MODEM izvestaj noemvri MK FINAL cover

Темите поврзани со изборите и изборната кампања доминираа во централните вести на сите медиуми. Повеќето медиуми посебно се осврнаа на темата за двојазичноста, која се наметна во кампањата, но сите тие ја анализираа од различен агол и различно ја врамија.

Ова е генералниот заклучок од извештајот на Мониторингот на демократијата во Македонија - МОДЕМ, кој се однесува на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 21 до 29 ноември 2016.

Телевизиите Сител, Канал 5, ТВ Нова и Алфа ја застапуваа тезата дека решенијата за употреба на јазиците што ги најави СДСМ се вовед во федерализација, загрозување на безбедноста, дури и во распад на државата, што е на иста линија со кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Двојазичноста беше најчесто користената тема и за негативното врамување на СДСМ на овие телевизии. Во нивните прилози опозицијата не добиваше можност да ја презентира својата страна, туку само беа користени изјави од нејзините членови што беа поврзувани во определениот контекст.

Дел телевизии (24 Вести) ги спротивставуваа ставовите на политичките субјекти и го отвораа прашањето дали темата за употреба на јазиците е реална или фиктивна. Други (Алсат-М) посебно ги следеа ставовите во врска со ова прашање на партиите на Албанците, критикувајќи ги дека не го решиле ова прашање досега.

На телевизиите Сител, Канал 5, Нова и Алфа кон СДСМ доминантно се изразуваше негативен, па дури и демонизирачки однос, додека кон ВМРО-ДПМНЕ позитивен. За владејачката партија се известуваше во блок прилози во првиот дел од вестите, а за опозицијата во вториот дел, понекогаш и пред самиот крај, со вести за други теми меѓу нив. Прилозите за активностите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски беа репортажни и со повисок продукциски квалитет (поздравување со граѓани, говори на повеќе места) во споредба со прилозите за активностите на опозицискиот лидер Зоран Заев, од кого најчесто беше пренесувана само по една изјава.

На 24 Вести, Алсат-М, Телма и ТВ21 позастапена беше владејачката партија во однос на опозициската и кон неа почесто се изразуваше неутрално-критички однос. Овие телевизии имаа и аналитички пристап во следењето на кампањата, отворајќи теми за нејзиниот квалитет, реториката (особено националистичката), остварливоста или можните манипулации со предизборните ветувања и со програмите итн.

МТВ1 постигна најширок квантитативен баланс меѓу политичките субјекти и известуваше за кампањата на сите учесници на изборите. Затоа пак немаше аналитички пристап, туку само пренесуваше што се случувало на настаните.

Политичките субјекти на Албанците (ДУИ, ДПА, Беса итн) беа позначително застапени само на телевизиите Алсат-М и ТВ21, како и на МТВ 1 и 2, додека на другите телевизии ретко се споменуваа.

Резултатите во овој извештај се добиени од анализата на вестите на 12 телевиии: МТВ1, МТВ2, Сител, Телма, 24 Вести, Канал 5, Алфа, Алсат М (на македонски и на албански јазик), ТВ 21 (на македонски и на албански јазик) и ТВ Нова.

МОДЕМ се реализира во рамките на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Повеќе информации за МОДЕМ ќе најдете на овој линк.

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: