fbpx

Тивка узурпација на јавниот простор

Марјан Вучковиќ

Јавен интерес

10.12.15

Прегледи

м-р Марјан Вучковиќ

marjan vuckovicПотребата од јавен простор ни припаѓа на сите нам, меѓутоа спроведувањето на желби на поединци се` повеќе го узурпира јавниот простор. Изградбата на објекти, фонтани и улици со посебен режим на јавен простор многу често се заснова на субјективни одлуки и претставува задушување на јавната сфера која, пак, е одраз на општеството.

 

Што е јавен простор?

Потребата од јавен простор е суштината на постоењето на самата држава и општество, која е исконски стара идеја, но и темел на модерното општествено уредување. Старите Римјани јавниот простор - форумот го користеле за јавни собири на кои јавно се дискутирале јавни теми. Денес, модернистичките теории за државата ја потврдуваат постојаноста на јавниот простор како неодвоив сегмент од статутарноста. Доколку еднадржава како свои обележја ги има своите граници, својот идентитет и симболи, секако дека таа се поистоветува и со јавниот простор со којшто располага.

И Уставот на Република Македонија ја потврдува нужноста од јавен простор во членот 21, во кој пишува дека „граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест, а со цел искажување на своето мислење јавно“. Арно ама, никаде во Уставот не стои дека треба да се градат објекти „од јавно значење“ на јавен простор, да се узурираат јавни места за настани од „јавно значење“ и да се преуредуваат пешачки зони за улици од „јавно значење“, за летни тераси на ресторани и кафулиња, за прослави и за митинзи.

Непостоењето на јавен простор значи непостоење на простор за јавно изразување на потребите на граѓаните. Изградбата на „јавни објекти“ на јавен простор не е оправдување за присвојување на слободата и демократијата изразена преку јавниот простор. Со уништувањето на јавниот простор се деградира слободата и можноста за јавни собири заради искажување на јавното мислење.

Јавниот простор ја изгуби својата главна цел

Јавниот простор значи одраз на културно-социолошката зрелост на едно општество, заедничко прибежиште на сите граѓани, место кое се споделува, а не е наше, место кое е сечие, а во исто време ничие. Јавниот простор е јавна сопственост и треба да биде достапна за секого. Целокупната јавна сопственост е право на сите нас, со обврска да ја штитиме и чуваме.

Темпото на тивка узурпација на јавните површини стана секојдневие од кое што не можеме или не знаеме како да се заштитиме. Јавните плоштади се почесто наликуваат на музеи, преполни со скулптури и фонтани, испразнети од човечки џагор и живост на минувачите. Плоштадите наместо места за собирање на случајни минувачи, станаа пусти и празни, преоптоварени со скулптури, фонтани и летни тераси на кафулиња, места кои сите (не)намерно ги избегнуваат. Собирите и протестите се префрлуваат на улици и пред административни објекти бидејќи плоштадите ја изгубија таквата намена.

Дали главната цел на оваа тивка узурпација е постигната? Дали целта е деструкција на главните артерии на општеството кое води до целосно губење на јавниот простор? Ако е така, време е да се прашаме зошто сме дозволиле да ни се случи тоа. Потребата од јавен простор е исконска и не може да се уништи преку ноќ. Но, последните трендови на узурпација на јавни површини, со јавни и приватни објекти, се повеќе се закануваат да го уништат јавниот простор. Постојаната експанзија на споменици, згради за станбен и деловен простор и градењето објекти од „јавен интерес“ на јавни површини се покажа како квалитетна формула за узурпација на јавниот простор.

Постоењето јавен простор - реалност или политичка козметика?

Доколку потребата од постоење јавен простор не беше задолжителна, одамна ќе се задушувавме во облакодери. Ама и вака, со уставно и законски загарантирани права на јавен простор, узурпацијата се повеќе укажува на политичка козметика на јавниот простор. Инаку, што би значело постоењето на плоштад со вградена фонтана или пешачка зона со режим на сообраќај, тротоар со можност за паркирање на возила, градски парк со можност за изградба на зграда и многу други примери кои постојано се нафрлуваат на јавниот простор и подмолно го влечат кон заборав. Плоштад со посебен режим за возење на моторни возила не е повеќе јавен простор во исконска смисла. Го изгубил своето значење на простор без режим.

Опстанок на јавниот простор

Како што одминува времето, останува се ` помалку јавен простор совредност за целосна употребливост. Токму поради тие причини, итно мора да се покренат различни иницијативи преку собирање потписи, протести, лобирања и притисоци за донесување посебен закон со кој што ќе се регулира јавниот простор и ќе се спречи неговата градежна узурпација. Секоја градежна активност на јавниот простор треба да биде референдумски одобрена од сите нас, за да не помине скришум на мала врата како проектот „Скопје 2014“. На таков начин нема да може ниту една лоби група, партија или урбана мафија да влијае врз разумните одлуки на граѓаните, кои јасно ќе застанат во заштита на јавниот простор кој се помалку го имаме.

 

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Марјан Вучковиќ

Марјан Вучковиќ дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде и магистрирал на катедрата за политички науки во областа на цивилното општество и меѓуетничките односи во Република Македонија и регионот. Претседател е на Македонски политиколошки форум, здружение на политиколози на Македонија, како и долгогодишен колумнист на неделниот магазин „Его“. Се занимава со политичките и општествените случувања во државата и пошироко, давајќи сопствени согледувања и размислувања за истите.