fbpx

Стратегијата за намалување на загадувањето – недопустливо поигрување со здравјето на граѓаните

Југослава Дуковска

Животна средина

10.12.18

Прегледи
МК   ALB

Југослава Дуковска

Jugoslava Polenak 200x250Владата се обидува со паушални мерки во наредниве две години да ја решава катастрофалната состојба во која се наоѓаат македонските градови, пред се`, Скопје, во кој живее третина од популацијата во државата, но и Тетово, повеќекратен европски и светски рекордер со повеќедневни енормни концентрации на отровни состојки во воздухот, и другите, не помалку затруени македонски градови!

Третата министерска конференција за животна средина за Западен Балкан што неодамна се одржа во скопскиот хотел „Мериот“ беше одлична прилика македонскиот аудиториум конечно да го запознае човекот кој се наоѓа на најодговорната функција во државата за прашањата на животната средина и нејзината заштита. Телевизиските камери го уловија на скалите, тремосан и во очајнички обид да избега, но токму навреме за конечно да се разреши дилемата дали се работи за имагинарен лик или во Владата на Зоран Заев навистина седи жив министер, одговорен за екологија.

Година ипол откако дојде на челото на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, министерот Садула Дураки конечно беше ставен во ситуација да ѝ одговори на јавноста која го прозиваше околу една важна, всушност горлива тема со која јавноста деноноќно се преокупира, а тоа е аерозагадувањето. Сепак, вредеше да се чека, бидејќи Дураки, мерките на актуелната Влада за справувањето со загадениот воздух, претенциозно наречена План за чист воздух, најубаво ги сублимираше со зборовите: „Знаете вие дека ние, Македонија, не сме Швајцарија. Сега почнавме, еден чекор е направен и – тоа!“.

„Министерот изразува жалење“

„Министерот изразува жалење што не се изразил доволно јасно и што тоа предизвика реакции во јавноста“, вели владиното соопштение кое се обиде да го испере несмасниот гаф на Дураки. Со својата изјава, со која се обиде да се оправда за се`, и за тоа што него никаде го нема и што состојбата со загадувањето е алармантна, Дураки всушност кажа:  „Драги сограѓани, се обидуваме да ви замачкаме очи дека преземаме нешто за загадувањето, па затоа не се занесувајте, добро знаете дека сме Македонија, а не Швајцарија. Што не е тука јасно?“

Министерот и јавноста, по се` изгледа, убаво се разбраа и покрај скудниот речник на Дураки. Тој, несакајќи, ја дефинираше стратегијата на државата кога е во прашање проблемот со аерозагадувањето, кое, барем според проценките на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) убива повеќе од 3.000 лица годишно во Македонија, како што стои во последниот европски извештај за квалитетот на воздухот, а македонската економија, пак, според Светска Банка, трпи директни загуби од последиците на загадениот воздух од дури 253 милиони евра годишно. „Сега почнавме, еден чекор е направен и – тоа“ всушност дефинира како актуелната власт, дојдена на крилјата на општото незадоволство на граѓаните на оваа држава со политиките на нивните претходници, ги реализира своите предизборни програми, полни со реченици како: „Граѓаните имаат право на здрава животна средина, на чист воздух, чиста вода за пиење и наводнување, здрава почва на која ќе одгледуваат здрава храна“, и „Заслужуваме природа во која непречено ќе се одвиваат сите функции и која ќе биде поддршка на идниот развој на нашата земја, со благосостојба на сите нејзини жители“.

Автопат или здравјето на граѓаните - прашањето е сега!

Со само милион ипол евра, издвоени од буџетот за реализација на Планот за чист воздух, промовиран од заменик министерот за животна средина Јани Макрадули како стратешка програма на Владата на РМ, овој документ во старт беше доживеан и кај граѓаните и кај еколошките активисти како несериозен. Општ впечаток е дека Владата се обидува со паушални мерки во наредниве две години да ја решава катастрофалната состојба во која се наоѓаат македонските градови, пред се`, Скопје, во кој живее третина од популацијата во државата, но и Тетово, повеќекратен европски и светски рекордер со повеќедневни енормни концентрации на отровни состојки во воздухот, и другите, не помалку затруени македонски градови! Во буџетот за 2019 година само 0,6 проценти од предвидените средства ќе бидат издвоени за животната средина или само еден отсто од собраните даноци поврзани со животната средина (споредено со бројки од фискалната 2016 година). Екологистите потсетуваат дека само за анекси на автопатот Кичево - Охрид, долг 57 км, Владата одобри 187 милиони евра, што е за 117 пати повеќе од борбата на Владата против аерозагадувањето.

Беше потребно да помине една ипол година од мандатот и на владата на премиерот Зоран Заев, и на супер молчаливиот министер за животна средина (и да починат од загадување 4.500 граѓани на Република Македонија, ако им веруваме на странските меѓународни институции), за оваа Програма да се осмисли, за аерозагадувањето да се вброи во приоритетите на Владата, да се склопи финансиската конструкција и да се обелодени програмата. И додека власта ја убедува јавноста дека има магија со која со 1,5 милиони евра ќе успее да избрише и до 50 проценти од причините за 253-те милиони евра загуби кои секоја година се книжат како директна последица на загадувањето на животната средина (и, да, во просек 3000-те смртни случаи годишно, ако смееме да бидеме упорни во потсетувањето), македонските граѓани всушност се зафатени со многу поприземни теми. Како на пример – колкукратно е денес зголемено аерозагадувањето во градот во кој живеат, каде да набават поефтин ама сепак ефикасен пречистувач на воздух и која марка на маски за дишење најдобро ги филтрираат ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките.

Strategijata za namaluvanje na zagaduvanjeto nedopustlivo poigruvanje so zdravjeto na gragjaniteИзвор: Prizma.mk

„Повторувајте по мене: Индустријата не загадува!“

Амбицизното ветување на Владата дека во наредните години дури за 50 проценти ќе се намали аерозагадувањето во Скопје, а за завидни 30 до 50 проценти и во останатите како Тетово, но и Куманово, Кичево, Струмица, главно се темели врз мерки кои го таргетираат загадувањето од загревањето на домаќинствата и интервенции во делот на користењето на возилата во градот. Не може да се каже дека предложените мерки како засилениот инспекциски надзор, ревитализацијата на запуштените зелени површини, субвенциите за почисти системи за загревање на индивидуалните домаќинства се лоши. Сепак, она што нападно отсуствува од владиниот План за чист воздух се решенија за прекумерната урбанизација на градовите, посебно на Скопје, а нема ни гаранции дека нема да им се прогледува низ прсти на индустриските загадувачи. Исто така, недостига добар план како да се напушти сегашната зависност од јагленот како енергенс во производството на електрична енергија на ниво на држава и, еднакво важно – недостига стратегија како за што е можно покус рок да се зголеми користењето на обновливите извори на енергија како за производство на струја, така и на микро-ниво, за нивно користење во индивидуалните домаќинства.

Промената на власта, повеќе е од јасно, дефинитивно не донесе промена на стратегијата, која треба да ѝ овозможи енергетски постабилна иднина и почиста животна средина на Македонија.

Работите да бидат полоши, впечаток е дека двајцата фронтмени на оваа програма на Владата – заменик-министерот Макрадули (министерот Дураки поради набиената агенда не е на чело на битката за чист воздух!) и скопскиот градоначалник Шилегов, свесно прифатиле улога на адвокати на ѓаволот. Тие толку често ја повторуваат мантрата: „Не вперувај прст кон крупниот бизнис, индустријата не загадува, загадуваат граѓаните!“ што тоа веќе станува невкусно. „Самите сте виновни што дишете загаден воздух!“ е пораката која овие двајца не пропуштаат да ја испратат до граѓаните кои се` почесто бараат ургентни, но и ефикасни мерки против загадувањето. И покрај сите убаво накитени огради, дека, ете, граѓаните не сакаат да загадуваат ама немаат избор и дека социјалниот момент е вграден во Планот на Владата за чист воздух, па ќе фрчат субвенции и погодности за приклучување кон топловодната мрежа, ќе се субвенционира купување конвертори, ќе се прават енергетски ефикасни фасади, пораката е постојано иста - Воздухот го загадуваат граѓаните и - точка! Цементарница, Макстил, Алкалоид или РЕК Битола во стратегијата за воздух на Владата, никаде ги нема, небаре тие се некакви џиновски освежувачи на воздухот, а не фабрички оџаци. Проблемот е во тоа што ваквите тврдења се, благо речено, неточни, бидејќи не се темелат на квалитетни и издржани научни студии. И самата Влада, во воведот кон Планот за чист воздух, впрочем, признава дека „за жал освен мерењата од мерните станици, нема сеопфатни и детални студии, иако постојат индикативни истражувања кои укажуваат дека најголеми загадувачи во тие котлини се греењето, отпадот и индустријата“. 

Козметика место стратегија

Гафот на министерот Дураки полека ќе падне во заборав, покриен со други шокантни откритија на нашето секојдневие, но тој само го соголи срамното импровизирање со витално важната тема на загадениот воздух и неговото погубно влијание по граѓаните, која во име на некакви повисоки национални интереси и некаков економски развој плански се забошотува. Почнувајќи од несмалениот интензитет со кој се сече и уништува зеленилото во Скопје токму како во времето на „оние претходните“, со деноноќниот атак врз шумите по македонските планини, со бетонирањето на секое преостанато слободно парче земја во главниот град, со премолчаното давање зелено светло на цијанидно-сулфурното лужење на рудата додека највисоките владини службеници отворено лобираат за отворање на рудници, преку немањето стратегија за ослободување од зависноста од фосилните горива како енергенси до изградба и поттикнување на обновливи извори на енергија.

„Владите во регионов свесно го избегнуваат решавањето на еколошките проблеми во име на економскиот развој и на социјалниот мир“, ќе рече експертот на Советот за регионална соработка на Западен Балкан, Радован Никчевиќ. Се` појасно станува дека и актуелната Влада на премиерот Заев ја следи истата стратегија. Во таквата реалност, едукацијата на граѓаните, субвенциите за електрични возила, тротинети и печки за пелети се чиста козметика која на долги патеки не само што нема да го донесе проектираното намалување на загадувањето на воздухот во поголемите градови од 30 до 50 проценти подолу, туку воопшто нема да се влијае на намалување на бројката на луѓето кои и понатаму ќе умираат во Македонија од загаден воздух.

Вистинското прашање кое самите требаме да си го поставиме е како да ја натераме власта да ги смени приоритетите и да не ја ставаат, да речеме, изградбата на неколку километри автопат пред нашите животи? Додека немаме одговор на ова, ќе живееме во земја во која самите ќе бидеме виновни што не трујат. Во таква земја, и министрите ќе можат да ни кажуваат дека никој не ни е виновен што не сме Швајцарија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Југослава Дуковска

Југослава Дуковска (1964, Белград, Р.Србија). Еко-активист, планинар, free-lance новинар.