„Скопје 2014“ направи упад и штета во системот којшто го води градежништвото преку промени на закони и узурпирање јавен простор. Архитектите сметаат дека сега работите треба да се постават на здрави нозе зашто „Скопје 2014“ може да се види и во другите градови во Македонија. После најавата на Владата за ревизија на проектот, стручната јавност очекува дека таа нема да биде само за иконографијата, туку за вистинските перформанси на градбите. ResPublica видео подкаст со Минас Бакалчев, професор на Архитектонскиот факултет и Мартин Паноски, претседател на Асоцијацијата на архитекти.

Отворањето на рудници во југоисточна Македонија воопшто не е оправдано зашто ќе бидат темпирани еколошки бомби. Од другата страна на државата, Шара треба да се прогласи за национален парк заради нелегалното сечење дрвја и лов на дивеч и неконтролираното пробивање патишта и градење куќи и хотели. Новата влада треба да води т.н. зелена економија, која ќе овоможи приходите од искористувањето на природните ресурси да ја унапредуваат животната средина, а не да профитираат само мал број луѓе. За еколошките приоритети во државата, во ResPublica видео подкаст зборуваат Антонио Јованоски од еколошкото-младинско здружение „Гоу Грин“ и биологот Кирил Арсовски.

Додека учениците се уште чекаат дали ќе имаат екстерно тестирање, просветните работници посочуваат дека еден од приоритетите на новата влада е ревидирање на содржините во учебниците кои промовираат дискутабилни вредности. Зошто надлежните комисии замижуваат пред очигледните пропусти, со коишто (не)свесно се поттикнува граѓанска сервилност и идолократија кон авторитети? За квалитетот и одржливоста на досегашните образовни реформи, во видеоподкастот на #ResPublicaMK разговараме со Сафет Незири, државен советник во Министерството за образование и со Душко Стојановски, професор во гимназија.

Што откако ќе заврши собирањето потписи и гласањето на референдум? Дали надлежните се обврзани да ги почитуваат желбите на гласачите и дали актуелниот политички ќор-сокак е закана за задоволување на барањата на гласачите? Прашањата се актуелизираат по неколку спроведени иницијативи за собирање потписи и референдумот во Гевгелија. Граѓаните со своите практични барања од една страна, а политичарите заглавени во маратонски седници со реплики и контра реплики. Каде е излезот? На оваа тема во ResPublica видео подкаст дискутираат Драган Гоцевски, професор на Правниот факултет и Сузана Стојановска од Координативното тело на граѓанската иницијатива „5 до 12“.

Пред 2021-вата година не ќе бидат доволно созреани условите да се спроведе пописот на населението и домаќинствата. Ова треба да се има предвид кога паралелно со долготрајната политичка криза повторно се појавија барањата за спроведување попис. Овие барања сега имаат главно една политичка цел – да се утврди колку граѓани од албанската националност живеат во Македонија, за потоа статистичките показатели да се употребат во политичката борба. ResPublica видео подкаст со универзитетските професорки Благица Новковска и Шенај Хаџимустафа

Една од карактерстиките на популизмот е дека е феномен кој живее во сите епохи на политичката историја и дека е особина која е се „крие“ во сите бои на политичкиот спектар – и кај левите и кај десно ориентираните политички идеологии. Единствената разлика е во тоа што во некои периоди бил повидлив, а во други во втор план. За популизмот и за разликата помеѓу десничарскиот и левичарскиот популизам, за тоа дали постои теорија на популизмот или сето тоа има многу повеќе врска со одредено расположение и емоција, како и за лицата на популизмот, разговоравме со Д-р Али Пајазити, професор на Универзитетот ЈИЕ и Љупчо Петковски, постар истражувач во Евротинк – Центар за европски стратегии.
Разговорот го водеше Зоран Бојаровски, новинар

Граѓански иницијативи добиваат гласност бидејќи иницијаторите умно ги користат новите медиуми и социјалните мрежи. Но, дали и колку политичарите се умешни во ваквиот начин на комуникација?
Од политичките лидери во Македонија, само лидерот на СДСМ Зоран Заев има личен профил, покрај фан-страницата. Најследен политичар кој има фан-пејџ е претседателот ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со над 220 илјади следбеници. Дали социјалните медиуми се електронски службен весник на политичарите или канал за поблиска комуникација со граѓаните? На овие прашања во ResPublica видео подкаст дискутираме со Славица Биљарска, магистер по односи со јавност и Слободан Јаќоски, твитерџија и еден од основачите на Википедија на македонски јазик.

Политичарите со своето поведение им ја украдоа улогата на сатиричарите. Не може да се направи хумор од хумореската која се одвива во живо. Изминатите години беа тежок период за политичката сатира, бидејќи традиционалните медиуми се затворени и уплашени, некои емисии исчезнаа, а тоа ги избрка сатиричарите на интернет. ResPublica видео подкаст со Сашо Кокаланов од порталот КозаНостра.нет и Бранко Огњановски, фронтменот на Фчерашни новости.

Јавниот долг на РМ изнесува околу 4 милијарди и 830 милиони евра. Од крајот на 2010 година до денес, тој растел за 1,3 милиони евра дневно, 54 илјади евра на час или 16 евра во секунда. Иако Република Македонија засега ги надмирува своите обврски за враќањето на јавниот долг, патеката по која се движи е неодржлива. Важно е и како Владата ги троши и управува парите, а во тој дел бележи пад во транспарентноста. Наредната влада мора да биде потранспарентна и да ги преиспита стратешките цели на буџетските корисници. Приоритетите за трошењата од јавниот долг и за идниот развој треба да се определат заедно со синдикатите, работодавачите и граѓанскиот сектор. ResPublica видео подкаст со Марјан Николов од Центарот за економски анализи и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Финансискиот извештај на Студентскиот парламент за 2014 и 2015 година покажал дека околу 43.000 евра се потрошени за лични патувања во Русија, Азербејџан, Грузија..., за телефонски разговори и до 1.000 евра, за организирање забави, па дури и за купување виски. Иако Студентскиот парламент е регистриран како невладина организација, сите студенти мораат да уплаќаат на неговата сметка, а не знаат како се трошат нивните пари. Оваа студентска организација не ги поддржува студентите за учество на меѓународни натпревари, семинари и други настани, па тие се приморани да се финансираат сами. ResPublica видео подкаст со студентите на УКИМ Теодора Столевска и Горан Таневски.

Затајува превентивата за заштита и спасување од елементарни непогоди. Не се почитуваат протоколите при делување во криза и при изградба на инфраструктурата. Граѓаните не се едуцирани за самоспасување и не се соодветно информирани во случај на непогода. Судир на надлежности на државните институции и некоординираност при справување со последиците на терен. Дали Македонија има ефикасен кризен менаџмент и превентива? ResPublica видео подкаст со Ивица Наумовски од Дирекцијата за заштита и спасување и со Ѓорѓи Тодоров, сообраќаен инженер.