fbpx
 

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека од најрана возраст треба да се учиме да не бегаме од проблемите, туку да имаме вештини да се соочиме со нив и да понудиме решенија за истите. Според неа, токму ова се вештините кои во моментов недостасуваат кај повеќето луѓе во државава.

Танцот треба да се воведе во образовниот систем. Со часовите по танц децата подобро ќе се запознаат себеси, а самодовербата ќе им биде многу поголема, препорачува Искра Шукарова, кореографка и професорка на Катедрата за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Со фаворизирањето фестивалска култура, Министерството за култура ги заборави авторските и уметничките трудови, критикува писателот и новинар Томислав Османли. Во оваа Влада се сменија тројца министри за култура, од кои последните двајца не се од ресорот култура, па нивните интересирања се сигурно во други домени, вели Османли.

Се бара „еснаф“ човек за да им даде шанса на рокерите, на саставите, повикува Владимир Петрушевски – Фили, професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет. Верува дека ако се најде ербап човек, кој ќе им даде простор на „саставите“ да свират пред публика, многу брзо рок музиката повторно ќе заживее во Скопје и Македонија.

Учениците чекаат инспирација од наставниците, кои треба да го извлечат нивниот потенцијал, креативност и квалитет за заедно да направат општествени промени, вели предводничката на екоакцијата „Мети си со класнето“, професорката по англиски јазик во средното медицинско училиште во Битола, Марија Магдалена Петковска-Микаровска.

Радио водителот Виктор Петров - Викса вели дека треба да се создадат похумани услови за кучињата миленици кога се во затворен јавен простор. Му пречи што со неговиот пес не може да влезе во трговски центар. Предлага да се постави минимална инфраструктура каде би се оставале милениците, кога веќе не е дозволено да се внесуваат во продавници и сл.

За силна економија потребен е квалитетен човечки потенцијал, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска. Според неа, неопходно е вложување во образованието и во здравството, оти здраво население значи поголема продуктивност, а со тоа и побогато општество.

Народот за лошата култура, непочитувањето на законите, фрлањето отпад на сите страни ги обвинува петте века отоманско владеење на овој простор, но истите луѓе кои се пример за непочитување кон законите, кога ќе заминат надвор од државата ги забораваат „петте века турско“ и веднаш ги почитуваат правилата на другата држава, вели Европскиoт митрополит на МПЦ-ОА, владиката Пимен во влогот ResPublica.

За Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, алчноста кај поединците е најголемо зло во општеството. Желба за пари и за моќ, особено кај урбаната мафија, го разорува нормалното функционирање на заедницата. И пречи отсуството на одговорност, на свесност, на професионалност, кои всушност се индикаторите за зрелоста во едно општество. „Но, се додека со вакви високи човечки вредности се тргува за пари, многу ни е јасно за колку незрело општество зборуваме“, вели Ивановска. Затоа, промените за функционално и одговорно општество треба да почнат во семејството, каде ќе се всадат основните човечки вредности.

Професорката Мира Беќар ги охрабува младите да се зачленат во синдикатите за да можат на организиран начин да направат општествени промени и да ја контролираат власта, давајќи конкретни примери кои се придобивките од синдикалното членство. Преку примерот на Независниот академски синдикат (НАкС) кој изникна од Професорскиот пленум, таа доловува како со здружени сили се станува фактор при носењето на одлуките кои ги засегаат токму професорите.

Кореографката Рисима Рисимкин укажува дека е дојдено времето за лична и колективна деконтаминација на повеќе нивоа. Првото ниво е јавниот простор, односно како да се однесуваме во парк, на плоштад, по улица. Вториот сегмент е загадувањето на социјалните мрежи: да им се вратиме на вредностите и почитта во комуникацијата со соговорникот. Третото ниво каде е потребна деконтаминација, според Рисимкин е во културата. Вели дека независната сцена треба да е платформа за прогрес и општествена критика. „Чистењето“ според искусната кореограф треба да почне од дома: семејството е првата и основна клетка каде се учат овие вредности.

„Немаме доволно книги на Браево писмо или аудио книги. Се снаоѓаме како знаеме и со помош на добронамерните професори.“ – вели Ема Ананиевска, единствената дипломирана пијанистка со општетен вид во Македонија. Освен до образовните власти, апелира и до семејствата на деца со попречености да ги вклучат своите најмили во редовна настава бидејќи придобивки имаат не само децата, туку и семејствата и државата.

Третманот на културата во земјава за режисерот Владимир Милчин е слично на „поимањето на културно-забавниот живот од времето на самоуправниот социјализам кој подразбираше дека културата не смее да има никаква критичка димензија“. Годинешниот добитник на наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во влогот на РесПублика зборува за ерозијата во културата видлива на повеќе нивоа: од несоодветните кадровски решенија, па сѐ до турбо фолкот кој ечи во Старата чаршија. Инсистираше снимањето да биде пред „Арапска куќа“ испраќајќи порака да се зачува ова културно наследство, вклучително и уште три градби во центарот на градот, а кои порано биле стотина.

„Посадете дрво!“ е пораката на Ранко Петровиќ од радио „Буба Мара“ во видео влогот на РесПублика. Разочаран од неефикасните мерки и еко акции и статусот на најзагаден град во Европа, тој предлага да се формира еден широк еколошки народен фронт составен од граѓанскиот сектор, луѓе од централната и локалната власт кои ќе донесат закони со кои би се забранила изградба на високи згради, би се забранила сеча на дрва и греење на дрва.

За време на блиц посетата во родно Скопје поради „Мајските оперски вечери“, го прашавме реномираниот оперски пејач Благој Нацоски кои се работите што дома треба се променат на подобро. Недвосмислено прво го издвои загадениот воздух, бидејќи веднаш му се одразува на грлото, особено во зима. Втората работа што го ужаснува кога ќе си дојде дома е лошата сообраќајна култура за која како што вели „се потребни коњски нерви“. Решението го гледа функционален јавен превоз кој треба сите да го користат. Во влогот на Рес Публика, Нацоски прашува зошто македонските пратеници не користат јавен превоз како нивните колеги од Бундестагот.

„Освен што имаме лектири за деца кои се несоодветни за возраста и тежината на материјалот, нам ни недостасува и стратегија за инвестирање во едукација преку игра и забава“ - констатира писателката на книги за деца, Билјана С. Црвенковска. Во видео влогот на РесПублика таа прави споредба со развиените земји, особени во скандинавските, каде се издвојуваат сериозни средства за развој на телевизиски и радио програми за деца, анимирани програми, публикации за деца, онлајн ресурси. Црвенковска вели дека ова кај нас е сведено на минимум. Решението го гледа во развивање стратегија, не само за финансирање, туку и за креирање детска литература и медиумска продукција за деца, особено на јавниот сервис. Според неа само доволно атрактивна, добро илустрирана и испечатена книга ќе го задржи вниманието на децата преку која ќе може да им се пренесат вистинските вредности.

Во Македонија цела деценија не се вложува во наука и истражувачки проекти, укажува деканот на Шумарскиот факултет во Скопје, проф. д-р Кирил Сотировски. Во видео влогот на РесПублика, тој дава споредба со Словенија каде годинава се инвестира во 150 средни или мали научно истражувачки проекти од 50.000-100.000 евра. За нашите политичари и економисти, тоа е трошок, а не инвестиција во општеството, вели професорот Сотировски.

Во наставните програми во основните и средните училишта многу малку се изучуваат еко-системите, проблемите со кои тие се соочуваат, начините за решавање и поттикнување на акција. Во влогот на РесПублика, биологот Кирил Арсовски Пржо укажува и на погрешното толкување на термините од областа на екологијата. Тој вели дека најчесто луѓето подразбираат чистење улици, урбана хигиена и сл., што го скратува нејзиното значење како наука, но и како неизоставен дел од живеењето на модерниот човек. Светли примери се амбициозните наставници, но и акциите и кампањите иницирани од граѓанскиот сектор.

Околу 60% од децата во светот и во земјава се соочуваат со семејно насилство, занемарување или емоционална отуѓеност. Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ посочува дека тоа долгорочно се одразува не само кај детето, туку и во општеството. Детето растено во нефункционалнo семејствo е склоно кон здравствени проблеми, сиромаштија, криминал, зависности и социјални проблеми. Токму поради овие причини, тој апелира за поголема грижа и љубов кон детето во раното детство бидејќи тоа не само што е вложување во здрав раст и развој на личност, туку е и јавна инвестиција со најголем поврат.

На Медицински факултет во Скопје на празните места каде предавале хирурзи, сега предаваат доктори кои воопшто не работат хирургија. Детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски во видео влогот на РесПублика прашува зошто професорите доктори не може да предаваат на овој факултет откога заминале во приватното здравство?

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

 

 

 

 

Следете не