fbpx

Објавен документот за јавни политики „Под окото на јавноста: правото на приватност на јавните личности во Македонија“

ВЕСТИ - ИНФО

18.02.17

Прегледи

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави документот за јавни политики „Под окото на јавноста: правото на приватност на јавните личности во Македонија“, чија цел е да утврди дали информации за јавни личности објавени во медиумите го задоволуваат т.н. „тест на јавен интерес“, односно дали медиумите правилно ги балансираат правото на приватност на тие личности со правото на јавноста „да знае“. Документот нуди и преглед и анализа на легислативата во областа, и оценува дали истатата ги задоволува европските стандарди.

Врз основа на направената анализа, утврдени се следните главни заклучни констатации: Законот за заштита на личните податоци е усогласен со европската регулаторна рамка и претстои негова хармонизација со легислативните акти од европскиот реформски пакет. Во Законот за следење на комуникации и во Законот за електронските комуникации нотирани се одредени дискутабилни одредби кои при нивната практична имплементација можат да претставуваат основа за евентуално пречекорување на овластувањата на службите, што автоматски значи и реална опасност од неоснована повреда на приватноста на граѓаните.

Надзорот над следењето на комуникациите не е ефикасен, не претставува коректор на работењето на органите кои ги следат комуникациите, не се одвива во континуитет преку воспоставена практика и е подложен на партиски и политички влијанија. Законот за заштита на приватноста не понуди издржани законски решенија, а последните случувања со објавување на разговори со исклучително приватна содржина, покажа дека Законот не се почитува целосно во пракса. Во однос на медиумското објавување и пренесување во јавноста на содржината на телефонските разговори од незаконското следење на комуникациите, впечатокот е дека во одредени моменти се премина границата на пристојност и минимум почитување на приватност, а доминираше сензационализам.

Некои од главните препораки од извештајот се: Во Законот за следење на комуникации и Законот за електронските комуникации да се преиспитаат одредбите и предвидениот услов за издавање на усна судска наредба за следење на комуникации, но и да се внесат нормативи за чувањето на транскриптите од следените комуникации, нивниот трансфер до надлежниот суд, како и одредби со кои поблиску би се одредиле категориите на лицата кои се одговорни за примена на мерката следење на комуникации.

Секој медиум треба внимателно и објективно во секој поединечен случај и во контекст на сите специфики на случајот да ја процени важноста на секоја информација. Корисно е да се примени и тн. тест на влијание, односно пред да се објави одредена информација која навлегува во приватноста, треба да се утврди дали таа има потенцијал негативно да влијае врз животите на голем број луѓе. Медиумските здруженија треба да го поттикнат дефинирањето на конкретни одговорности за интернет порталите, веб форумите, модераторите на блогови, кои нема да се придржуваат на стандардите за етика во новинарството и за почитување на приватноста. При објава која содржи лични податоци (фотографии, текстуални објави и други содржини) кои се постирани на личните профили на корисниците на социјалните мрежи, треба да се обебеди согласност од субјектот на личните податоци.

Документот за јавни политики „Под окото на јавноста: правото на приватност на јавните личности во Македонија“ се реализира во рамките на проектот „Зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија за изразување на јавниот интерес“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Документот може да се преземе на следниов линк.