sudovi konferencija

Судиите не постапуваат конзистентно во случаи од јавен интерес, и го чуваат угледот на неколку функционери наместо јавниот интерес. Бројот на квалитетни судии константно се намалува. Македонија има инфлација на судии, но истовремено и многу бавна, но и скапа правда. Ова се само некои од заклучоците од дебатата „Судовите: чувари на јавниот интерес или на поединечни интереси“, на којашто учествуваа околу 60 претставници на судството, адвокатурата, медиумите, невладините организации, академската заедница и јавната администрација.

На дебатата се посвети внимание и на практиката на одлучување на судиите во спорови против новинари, и како таа се менува зависно од тоа дали како странка во спор против новинар/и се појавува висок функционер. Поради нарушениот интегритет на судската професија, на дебатата беше доведена во прашање нивната основна функција – да бидат коректори на извршната власт, посочија учесниците на настанот. Дел од учесниците рекоа и дека фактот што мораше да биде основано Специјално јавно обвинителство доволно кажува за состојбата на судскиот систем во државата.

Дел од овие теми беа анализирани во документот за јавна политика „Судовите: чувари на јавниот интерес или на поединечни интереси“ кој беше презентиран на дебатата. Целта на овој документ е да понуди систематско разбирање и споредбена анализа на начинот на кој судовите го штитат јавниот интерес во Република Македонија и Европската Унија. Документот ги анализира и случаите во кои треба да претежне јавниот интерес наспроти индивидуалните права.

Дебатата и документот се спроведени во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“, имплементиран од ИКС, а поддржан од Британската амбасада во Македонија.

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: