Радиодифузните медиуми, особено телевизиските, имаат големо значење во информирањето на граѓаните за плурализмот на гледишта и мислења во општеството. Тие имаат и законска (член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) и етичка обврска (член 14 од Кодексот на новинарите на Македонија) да известуваат непристрасно и избалансирано за различните политички субјекти и не смеат да изразуваат политичка наклонетост на начин што ќе фаворизираат едно, односно напаѓаат друго гледиште.

Имајќи ја предвид важноста на политичкиот плурализам во предизборниот период, особено во контекст на политичката криза, договорот од Пржино и актуените политички преговори, Институтот за комуникациски студии спроведува мониторинг и анализа на начинот на кој телевизиите на државно ниво известуваат за различните политички гледишта и идеи и за мерата во која им обезбедуваат пристап на политичките актери до своите програми.

Заклучоците и согледувањата изнесени во овој извештај се добиени врз основа на квалитативна анализа на различни аспекти на информирањето во вестите и во информативните програми.

МЕТОДОЛОГИЈА

1) Теоретско - концептуална рамка
Методот што се применува во ова истражување се потпира на теоријата за врамувањето (framing) која објаснува на кој начин медиумите ги врамуваат темите од општествениот и политичкиот живот за кои известуваат. Рамката на известување (news frame) е „централната идеја“, или „линијата на приказната“ која го организира новинарскиот текст и им дава значење на настаните што во него се редат. Таа е централна организирачка идеја во информативната содржина, која обезбедува контекст и сугерира во што се состои прашањето, преку селектирање, нагласување, исклучување и елаборирање.

Рамката на известување содржи четири аспекти: (1) Темата на информативниот прилог – што е вклучена во рамката; (2) Презентација – обем и место на прилогот; Покрај овие аспекти, елементи кои се оценуваат од аспект на презентацијата се и фотографиите, цитатите, насловите и поднасловите; (3) Когнитивни обележја – детали за тоа што е вклучено во рамката; (4) Афективни обележја - тонот на известувањето.

Собирањето податоци за квантитетот на известувањето посветено на различни политички субјекти не дава целосна слика за плурализмот што го претставуваат медиумите. Јавната претстава за политичките партии, кандидати или лидери не се обликува само преку обемот на времето што им се доделува, туку и преку начинот на кој тие се претставени. Оценката на приодот или ’тонот’ на известувањето покажува каков е ставот или приодот на медиумот кон конкретниот политички субјект. Меѓутоа, ова не е доволно за да се оцени дали медиумот известува објективно и точно. Континуираното неточно известување е еден од најсериозните недостатоци во медиумското покривање на политичките настани што може да се утврди само со помош на сеопфатна квалитативна анализа, која подразбира посложени методолошки постапки (на пример, споредба на известувањето со реалните настани или следење на известувањето на еден ист настан на повеќе медиуми).

3) Методолошки приод применет во истражувањето
Ова истражување има за цел да утврди дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди во известувањето за политичките актери утврдени во Кодексот на новинарите на Македонија и во кодексите на меѓународните организации. Анализата треба да одговори на следниве истражувачки прашања:

  • Колку во вестите се изнесуваат коментари и оценки со кои се фаворизира, односно се напаѓа одредено политичко гледиште (неаргументирано или на начин со кој новинарот самиот зазема страна)?
  • Кои се најизразените примери на фаворизирање односно демонизирање на политичките субјекти во вестите?
  • Кои се најчестите примери на манипулирање со изворите? Дали мислењата на изворите што се наведуваат во вестите се најчесто спротивставени или застапуваат во основа едно исто гледиште?
  • Кои политички субјекти се најчесто застапени со директни обраќања во вестите? Дали одделни политички гледишта се премногу застапени, а други се исклучени?
  • Дали во вестите се користи манипулативна аудиовизуелна презентација? Кои се нејзините најчести форми?
  • Дали во вестите и актуелно-информативните емисии има експлицитни повици на насилство, негативен говор и стереотипизација кон групи?
  • Дали во актуелно-информативните емисии се води грижа адекватно да бидат претставени различни и спротивставени гледишта за темата која е предмет на дебата? Дали има фаворизирање односно демонизирање на политичките субјекти од страна на водителите/новинарите?

За да се одговори на овие три истражувачки прашања треба најпрво јасно да се дефинираат концептите “непристрасно“ и „балансирано“ известување кои всушност тесно се испреплетуваат. Во овој сегмент од анализата, се користат дефинициите и методолошките насоки дадени во Насоките за медиумска анализа во текот на мисиите за набљудување на изборите изработени во 2005 година од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Директоратот за човекови права и Комисијата за демократија преку правото (Венецијанска комисија) на Советот на Европа и Европската комисија. Квантитативниот аспект на балансираноста е поврзан со обемот или времето што радиодифузерот го одвојува во вестите за известувањето на активностите на некој кандидат или организатор на изборна кампања, а квалитативниот со приодот или ’тонот’ на известувањето.

Предмет на оваа анализа не е квантитативниот, туку пред се квалитативниот аспект на балансираноста – приодот или начинот на кој медиумите ги „врамуваат“ политичките актери за време на изборната кампања. Покрај тоа, предмет на анализа се и сите вести и информативни емисии каде се среќава говор што поттикнува и засилува стереотипи дискриминирачки говор или говор на омраза кон групи и поединци?

Методот што се применува за да се одговори на прашањата за начинот на врамивање на политичките субјекти е анализа на содржина која се дефинира комбиниран приод што се фокусира и на квалитативни и на квантитативни аспекти на медиумските прилози/текстови. Дополнително за да е утврди дали во некои содржини има говор на омраза или дискриминирачки говор кон групи и поединци е критичка дискурзивна анализа. Тоа е квалитативен приод кој става нагласок на функцијата и значењето на медиумските текстови во конкретниот општествен и политички контекст.

Рамката на известувањето на медиумот за конкретниот политички субјект се утврдува откако во прилогот што се анализира ќе се кодира присуството на неколку елементи: употребата на експлицитни оценки на новинарот/редакцијата за релевантниот субјект; манипулативната употреба на филмови, слики и звуци; присуството и селекцијата на директното обраќање на политичкиот субјект; бројот и позицијата на изворите; и главната тема што доминира во прилогот.

3) Примерок и период на реализација
Се анализираат сите централни информативни изданија и дел од информативните емисии на телевизиите емитувани во периодот од 19 декември 2015 до 29 јануари 2016 година.

Во примерокот медиуми вклучени во анализата се:
МТВ 1, МТВ 2, Сител, Алсат М, Телма, Алфа, Канал 5, 24 вести, ТВ 21.

4) Истражувачки тим
Во истражувачкиот тим се вклучени 15 аналитичари и тројца истражувачи од Институтот за комуникациски студии.

Проект:       Имплементирано од:          Поддржано од:  
modem 


 
              logo netherlands embassy kocka