pogolema odgovornost ili zasilena propaganda novinarska etika vo digitalnata era introИнститутот за комуникациски студии (ИКС) го објави документот за јавни политики „Поголема одговорност или засилена пропаганда: новинарската етика во дигиталната ера“, чија цел е да ја анализира состојбата со етиката во медиумите и новинарството во време кога технологијата има големо влијание врз медиумската сфера. Документот ја анализира европската и македонската регулатива од областа, а се осврнува и на случаи од практиката во Македонија.

Некои од главните препораки наведени во документот се:

  • Се препорачува ревизија на Етичкиот кодекс на новинарите и одредбите кои имаат поголемо значење за онлајн новинарството, особено во делот на вистинитост, веродостојност на информации и заштита на авторските права и приватноста. Потребен е етички кодекс кој ќе биде инклузивен за сите платформи на кои се дистрибуираат информации од јавен карактер.
  • Новинарите и во ситуации кога за тоа не се предвидени законски санкции треба при известувањето да одбегнуваат „репродукција на дискриминациски содржини и говор на омраза“ низ текст и визуелна содржина, кои на интернет можат да бидат извадени од контекст, преработени и преобјавени. Овие етички прерогативи можат да се инкорпорираат и во Законот за граѓанска одговорност.
  • Се препорачува зајакнување на само-регулацијата со практична разработка на дополнителни активности кои ќе овозможат нејзина поширока поддршка. Покрај членување во само-регулаторни тела неопходен е поширок дијалог во медиумската заедница проследен со инклузивни активности, обуки, собири и други сродни форми на соработка. Во комплексниот универзум на онлајн медиуми целосната интеграција на сите медиуми во саморегулаторните тела веројатно не е можна, но диференцијацијата на професионалните медиуми од „хибридните медиуми со тесни агенда кои му штетат на јавниот интерес“ е корисен исчекор во вистински правец.
  • Важен е принципот на професионално лидерство при кое успешни медиуми кои ги применуваат етичките принципи и новинарски стандарди ќе бидат признаени и истакнувани во медиумската заедница. Целта на ова е проширување на употребата на етичките принципи во останатите онлајн медиуми по пат на следење на успешна формула на новинарско работење и промовирање на етичките принципи.
  • Брзината на онлајн информирањето не може да биде изговор за пренесување неточни и непотврдени информации. Читателот мора да биде информиран за фазите и контекстот на оформување на веста. Информациите кои не се потврдени, а се објавуваат поради важноста или ургентноста, мора јасно да бидат означени како непотврдени и што поскоро да бидат ажурирани.

Документот за јавни политики „Поголема одговорност или засилена пропаганда: новинарската етика во дигиталната ера“ се реализира во рамките на проектот „Зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија за изразување на јавниот интерес“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Документот може да се преземе на следниов линк.

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: