fbpx

ИКС дел од иницијативата на граѓанското општество за спроведување на итни демократски реформи

ВЕСТИ - ИНФО

08.07.16

Прегледи

konf11

Група експерти и граѓански организации, меѓу кои и Институтот за комуникациски студии ИКС подготвија Предлог за итни демократски реформи кои имаат цел да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија, враќајќи ја така и довербата на граѓаните во клучните државни институции.

Главната цел на документот е да предложи мерки за спроведување итни реформи кои ќе создадат услови за слободни, фер и кредибилни избори. Со оглед на степенот на заробеност на државата од страна на владејачките партии, сметаме дека најцелисходно е предложените мерки да ги спроведе експертска влада која во целост ќе се придржува до принципот „Прво реформи, а потоа избори“.

Предлогот е концизен текст кој претставува глас на здруженото граѓанско општество за насоката во која треба да се движат клучните демократски промени. Овие промени е тешко да се случат без да се обезбеди суштинска вклученост на граѓанското општество во проценката на состојбите во институциите, но и во мониторингот и евалуацијата на спроведување на овие реформи.

ИКС како носител на поглавјето за Медиуми тесно соработува со поширока коалиција на медиумски организации и експерти, кои сметаат дека не може да постои решение за кризата во македонската демократија, без да има итни интервенции во медиумскиот систем кои ќе водат кон: независност на регулаторното тело и медиумите од политичко влијание, институционална автономија и независност на јавниот радиодифузен сервис; спречување на говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите, како и зголемување на нивото на безбедност на новинарите.

Во поглавјето Медиуми освен ИКС свој придонес дадоа и Здружението на новинарите на Македонија, Синдикатот на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите, НВО Инфоцентарот, Центарот за развој на медиумите, Промедиа, како и независните експерти Сефер Тахири и Весна Шопар.

Ги повикуваме граѓаните, граѓанските организации и движења, како и политичките партии да ја поддржат иницијативата и да дадат свој придонес кон надградување на документот.  МКД    ALB    ENG