fbpx

Давитковски: Следниот европски извештај ќе биде најцрн досега за реформите

Интервју

16.04.24

Прегледи

Изборната кампања во Македонија речиси по правило се води со меѓусебни партиски обвинувања за користење на службени возила за изборни цели, присилно гласање на администрацијата, кој правел, а кој не правел реформи – што е доволна причина да разговараме со професорот Борче Давитковски, кој цели 43 години на Правниот факултет им ги откриваше на студентите лавиринтите на административното право и јавната администрација. Тој во интервјуто вели дека потпретседателите на влада и функцијата прв вицепремиер се измислица која ја има само во Македонија, оценува дека имаме нефункционална влада пренатрупана со министерства и дека нема ред во трошењето на јавните пари. Во новите закони во чија подготовка учествувал и кои допрва треба да се донесат, се содржани, како што посочува, прописи кои ќе го направат излишен балансерот за кој деновиве многу се дискутира.

Господине Давитковски, на стартот на оваа изборна кампања по којзнае кој пат се отвори прашањето за злоупотребата на владините службени автомобили за партиски цели. Не станува збор само за министрите, премиерот и претседателот, туку и нивното обезбедување е истото што им го плаќа државата како и автомобилите кои ги користат. Ајде уште еднаш да повториме зошто е тоа погрешно?

-Па тоа е трошење буџетски пари- пари од граѓаните за приватни работи. Прво, самото кандидирање е веќе партиска работа. По правило сите кандидати, дали за претседателски или за парламентарни избори, се кандидати на политичките партии. И најнормално е, секаде во свет е така, освен во Америка. Таму кога ќе се официјализираат двајцата кандидати службите им даваат посебен, но ист третман. Кај нас ние сѐ симплифицираме, имаме низа кодекси за пратеници, за членови на влада, имаме за јавна администрација, за судии, значи имаме многу етички кодекси каде што се забранува користење службено возило за приватни цели. Но, бидејќи етичкиот кодекс нема децидни норми и санкции, секојпат тоа си го толкуваат како нешто кое кога не е санкционирано, значи дека е дозволено.

Тоа само го покажува нивото на политичката култура на нашите носители на политичките функции. Ние имаме луѓе коишто се симнале од планина, станале министри и нема шанси службено возило да му одземете или возач. Тој ако треба на нива ќе оди со службено возило за да го видат во селото. Значи, треба лично или политичките партии да си го плаќаат превозот. Тие добиваат 10,4 милиони евра од буџетот за избори, што е исто така неправилно затоа што е од наши пари, но еве кога веќе постои пропис од тие пари треба да се плати обезбедување, возила и сл., како што е секаде во светот. Но, ние политиката ја гледаме кој колку ќе стави во џеб, а не кој колку ќе придонесе.

Ние имавме примери каде што вицепремиерката за корупција укажува дека не смее службени возила да се користат за приватни цели, а еден од потпретседателите на владата, таканаречениот прв вицепремиер кој не стана тоа врз законски пропис, туку врз деловник на влада, ѝ одговори дека нему не му ја дала владата колата туку му ја дал лидерот на политичката партија. Јас тоа на друго место не сум го видел. На пример, една шведска влада има вкупно 15 возила, а ние на секои три години менуваме возила – еве сега купија 48 возила. Што ќе им се?! И тоа ги земаат на лизинг на две години, формално не се сопственост на владата, но со осигурувањето што го плаќаат и со другите давачки, чинат трипати повеќе. Значи, се однесуваме како да сме најбогата држава, како да сме Швајцарија. Ние имаме јавни претпријатија кои се во загуба, а имаат повеќе возила отколку некои скандинавски влади. Каков е тој башибозук за трошење на јавни пари?

Ветија дека нема да користат службени возила. Им верувате ли?

-Тие ветија многу, потпишаа кодекси, па ништо. Еве секој ден гледаме црни пропаганди, антипропаганди, спотови, кандидатите си прават еден на друг спинови, тоа е срамота. Тоа само кажува на кое ниво е политичката култура на кандидатите кои претендираат да бидат на највисоките политички функции. Тие сѐ уште се кандидати. Но, со такво однесување јас сум сигурен дека кој и да биде избран, дали за претседател или за пратеник или за министер, од него не може да очекуваме дека тој ќе го смени кодот и дека ќе биде совесен, нема да мести тендери, нема да вози службени возила за приватни цели.

Европскиот фронт“ не направи ниту една реформа

Брисел бара реформи како услов да добиеме пари од Планот за раст на Западен Балкан, а ние нова влада ќе имаме дури во септември. Има ли време да се направат реформи?

-Па јас ќе ви кажам за мојата бранша: мене ми се јавија од СИГМА (организација за поддршка на подобрување на владеење и управување, финансирана од ЕУ, н.з.), некаде октомври, ноември минатата година, уште беше министер Азир Алиу од Алијанса за Албанците, и ме ангажираа како домашен експерт. Подготвивме четири закони, Европа ме плати, значи, закон за измени за вработени во јавен сектор, закон за администрација, прв нов закон за обука на администрација, и за дигитализација во администрацијата.

На почетокот на јануари министерот инсистираше да се донесат овие закони, бидејќи беше тоа финансиски поддржано од ЕУ, а нашиве ветиле дека ќе ги донесат. Но, месец ипол Комисијата за европски прашања во нашето Собрание не заседаваше, значи свесно блокираше, помина таму, потоа требаше Законодавно-правната комисија и тука застана работата - министерот го сменија, дојде нов министер. Новиот министер ме повика и ме праша до каде е работата. Му реков дека неговиот претходник има ветено на ЕУ дека овие закони мора да бидат усвоени и требаше да бидат усвоени до јануари.

Сега ми се јавија колегите од СИГМА, ми велат дека веќе го пишуваат следниот европски извештај и ме прашаа до каде се законите. Се мислат што да напишат, бидејќи им било ветено дека ќе ги донесеме законите, а не сме ги донеле. И како што ги сфатив, сега ќе добиеме најцрн извештај во поглед на реформите во јавниот сектор и за правосудството. Ми рекоа: „Ние тоа ќе го напишеме“. Им кажав дека законите стојат во Собрание и дека не се изгласани. Ми рекоа и дека законите мораше да бидат изгласани за да напишат дека има прогрес во реформите. Така што во тој дел ние ќе имаме најнегативен извештај во последните 15 години. Тоа сум сигурен, бидејќи изворно го дознав од оние што го подготвуваат извештајот особено за делот за хармонизација на јавниот сектор со европските стандарди.

И сега кога ги гледам нашите политичари во кампањава за темите Европа и контра Европа, се прашувам зошто „европскиот фронт“ не направи ниту една реформа. Уставните измени не поминаа, но за овие закони имаа мнозинство и можеа да ги донесат. Седум години ниту една реформа не се направи. Европа нам ни помага и тоа се европски пари, ни испраќа експерти од таму, а ние играме мајтап со луѓето.

Верувате ли дека следната влада ќе се нафати на реформи во администрацијата, намалување на бројот, професионализација, департизација, бидејќи за тоа се говори веќе 20 години, а ништо нема на мегдан?

-Јас постојано го кажувам примерот од Словенија. Во 1990-1991 година словенечката политичка елита, значи и позиција и опозиција, се договори да прави пет години реформа во јавниот сектор, да не примаат нови службеници, освен ако треба да се пополни природниот одлив по основ на пензија, но само ако треба. Без разлика која беше влада, преговараа со синдикати, ја направија реформата и бројот на администрацијата од 1995/1996 до сега е идентичен.

А ние - кој во клин, кој во плоча. Кој е во опозиција гласа против. Ни една влада немаше политичка волја од 1991 година до денес, да се реформира јавната администрација и смали јавната администрација. И за жал што е најпогубно, во моментов најголем вработувач во државата е јавниот сектор. Се полни со партиски војници кои се некомпетентни лица и затоа имаме обемна и преоптоварена јавна администрација во која што никој не знае што да работи.

Партиската книшка е златна влезница

Нема „договор“ ниту околу конечната бројка на вработените во јавниот сектор....

-Имаме и парадокси: земете го образованието – 40.000 вработени од тоа само 20.000 се вршителите на дејноста – учители, наставници, универзитетски професори, другото е администрација. Или здравството – 22.000 вработени од кои бели мантили се само 12.000, другото се администрација. Кога ќе ги земете наука, култура, образование, здравство и ќе видите 50-60.000 вработени. Земете ги министерствата. Во нив има 18.500 вработени со вработените во локална самоуправа кои се околу 6.000. А во министерствата недостигаат луѓе. Но, во јавните претпријатија има толку превработеност, што во државната управа не можеме да ставиме квалитетни луѓе.

Кој е оптималниот број на министри што треба да ги има владата?

-Јас само ќе ви кажам: англискиот кабинет е со 12-13 луѓе. Ние имаме во моментов 16, со заменици претседатели, со министри без ресор, нашата влада брои некаде 25-26 луѓе. Едно време, во 1998 г. беше 30 – тоа е африканска влада отприлика. Колку е посиромашна земјата, колку помалку демократија, толку повеќе министри. Министри без ресор, па и за нив кабинети, возачи, секретарки... Според мене, најдобро е да има 12-13 ресори. И секаде во светот има еден потпретседател на влада, дали е министерот за внатрешни како во Словенија, или за надворешни работи како во Германија, дали министерот за финансии како што е во Израел, значи еден потпретседател. Ние имаме 4-5 потпретседатели и еден прв заменик. И тоа е наша измислица, повторувам, востановени се со Деловник, а не со закон за Влада.

И на овие избори се споменуваат списоци на гласачи од администрацијата, главните политички партии се препукуваат во чија изборна функција е администрацијата...

-Па видете тоа стана дел од нашето секојдневие. Се сеќаваме кога уште на првите избори се случи таканаречениот „бугарски воз“ и оттогаш секој гледаше да ја користи администрацијата. Затоа велам дека нема политичка волја да се реформира. Еве на тие што се на договор за дело им кажуваат, ако сакаш да ти го трансформираме во редовен работен однос, мора да донесеш 10 фамилии кои со мобилни телефони ќе сликаат дека гласале за нас. Тоа и понатаму е така. Па дури мислам дека и двете политички партии го користат тоа. Особено на локално ниво ако е друга партија, особено јавни претпријатија и општинска администрација, секој мора да донесе 10-20 лица.

Некои мислат дека администрацијата е жртва и е изложена на притисоци на секои избори, некои пак мислат дека администрацијата е соучесник и дека авансира во својот комфор кога ќе дојде следната власт. Што мислите Вие?

-Мислам дека второто е поверодостојно. Тие така влегле во администрацијата. Секој влегол таму со партиска книшка и гледа да победи неговата политичка провиниенција, за да си го задржи комодитетот во јавната администрација. Оние кои што си работат чесно, кои се по мерит систем, нив не може да ги натераат да прават списоци и да носат гласови. Тие си работат чесно и тие се вистинските работници. Другите ништо не работат, тие се само во функција на партиските задачи. Имаме огромна бројка од 30.000 со договор на дело кои се вмрежени во локални јавни претпријатија, во јавни претпријатија на државно ниво, во министерства итн. Ние за 500 судии имаме Академија за судии и обвинители, а за 150.000 вработени во јавниот сектор немаме. И затоа со новиот закон што го подготвивме првпат предлагаме Академија за обука на администрација.

Балансерот ќе исчезне

Може да ни откриете некои други новитети во законите што ги подготвивте?

-Има новитети за кабинетските службеници кои кога си оди министерот ќе мораат и тие да си одат. Тоа е затоа што досега беше пракса, пред да си замине министерот, ги трансферираше сите договори во редовен работен однос и така тие кадри остануваа и со секој нов министер се мултиплицираа. Исто така, новина е што досега министрите за својот кабинет имаат дискреционо право да си изберат кого сакаат од ранг листата без разлика на редоследот, а сега ќе мораат да го изберат првиот на ранг листата.

Има некои мали финеси кои што инсистираат на мерит системот. Со новиот закон мислам дека нема да има веќе потреба ни од балансерот за соодветна и правична застапеност. Исто така се укинуваат и државните советници.

Има стриктна одредба околу балансерот или духот на законот е таков?

-Духот на законот е, на пример, при еднакви услови, ако е условот дипломиран правник, и ако освои 100 бода, тогаш предност му се дава од соодветната етничка заедница. А не како досега во старт да му се даде предност. Имавме небулозни примери во конкурс да се става дека работното место се отвора за Албанец. Тоа е недопустливо. Не смееја ни да конкурираат од друга етничка заедница, во старт им ги отфрлаа документите. И тој балансер досега се однесуваше само на една етничка заедница, а кај се Турците, Власите, Србите, Бошњаците итн.

До кое ниво треба да одат кадровските промени по смена на власт за да имаме здраво општество односно да не настапи целосна партизација?

-Во Франција трансферот на власта ја прави генералниот секретаријат на влада. Тие се постојани. Значи, кога доаѓа социјалистичка или демохристијанска влада, луѓето остануваат. Проектите преземени од претходната влада, генералниот секретаријат на влада ги трансферира на новата влада. Во Англија има два вида министри. Има политички министри и таканаречени перманентни министри кои не се политички определени. Дали ќе победат конзервативците, дали лабуристите, перманентниот министер води сметка за политиката. За сите работи перманентниот министер е тој што обезбедува континуитет меѓу политиката и струката. Тој е главен на целата администрација.

Кај нас, на пример, државниот или генералниот секретар иде со министерот. Но, раководител на сектор, раководител на одделение, стручните советници, тие треба да бидат столбот. Ние за жал не ја чуваме нашата администрација. Поради партиските упади нашата администрација е обезвреднета. Во Франција, во Германија, администрацијата се чува. Смената кај нас треба да биде само до генералниот секретар во влада, Собрание или Уставен суд или државните секретари во министерствата. Но, и генералниот секретар треба да биде од вработените и тој по заминувањето на министерот, си се враќа на старото работно место.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фото: Наке Батев