fbpx

Kлиентелизмот во медиумите удар врз јавниот интерес

Сефер Тахири

Јавен интерес

Медиуми

08.04.16

Прегледи

д-р Сефер Тахири

sefer tahiriИлузија е да се мисли дека новинарите имаат слобода да објавуваат негативни вести или да известуваат за спорови за компаниите кои се директни сопственици на медиумите или се во бизнис релации со одредениот медиум. Многу често се емитуваат вести за псевдо-настани односно настани кои имаат маркетиншка или пи-ар функција, иако тоа е спротивно на Етичкиот кодекс на новинарите.

Не постои едноставен и јасен одговор што е јавен интерес, но тој најкусо би можел да се дефинира како она што е од интерес или од корист за најголемиот број луѓе во општеството. Новинарство од јавен интерес најкратко кажано значи одговорен однос на медиумите кон јавноста. Освен непостоење на цензура или контрола од центрите на политичката моќ, почитувањето на јавниот интерес во новинарството подразбира и непостоење на прикриено влијание на сопствениците на медиумите или огласувачите врз селекцијата на вестите и врз нивната уредувачката политика.

Приватните медиуми како памфлети на бизнис интересите

Во теориите за медиумите, нивната улога се дефинира како „јавен интерес“ и како „општо добро“. Притоа, сопственичката структура на еден медиум не треба да се меша со општествениот интерес на тој медиум. Имено, еден медиум може да биде приватен, но неговата улога е јавна.

Медиумскиот систем во Македонија, нормативно-правно функционира на јасно дефинирана институционална рамка, според која медиумите, а особено електронските, функционираат како независни субјекти. Но всушност поголемиот број радиодифузери, комерцијалните и јавниот сервис, се во рацете на политички субјекти и се продолжена рака на бизнисот. Тргнувајќи од моделот на сопственоста на медиумите, во Македонија многу е тешко да се најде еден сопственик кој не е поврзан со некој бизнис, со политиката или во некои случаи со двете заедно. Сопствениците на медиумите кои се финансираат директно од владиното рекламирање, дури не ги третираат медиумите како бизнис, бидејќи нивната егзистенција зависи од конкретните политички и бизнис-интереси на владејачките политички групи. Токму затоа Македонија кога е во прашање слободата на медиумите падна околу 100 места во споредба со 2009 година, кога беше на 34-тото место.

Оттука, во доминантниот број на медиуми илузија е да се мисли дека новинарите имаат слобода да објавуваат негативни вести или да известуваат за спорови за компаниите кои се директни сопственици на медиумите или се во бизнис релации со одредениот медиум. Напротив, се објавуваат само афирмативни вести, а многу често рекламниот блок е окупиран од овие компании. И тоа се прави на невкусен и несуптилен начин, односно со агресивен директен маркетинг. Новинарите стравувајќи дека некоја вест може да предизвика револт кај бизнисот, кога е во спрега со сопственикот на одреден медиум, дури не се обидуваат да пишуваат за одредени теми. Оваа констација ја потврдува на пластичен начин еден новинар, кој во истражувањето на Синдикатот на новинарите и медиумските работници „Бела книга за професионалните и работни права на новинарите“ изјавил: „Новинарот е под опсада. Од една страна е главниот уредник, од друга сопственикот, а околу него се наоѓаат и власта, огласувачите, партиите“.

Секако дека ова влијае врз уредувачката политика на медиумите, кои како надоместок за рекламите овозможуваат прикривање и необјавување на вести кои се на штета на компаниите (тендери, договори со државата, коруптивни скандали итн). Многу често се емитуваат вести за псевдо-настани односно настани кои имаат маркетиншка или ПР функција, иако тоа е спротивно на членот 6 на Кодексот на новинарите кој вели дека „Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето. Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст“. Сепак, спротивно на професионалните стандарди дел од медиумите обезбедуваат широк информативен простор за компаниите кои се во клиентелистички бизнис релации со медиумите. Затоа често медиумите срамежливо се одлучуваат да објавуваат квази-информации пред вестите од спортот за мобилната телефонија, банкарството, енергетиката, приватното образование или здравството (приватните болници), На крајот од вестите, веројатно свесни дека не ги почитуваат ниту основните критериуми за медиумско вреднување на настаните.

Веројатно ако се прашуваат овие компании зошто ги финансираат медиумите кога немаат профит од нив, одговорот би бил дека „ги бранат нивните бизниси“. Ова е точно, но само делумно. Преку медиумите, бизнисите кои стојат „позади“ медиумите обезбедуваат и многу поволности на пазарот или пак можат да вршат притисок, но и директно добиваат финансиски средства од државата.

mediumi

Извор: vesnik.mk

Пропагандата „во целофанот“ на информирањето

Медиумите во Македонија ќе бидат слободни кога ќе функционираат надвор од влијанијата на политичките или економските субјекти. Но ова е невозможно, бидејќи ако фунционираат само врз пазарни услови, имajќи го предвид малиот пазар (20 милиони евра годишно од реклами, од кои 7 милиони ги обезбедува државата), секако дека голем дел од нив ќе треба да стават клуч на врата! Податокот дека 7 милиони евра од Владата се слеани во дел од медиумите докажува дека токму тие се во политички и економски клиентелизам со власта и со тоа ја губат уредувачката автономија.

Поразителни се сведоштвата на новинарите и уредниците за начинот на којшто во континуитет се поткопува интегритетот на медиумите: зачестени практики на цензура или автоцензура со цел да им се удоволи на интересите на политичарите или на огласувачите. Соочени со ваков амбиент, медиумите и новинарите многу малку се спремни да ги отвараат најсуштинските прашања и да се борат за поголема уредувачка независност.

Од друга страна, иако е тoчно дека дел од медиумите функционираат во тешки услови, некои новинари и уредници се подложни на суптилни форми на поткупување (во форма на користење на услуги од компаниите од мобилната телефонија, бесплатни патувања, разни подароци), што е спротивно на професионалните стандарди. Oва покажува дека дел од самите медиуми и новинари самоволно не ги почитуваат некои од основните новинарски принципи: непристрасност и отчетност. А кога непристрасноста не е одлика на медиумските содржини, најчесто пати вистината и точноста, но и правичноста.

Овие прекршувања заедно влијаат врз зголемување на недовербата на медиумите и врз (не)служењето на јавниот интерес.

Прирачник за јавен интерес во новинарството

Овие денови беше промовиран Прирачникот за јавниот интерес во новинарството. Неговата потреба е повеќе од нужна поради видливата манипулација на центрите на економска и политичка моќ. Новинарите се изложени на притисоци, закани, напади, казни, па дури и затвoрање, како што беше случајот со колегата Томислав Кежаровски. Воочлив е падот на новинарските стандарди, зголемена е нивото на присутност на говорот на омраза. Како последица на ова речиси е невозможно да се зборува за уредувачка автономија, а недовербата во медиумите постојано се зголемува.

Во овој Прирачник се сублимирани општоприфатените принципи и професионални стандарди. Тој е првенствено наменет за новинарите, за уредниците и за останатите медиумски работници, без разлика дали доаѓаат од јавен или од комерцијален, од традиционален или од нов медиум. Прирачникот има цел да им помогне или да ги потсети новинарите или медиумски професионалци на начелата и стандардите коишто треба да ги почитуваат при вршењето на својата професија, која, пред сѐ, му служи на јавниот интерес.

Исто така, тој е наменет и за граѓаните, кои во својство на публика, треба да знаат критички да ги восприемаат информациите и да умеат да препознаат непрофесионално новинарство. Во едно демократско општество, јавен интерес е почитувањето на правото на слободата при изразувањето, а медиумски писмените граѓани ќе знаат како да реагираат кога таа е прекршена.

Според овој прирачник, медиумите и новинарите треба да ги почитуваат следните принципи, на кои почива оваа професија:

1. Доверба и служење на јавниот интерес
2. Точност и вистинитост
3. Непристрасност
4. Транспарентност
5. Отчетност
6. Интегритет и уредувачка независност
7. Правичност
8. Штета и навреда
9. Приватност
10. Заштита на децата и младите лица


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сефер Тахири

Сефер Тахири има докторирано на тема „Влијанието на политичките партии врз уредувачката политика на јавниот радиодифузен сервис-Македонска Радиотелевизија (1998-2006 година)“. Предава предмети од областа на медиумите и комуницирањето при Факултетот за јазици, култури и комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и на Институтот за комуникациски студии во Скопје. Тахири има 15-годишно новинарско искуство. Работел како новинар и уредник во весникот Факти, Програмата на албански јазик на МТВ, ТВ АЛСАТ-М и бил дописник на Радио Слободна Европа од Скопје - Програма на албански јазик. Има учествувано во различни истражувачки проекти во областа на медиумите и комуникациите.