fbpx

Зошто правосудството го попречува владеењето на правото?

Дане Талески

Јавен интерес

Правда

29.03.16

Прегледи

д-р Дане Талески

daneПолитичкото влијание на ВМРО-ДПМНЕ е главниот проблем што ја ограничува независноста на правосудството во Македонија. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се посреден инструмент преку кој се спроведува политичката контрола. За да се избегне зависноста од владејачка партија, правосудството треба повеќе да се потпре на своите капацитети, да ја зголеми транспарентноста и да започне поблиска соработка со цивилното општество.

Во минатата година, серија на одлуки и постапки, почнувајќи од непостапувањето на Јавното обвинителство кога беа објавени првите „бомби“ од опозицијата до последната контроверзна одлука на Уставниот суд да дозволи Претседателот да може да амнестира изборен криминал, покажаа дека правосудството не ја извршува целосно својата улога.

Имајќи го тоа предвид, тим на истражувачи од Центарот за југоисточно европски студии (CSEES) при универзитетот во Грац ја спроведе студијатa „Подобрување на системот на спреги и контроли во Република Македонија: Судска контрола на извршната власт“ (понатаму Судска контрола на извршната власт) во рамките на проектот „Дијалози за визија“ на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ). Главниот резулат на студијата е дека политичкото влијание од страна на извршната власт, поточно од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, е главниот проблем што ја ограничува независноста на правосудството во Република Македонија. Дополнително, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не ја штитат независноста на правосудството, туку се посреден инструмент преку кој се спроведува политичката контрола.

И покрај реформите, политичката контрола е најголем проблем

Во студијата „Судска контрола на извршната власт“ најпрво беа анализирани реформите во правосудството кои започнаа во 2005 и кои се интензивираа по 2009 година. Во тој процес се формираа Судскиот совет и Советот на јавни обвинители за да се подобри независноста и одговорноста на судиите. Беше основана Академија за обука на судии и обвинители и беа воведени различни ИТ алатки. Бројот на заостанати случаи беше намален и имаше подобрувања во капацитетите и процедурите.

Графикон 1. Временска рамка на реформи во правосудството (1990 – 2015)

grafikon s

Сепак, резултатите од студијата покажуваат дека политичката контрола од страна на извршната власт т.е. од страна на главната владејачка партија, претставува сериозен проблем за независноста на правосудството во Република Македонија. Други анализи од домашни организации го потврдуваат истото, а истиот проблемот е посочен и во извештаите на ЕУ и САД.

Судскиот совет и Советот на јавни обвинители добија ниска оцена за нивното функционирање во истражувањето што се спроведе за потребите на студијата. Истражувањето покажа широко распространето верување дека советите се под контрола на извршната власт уште од нивното формирање. Исто така се смета дека квалитетот на изборите на членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители станува сé полош со тек на време - дека не се фер и слободни, дека има политички влијанија и дека не се избираат најкомпетентните кандидати. Преку советите, Владата ги контролира и претседателите на судовите и изборот и унапредувањето на судии и обвинители. Затоа независноста во правосудството доби многу ниски оцени.

Графикон 2. Оцени за постоење на независност во правосудството

grafikon s1

Иако беше очекувано Судскиот совет да има најголемо влијание во судството, студијата покажа дека Владата има најголемо влијание. Се смета дека Собранието има мало влијание и дека тоа е подеднакво потчинето на Владата, слично како и судовите. Невладините организации имаат најмало влијание, иако тие имаат значајни капацитети и покажуваат силен ентузијазам да го поддржат зајакнувањето на независноста на правосудството.

Графикон 3. Кој влијае на работата на судовите?

grafikon s2

Една алармантна илустрација е податокот дека најголем дел од експертите кои беа интервјуирани не можеа да посочат пример кога судовите извршиле контрола на извршната власт. Доминира мислењето дека правосудството не е еднаква гранка на власта со другите. Политичките мешања од страна на Владата и некомпетентноста на судиите и обвинителите се сметаат за главни пречки за независноста на правосудството.

Покрај тоа, студијата идентификуваше проблем со одговорноста на судиите. Од една страна, резултатите покажуваат дека во правосудството се напредува според политичка подобност, а не според стручност. Од друга страна, резултатите од студијата, како и анкетите за правосудството, покажуваат дека довербата во судовите е намалена заради перцепцијата која ја создаваат случаи за кои се смета дека се пример за селективна правда или неправично судење. Ова е посебно видливо кај етничките Албанци кои се посебно скептични за одговорноста на судиите и за непристрасноста на правните процедури.

Како да се подобри ситуацијата?

Промена на праксата е поважна од промени во законите. Најважно е да се намали политичката контрола на правосудството. Итните реформски приоритети, кои се потенцирани во извештајот на Прибе, како на пример, де-политизација на изборот и именувањата на судиите, подобро дефинирање на критериумот „истакнат правник“, Судскиот совет да не биде под политички влијанија и други, треба да се имплементираат без никакви понатамошни одлагања. Претпоставката е дека ако тие се имплементираат, тогаш ќе се намали политичката контрола на судството. Но, имплементацијата зависи од политичките елити, а во дадениот момент, кај некои нема воља за зајакнување на судската независност. Од друга страна, надворешен притисок од страна на ЕУ и на НАТО може да донесе подобрувања во правосудството бидејќи тоа е дел од критериумите што Македонија треба да ги исполни за членство во овие организации.

За да се избегне преголемата зависност од политичките елити, студијата сугерира правосудството повеќе да се потпре на своите капацитети, да ја зголеми транспарентноста и да започне поблиска соработка со цивилното општество.

Прво, треба да се зголеми интегритетот на судиите и на обвинителите. За да се постигне тоа може да се воведе правило за писмена комуникација меѓу судиите и обвинителите со претпоставените, поголем број на тренинзи за интегритет и етика, и воведување на „меки инструменти“, на пример, воспоставување награди и признанија и возобновување на специјализирани публикации, кои ќе дадат можности да се постават професионални стандарди во судството. Потоа, Владата, односно ВМРО-ДПМНЕ треба да престане со практиките на политичко мешање во судството. Треба да се земе предвид дали моменталниот состав на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители може да биде на висина на задачата. Доколку не е, тогаш треба да се направи реизбор.

Второ, треба да се зголеми транспарентноста. Претпоставката е дека ако правосудството е поотворено за јавноста, тогаш независноста и одговорноста на судиите и на обвинителите ќе зајакнат. Тоа може да ја зголеми довербата како повратен ефект. На пример, прес конферециите кои ги одржува Специјалното јавно обвинителство и јавното судење на случаи кои привлекуваат широко внимание се добар пример, наспроти затворената седница на Уставниот суд. Понатаму, за да се подобри транспарентноста не постои причина зошто биографиите на кандидатите за избор на судии и на обвинители, како и за избор на членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да не бидат јавно достапни.

Трето, правосудството треба да има поблиска соработка со цивилното општество, дефинирано во најширока смисла. Голем дел од општеството бара да се подобри ситуацијата во правосудството и да има функционално владеење на правото. Има големо медиумско внимание кое треба да се искористи за да се поддржи еден длабок и суштински реформски процес. Цивилното општество има капацитети кои можат да помогнат. Од есенцијално значење е да се изгради коалиција за реформи меѓу чинители од правосудството и стручната јавност. Неопходно е да се создаде критична маса на судии и обвинители кои ќе бараат реформи, а потоа треба да има отворена и структуирана дискусија со стручната јавност (на пример, преку формирање на ад-хок комисија) за потребните реформи.

На крај, правосудството може да има позитивна улога во разрешувањето на политичката криза, доколку работи објективно, непристрасно и независно. Тогаш ќе има двојна награда. Правосудството ќе придонесе кон разрешување на кризата и ќе спроведе судска контрола врз извршната власт, а независноста на правосудството ќе го зајакне системот на демократска контрола и рамнотежи.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Дане Талески

Дане Талески докторираше на политички науки на Централно европскиот универзитет (ЦЕУ) во Будимптешта. Ко-автор е на две книги поврзани со процесот на ЕУ интеграции и регионална соработка. Неговите трудови се објавени во Democratization, Ethnopolitics, Suedosteuropa и New Balkan Politics, и како поглавја во повеќе книги. Во 2014 година, тој доби Civil Society Scholar Award од Институтот Отворено oпштество од Њуjорк. Од октомври 2015 е визитинг истражувач на Центарот за југоисточно европски студии на универзитетот во Грац, а од март 2016 година е истражувач i на Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Ријека.