debata mediumi 28 02 2016

Медиумите не ја извршуваат својата основна функција – да бидат коректори на власта и балансирано да ја информираат публиката, посочија новинарите и учесниците на настанот. Медиумите во Македонија се заложници на политичките и бизнис интересите на нивните сопственици, а новинарството е само алатка за остварување на тие интереси.

Неопходно е јасно дефинирање на принципите на новинарската професија: точност, навременост, верификација на факти, независност и интегритет на уредувачката политика, отчетност, транспарентност, и непристрасност во информирањето. Овие стандарди треба да се применуваат во начинот на информирањето не само кај јавниот сервис, туку и кај комерцијалните медиуми. Јавниот сервис треба да се деполитизира. Тој мора да ја врши неговата исконска улога – да биде одредница на демократското општество и да биде сервис на граѓаните.

Ова се само некои од заклучоците од дебатата „Медиумите во Македонија: заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси“, на којашто учествуваа околу 50 медиумски професионалци, новинари, претставници на невладините организации, академската заедница и јавната администрација. Дел од овие теми беа анализирани во документот за јавна политика „Медиумите во Македонија: заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси“ кој беше презентиран на дебатата. Целта на овој документ е да понуди систематско разбирање и споредбена анализа на начинот на кој медиумите го штитат јавниот интерес во Република Македонија.

Дебатата и документот се спроведени во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“, имплементиран од ИКС, а поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Повеќе за настанот

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: