Gaudeamus igitur: за предлог-законот за високото образование

м-р Весна Попоска

Vesna Poposka 200x250Текстот на новиот Закон за високото образование се очекуваше со нетрпение и во голема мера одговори на дел од барањата. Но, се` уште постојат неколку клучни опасности кои треба да бидат адресирани, во насока на изнаоѓање што посоодветно законско решение кое ќе ги интегрира европските перспективи и македонските прилики и можности.

Иницијативата за нов Закон за високото образование беше повеќе од охрабрувачка за академската заедница, од неколку причини: прво, фактот што постојаните измени, дополнувања и одложено важење на одредени одредби од постоечкиот закон предизвикаа сериозна правна несигурност и конфузија; второ, затоа што постоечкиот закон предвидуваше драконски казни кои не соодвествуваат на карактерот на академската работа и овозможуваат имплицитна атака врз академската слобода; трето, најголем дел од предложените мерки промовирани во насока на подобрување на квалитетот на академската работа не кореспондираа со целите за кои беа воспоставени и беа нереални, како, на пример, барањето за компатибилност на студиските програми со првите 50 универзитети од Шангајската листа (која сама по себе не го врши рангирањето на тој начин). Севкупно земено, се повеќе се стеснуваше кругот околу концептуалната и реалната универзитетска автономија.

Клучни опасности

Измените на постоечкиот закон за високо образование предизвикаа бурна реакција артикулирана во масовен протест и бунт за будење на академската фела во поширок контекст. Тоа беше симболично отпочнување на едно ново патување.

Ако се земе предвид дека патувањето, а не дестинацијата сама по себе е дефиниција за успешна промена, останува уште многу работа во доменот на јавната сфера и креирањето на високообразовните политики, за да му се овозможи на Универзитетот како автопоетичен систем да го репродуцира сопствениот идентитет низ призмата на автономијата како уставно загарантиран принцип.

Од тие причини, текстот на новиот Закон за високото образование се очекуваше со нетрпение и во голема мера одговори на дел од барањата. Но, се` уште постојат неколку клучни опасности кои треба да бидат адресирани, во насока на изнаоѓање што посоодветно законско решение кое ќе ги интегрира европските перспективи и македонските прилики и можности.

gaudeamus igitur za opasnostite na predlog zakonot za visokoto obrazovanieФото: Покана за предлози и коментари за новиот Предлог на Закон за високото образование. Извор: mon.gov.mk

За почеток, неопходна е доработка на концепот на студентското организирање, бидејќи европскиот модел се базира на плурализам, а не на единствена организација, согласно Повелбата за правата на студентите и бројни документи во таа насока. Другата алтернатива, пак, е доколку се остане на идејата за една организација (универзитетско/факултетско студентско собрание) да се дорегулира постапката во насока на прецизирање на изборниот модел на овозможување отворени листи.

За поздравување е иницијативата за формирање посебна Агенција за квалитет и раздвојување на двата процеси: акредитација и евалуација. Но, неопходно е да се ревидираат одредбите за составот на Одборот за акредитација и Одборот за евалуација (член 47 и член 52 од предложениот текст), паритетот по основ на бројот на предложени членови од Владата и од Интеруниверзитетската конференција треба да се помести во корист на Интеруниверзитетската конференција и пошироката академска заедница, како и да се овозможи членовите кои се предложени од Владата да доаѓаат од било која високообразовна институција (а не само од јавните универзитети), затоа што изборот во звање кој е заснован на закон има подеднаква тежина доколку е извршен во соодветна постапка на било која институција која е признаена од македонскиот правен систем. Дополнително, мора да се надмине стереотипот, макар и имплицитен, кон приватните високообразовни институции, за кои важат истите критериуми како и за јавните универзитети, и кои за да ја пресретнат акумулираната предност на државните универзитети мора да вложуваат многу повеќе во развој, а притоа се финансираат исклучиво од сопствен буџет. За да се овозможи реална независност во работата на директорот на Агенцијата за квалитет (член 56 став 2) неопходно е должината на мандатот да не кореспондира со должината на мандатот на пратениците, кои треба да го изберат или разрешат, што е пракса, на пример, во Словенија (пет години).

Докторски студии и флексибилна методологија

Новиот концепт за рангирање мора да биде поставен во насока на мотивација за зголемување на квалитетот на сите високообразовни институции, а не во насока на давање можност за организирање докторски студии. Ваквата одредба од една страна ќе доведе до инертност и комоција на оние институции кои најмногу треба да се развиваат наместо да се потпираат „на стара слава“, како и до демотивација на подоцна формираните универзитети за развој на научно-истражувачката работа. Доколку еден универзитет ги исполнува условите предвидени со Закон и подзаконските акти, како што е Уредбата за нормативи и стандарди, нема причина да му се одземе правото на организирање докторски студии. Дополнително, што со новиот закон се предвидува да се врши и надворешна евалуација и де факто се заоструваат критериумите и механизмите, а решение за почеток со работа на трет циклус студии носи Владата согласно член 145 од предлогот.

Од друга страна, важно е дека оваа одредба индиректно ќе го засегне и правото на студирање на мајчин јазик на помалите заедници, бидејќи универзитетите кои реализираат настава на јазик на заедниците, се релативно понови и помали од првите државни универзитети во земјата, кои стандардно се меѓу најдобро рангираните. Не е јасно што претставува споменатата „флексибилна методологија“ бидејќи универзитетите треба навремено да се информираат за критериумите кои ќе бидат земени предвид при рангирањето, што нема да биде реално возможно ако правното лице кое го врши рангирањето се менува на секои три години, а методологијата е флексибилна. Дополнителни проблеми можат да настанат при рангирањето на единиците наспроти рангирањето на институцијата како целост, заради што може да се создаде слика која не е реална. Целта на рангирањето мора да биде во насока на подобрување на квалитетот на македонските високообразовни институции, а не предуслов за организирање докторски студии.

За поздравување е иницијативата за зајакнување на Интеруниверзитетската конференција, но со оглед на нејзините надлежности, таа мора да има гарантирано минимално финансирање од буџетски средства заради карактерот на дејноста која ја врши. Неопходно е и допрецизирање во врска со нејзиното функционирање на ниво на закон, на пример, минималниот број седници годишно, постапување по определени рокови и ротирање на претседателството.

Кус мандат за ректорот

Во врска со постапката за избор и мандатот на Ректорот (член 97-100), кратењето на мандатот на Ректорот на три години со право на реизбор, загрижува фактот што тоа не претставува европска пракса. Ваквата одредба ќе имплицира скратување на можноста за долгорочни проектирања и развојни активности, кои се од стратешко значење, но и ќе не вовлече во пречесто организирање изборни циклуси и алокација на премногу ресурси во таа насока. Впрочем, изборни циклуси на двеипол години се покажаа како преголем залак и за државата. Дополнително, предлог решението изборот на Ректорот да се врши на непосредни избори од страна на наставно-научните совети директно ја поткопува улогата на Сенатот, кој како орган на управување и стручен орган мора да има доверба во Ректорот како раководен орган кој во целост одговара за законитоста во работењето. Овие два органа мора да уживаат меѓусебна доверба, а правата и обврските на Ректорот да се регулираат со договор склучен со Сенатот, како највисок орган на Универзитетот.

Неопходно е да се интервенира и во други закони, како на пример Законот за странците, за да се ефектуира положбата на Законот за високото образование како lex specialis во контекст на овозможување реална интернационализација на македонскиот високообразовен простор, како и фокус на развојната и научно-истражувачката компонента, наместо чисто репродуцирање на знаење.

Дополнително, во духот на законот мора да започне да провејува свеста за креирање јавни политики кои се родово сензитивни и се во насока на надминување на родовиот јаз во процесот на донесување на одлуки во сферата на високото образование. Но, не само во делот на донесувањето одлуки, туку и во подигање на свесноста за имлицитните разлики: во делот на заштита на личните податоци, во новиот предлог закон стои се` уште архаичната флоскула „за студентките и моминското презиме“ што (ајде да не „ситничари“ феминистката во мене) се коси со законски дадените можности во врска со промената на презимето при склучување брак.

Но, кога веќе дојдовме до ситуација да разговараме за сензитивност, наместо за глоби од шестцифрени суми евра неизразени во денарска противвредност, несомнемо сме зачекориле напред.

Gaudeamus igitur! Vivat academia, vivant professores! Vivat membrum quodlibet!

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Врската помеѓу телевизијата и политиката во Републ...
Крвавиот четврток - уривање на уставниот поредок
 

Коментари 1

Анонимен - Tanja on Среда, 02 Мај 2018 18:13

A dali ke ima odredbi za pravata na vrabotenite vo smisla pravo na prigovor, pravo na sudska postapka dokolku e izbran kandidat za dekan , prodekan i slicno vo nezakonita postapka , ova go prasuvam zatoa sto vo postojniot Zakon za visoko obrazovanie nema vakvi odredbi so obrazlozenie deka univerzitetite imaat avtonomija vo upravuvanjeto i izbor na rakovodstvo

A dali ke ima odredbi za pravata na vrabotenite vo smisla pravo na prigovor, pravo na sudska postapka dokolku e izbran kandidat za dekan , prodekan i slicno vo nezakonita postapka , ova go prasuvam zatoa sto vo postojniot Zakon za visoko obrazovanie nema vakvi odredbi so obrazlozenie deka univerzitetite imaat avtonomija vo upravuvanjeto i izbor na rakovodstvo
Анонимен
Сабота, 20 Октомври 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не