Академскиот блог ResPublica е посветен на највисоките стандарди на интегритет и професионално однесување. Авторитe на веб страницата имаат должност да осигураат дека нивната работа ќе го одржи доброто име на ResPublica и на академската и истражувачката заедница. Оттука, Уредувачкиот одбор на блогот ќе посветува особено внимание и ќе носи поединечни одлуки во врска со следните ситуации:

  • За написи кои потенцијално содржат клевета или нарушување на угледот и се непристојни, навредливи или нелегални;
  • Кога има сомнение за плагијат или злоупотреба на туѓ труд, односно материјалот треба да биде оригинална работа на авторот;
  • Ако има загриженост за можни спротивставени интереси поврзани со авторот, при што авторот се обидува прекумерно да влијае врз публиката наметнувајќи го индивидуалниот интерес којшто очигледно се разликува од неговите/нејзините професионални обврски;
  • За написи кои не се доволно засновани на докази или на кои им недостига академска ригорозност;
  • За секакви други написи кои може да имаат последици врз угледот на авторот или на Институтот за комуникациски студии.

Доколку постои загриженост за случаи кои не може да се разрешат во процесот на уредување и во соработка со авторот, некој напис може да не биде објавен.

Процес на уредување

Уредувачкиот одбор ќе ги разгледа поднесените текстови што е можно поскоро. Одборот го задржува правото да се направат дополнувања или бришења во текстот или графиката пред објавувањето, како и тоа материјалот да биде одбиен за објавување. Оттука членовите на Уредувачкиот одбор имаат право да ви дадат сугестии за подобрување на академскиот блог во делот на аргументирањето, стилот, структурата и референцирањето. Сите статии треба да бидат базирани на докази, при што членовите можат да ја проверат фактичката точност на одредени работи или да ве замолат за дополнителни информации. Врз основа на уредувачките коментари, треба да направите конечно уредување на финалната верзија на текстот.

Промените може да се однесуваат на:

  • Скратување на текстот ако е подолг од 1.300 зборови;
  • Корекции во наративниот стил, структурата и референцирањето на текстот;
  • Фокусирање на главниот аргумент, потенцирајќи го ставот на авторот, неговите докази и наоди за темата, како и позадинските релевантни информации.

Не треба да ја објавувате статијата пред да помине процесот на уредување. Ако не сакате вашата статија да се реобјавува и споделува, за тоа треба да го известите Уредувачкиот одбор. Во спротивно, ќе се претпостави дека не сте против реобјавување на блогот.

Ако имате прашања во врска со нашата уредувачка политика, забележите дека некој блог е погрешно објавен на друга веб-страница или сметате дека одреден блогпост содржи значајни грешки, Ве молиме известете не на info@respublica.edu.mk.

Членови на Уредувачкиот одбор

vesna soparПроф. д-р Весна Шопар е долгогодишен есперт во областа на информирањето и комуницирањето, масовните медиуми, јавното мислење, интеркултурното комуницирање, информациско-комуникациските теории и системи, медиумското право, деловното комуницирање, политиката и медиуми. Таа има објавено повеќе од 40 научни публикации, книги, монографии, учествувано во голем број научни собири, конференции и семинари како и учествувано во повеќе од 30 научно-истражувачки проекти во земјата и во странство. Професор Шопар била и е член на бројни организации и асоцијации во Македонија и во странство.

sally b micovaД-р Сали Браутон Мицова е асистент професор по политичка комуникација на Универзитетот на Источна Англија (UEA) во Норвич, Велика Британија. На Институтот за комуникациски студии таа предава предмети во областа на медиумите и комуникациите. Повеќе од три години го има раководено академскиот блог за медиумска политика на Лондонската школа за економија и политички науки (LSE) каде и предавала на програмата за постдипломските студии за медиуми и комуникации, а работи и како консултант на теми за медиумски и комуникациски политики Таа е автор на бројни публикации во академски списанија и поглавја во книги, како и на повеќе документи за јавни политики и експертски резимеа. Редовно е поканувана како говорник на меѓународни експертски конференции.

zoran DimitrovskiМ-р Зоран Димитровски е новинар, политички аналитичар и уредник со долгогодишно искуство. Со новинарство почнал да се занимава уште од 1985 година во Студентски збор и Млад Борец, каде кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, заедно со група млади новинари учествувал во македонската демократска пролет, давајќи сопствен придонес со своите политички анализи. Од 2014 година Димитровски е одговорен уредник на неделникот „Фокус“.

dejan Andonov 1М-р Дејан Андонов е координатор на академскиот блог ResPublica. Тој раководи со магистерските студии на Институтот за комуникациски студии и е ангажиран како помлад истражувач во научните и апликативните истражувања на Институтот. Предавач е на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и е активно вклучен во реализирање на обуки од областа на стратегиските комуникации и на медиумите. Неговите истражувачките интереси се движат во неколку полиња: односи со јавност, репутација, корпоративно брендирање и кризен менаџмент, аудиовизуелни индустрии, нови медиуми и медиумски содржини. Има учествувано во повеќе истражувачки проекти и е ко-автор на три публикации.

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: