комитет оствари еднодневна посета на КПУ Затвор Скопје Шутка, и било утврдено дека затворот има капацитет од 350 легла за лица кои издржуваат мерка притвор, и во тој момент биле затекнати 254 притворени лица. Бројката на притворени лица постојано варира и некогаш достигнала и до 460 лица, што е апсолутно неприфатливо. Во поглед на просторните капацитети, материјалните услови и хигиената, просториите каде што се сместени лицата кои издржуваат мерка притвор биле во критична состојба.

Влага, миризба, тоалети внатре во просториите, несоодветна храна, несоодветна вентилација е појава присутна во голем дел од просториите кои ги посетиле претставниците на Хелсиншкиот комитет за човекови права. За дел од просториите кои биле реновирани, односно свежо бојадисани, директорот информирал дека тоа го сториле осудени лица. Бидејќи ,,ќелијата“ во која притвореникот престојува е мала, мрачна, руинирана, има мало прозорче од кое едвај допира светлина, досетливите притвореници врзуваат пластично шише со вода за да го контролираат протокот на воздух во просторијата. Само еден час имаат право да бидат надвор од ќелијата.

Најалармантна е состојбата во озлогласеното притворско „В“ одделение, или меѓу затворската полиција попознато како „Ц“. Таму, првиот слој на малтерот на повеќе места го нема, а каблите околу прекинувачите за струја се соголени и лесно може да се случи да се добие струен удар. Поради сето ова, извршната директорка на Коалицијата ,,Сите за правично судење“ предупреди дека притворот се покажал како кобен по здравјето на многу притвореници. Едноставно, лицето (притвореникот) кое престојува во таа просторија под тие услови, чувстува како да е казнет, а не дека му е определена мерка од страна на судот за да не избега. Според тоа, КПУ  Шутка не може да се пофали со почитување на човековите права, согласно Европската конвенција за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување. Понижувачкото однесување кон притворениците во однос на сместувањето е еквивалентно како да се ,,осудени и казнети“ со самиот факт што им е одредена таа мерка, иако не се правосилно осудени.

Лицата против кои се води кривична постапка, неретко поголемиот дел од подоцна изречената казна затвор, веќе ја ,,отслужиле“, во притвор. Во репортажата на телевизија Телма од август 2019 година, сегашниот директор на затворот КПУ Шутка, отворено зборува дека во затворот царува корупцијата и дека тоа претставува дополнителен проблем кој тешко се решава и покрај напорите за нејзино сузбивање. Неопходно е да се наведе дека притворот има и финансиски импликации за државата. Еден ден притвор чини 1.000 МКД.

Алтернативни мерки наместо притвор

Домицилното, односно домашното право, а и меѓународното законодавство овозможуваат цела една палета на други алтернативни поблаги мерки кои може да се применат за остварување на апсолутно истата цел. Според Законот за кривична постапка во членот 144 се предвидени алтернативните мерки, како што се на пример мерките на претпазливост во кои спаѓаат: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и слично.

Понатаму, предвидени се и алтернативните мерки како што се гаранцијата, куќниот притвор и слично. Алтернативните мерки се далеку поекономични во компарација и споредба со притворот, и со нив не се ограничува слободата на осомниченото или обвинетото лице на толку ригорозен начин како со мерката притвор. Според прирачникот за примена на мерката притвор изработен од  домашни експерти, при одлучувањето за (не)одредување на мерката притвор, треба да се води сметка за индикаторите кои влијаат на веројатноста за бегство на обвинетото лице, (првенствено видот на кривичното дело) како што се слабата или солидната имотна состојба на осомниченото лице, дали станува збор за лице кое е во редовен работен однос или е невработено, дали има или нема семејство, дали има роднини во странство или пак нема, каква репутација има граѓанинот и слично. Мораме да истакнеме дека граѓаните и медиумите во последно време се сведоци на чести случаи на големи афери кои ја тресат државата, и кои се можеби производ на моменталната политичка состојба, каде поединци се апсат, притвораат, обвинуваат, а подоцна постапките се оддолжуваат, па надлежните органи не знаат што да прават со притворените лица бидејќи роковите за продолжување на мерката притвор истекуваат.

Нехумано е, и истовремено незаконито да се држат луѓе во притвор, бидејќи секогаш постои опасноста и покрај недоволно докази да се изрече осудителна пресуда за да се ,,покрие“, притворот и на тој начин државата да се спаси од надоместот на штета на притвореното лице. Адвокатите во медиумите често се жалат дека одлуките за одредување на мерката притвор се недоволно поткрепени со докази. Јас лично можам да наведам пример од пракса каде бев бранител на лице осомничено за кривично дело, каде што му е одредена мерка притвор поради опасност од бегство, врз основа на тврдење на обвинителството дека лицето имало роднини во странство и поради тоа можело да избега без да се наведе кои се тие роднини или пак каде живеат.

Еден од постулатите на казненото право е дека секој човек е невин, се додека со правосилна судска пресуда не се утврди спротивното. Од друга страна, точен е и фактот дека постојат случаеви каде што на некои лица им се одредени полесни алтернативни мерки, и истите ги злоупотребиле, па се дале во бегство или слично. Можеби тоа е една од причините за ваквиот однос на судовите, но истата не смее да биде репер за сите. Затоа, при одлучувањето за тоа дали на некое лице треба да му се одреди најтешката мерка - притвор, од страна на надлежните органи не смее да се пристапува со леснотија и не смеат да се заборават сериозноста, неизвесноста и суровоста кои во себе ги содржи притворот, но и финансиските ресурси кои се потребни за негово спроведување.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

A është paraburgimi dënim i fshehur para vendimit ...
Na nevojitet sistem bashkëkohor për menaxhim me fa...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 11 Ноември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не