res vest

Медиумската слика за политичкиот плурализам во Македонија е благо подобрена во однос на периодот од пред шест месеци, што е особено видливо од „омекнувањето“ на негативните појави што претходно беа многу присутни: заземање страна, пропагандистичко известување, демонизирање политички субјекти, вметнување политички маркетинг како дел од вестите.

Ова е генералниот заклучок од шестиот извештајот на Мониторингот на демократијата во македонија - МОДЕМ, кој се однесува на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 5 до 16 септември 2016 година.

Иако изборната кампања е далеку, дел телевизии (Сител, Канал 5, Алфа и ТВ Нова) веќе засилено известуваат за предизборните активности на политичките партии, пред се на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Кај овие телевизии може да се констатира подобрување во поглед на балансираноста, но во голем број прилози се уште се фаворизира владејачката партија. Прилозите за СДСМ речиси секогаш се придружени со прилог-реакција од владејачката партија или од државна институција, како контратежа.

Во содржините што се окарактеризираат како предизборна кампања спаѓаат и оние во кои министри од ВМРО-ДПМНЕ промовираат владини мерки и проекти што би се реализирале по изборите. Беа објавени и прилози во кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски промовира владини проекти. На овој начин, медиумите на владејачката партија и дадоа дополнителна предност пред опозицијата бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ги користи ресурсите на државните институции за да се промовира во предизборието. Ова покажува дека се уште не се прави разлика меѓу партијата и државата и дека провладините медиуми се еден од главните механизми на ВМРО-ДПМНЕ да се задржи на власт.

Македонската радио телевизија во централниот дневник на својот прв програмски сервис целосно и навремено известуваше за актуелните случувања, информативно, но без да навлегува во анализи. Тоа се однесува и на вестите на вториот програмски сервис.

Кај неколку критички телевизии (Телма, 24 вести, Алсат М) следењето на редовната работа на државните и на јавните институции, нивните евентуални потфрлања да си ги исполнат обврските (во областите како образованието, урбанизмот, јавните финансии и други), без да им се дава партиски белег, беше доминантна тема во оваа фаза од предизборниот период.

Заклучоците и согледувањата изнесени во овој извештај се добиени врз основа на квалитативна анализа на 11 програми на вести и 38 изданија на 11 различни актуелно-информативни емисии на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на 7 приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 вести и ТВ21).

МОДЕМ се реализира во рамките на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: