fbpx

Македонските учебници го дерогираат образовниот систем

Елизабета Секирарска

Јавен интерес

Образование

01.04.16

Прегледи

Елизабета Секирарска

sekirarska elizabetaСостојбите со македонското учебникарство и учебниците кои се користат во наставата станаа навистина драматични последниве години. Концепцијата на учебниците и вредностите кои им ги нудат на учениците сериозно го доведуваат во прашање нивниот квалитет. Сведоци сме на неквалитетни учебници, полни со погрешни факти, со неточни информации и со искривени вредности кои идеолошки индоктринираат цели генерации.

Квалитетот на образованието зависи и од квалитетот на учебниците. Нивниот квалитет, пак, се мери според тоа колку тие ги исполнуваат барањата предвидени со концепцијата преку која треба да се изготвуваат, како и според тоа дали и колку ги содржат дидактичко-методските вредности неопходни за учење и развој на ученикот.

Учебникот според својата конструкција и начинот на кој ги прикажува содржините одредува со колкав успех ученикот ќе може да ги совладува тие содржини. Освен што ја игра улогата на извор на знаење, учебникот е и средство за негово пренесување, има силно воспитно влијание врз младите генерации, а со тоа се мери и неговата педагошка вредност. Бидејќи околу учебникот се групирани и на него се надоврзуваат сите други наставни средства, а генерално земено, од него зависи и употребата на одредена наставна метода и наставна форма, тој мора да е усогласен со наставните планови и програми и мора да ги „води“ наставните содржини по редослед, обем, конзистентност и длабочина. Конечно, мора да се води сметка за тоа дека секој учебник мора да ги поседува неколкуте дидактичко-методски детерминанти: информативната, сознајната, систематизациската, индивидуализацијата, самообразованието и координацијата.

Кус осврт на реформските зафати во македонското образование

Македонскиот образовен систем веќе подолго време се соочува со низа реформски зафати кои во основа не можат така да се квалификуваат, поради тоа што „на терен“ ниту ги овоможија, ниту ги дадоа очекуваните ефекти

Концептот на екстерното тестирање се преобрази во воспитно-образовен гаф од ендемски вид, етаблиран само во македонскиот образовен систем и никаде повеќе, со далекусежни последици и по учениците и по наставниците. Во ниту еден образовен систем во светот, екстерното тестирање не е употребувано како алатка за санкционирање на наставниците, ниту пак добиените резултати предизвикуваат последици по учениците онака како што се случува кај нас. Во здравите образовни процеси овој концепт се користи за откривање на слабостите на .системот и барање решенија за негово подобрување. Оваа тема особено може и мора да биде предмет на издвоена дискусија на стручната јавност.

Аплицирањето на искуствата на туѓите воспитно-образовни системи се прави автоматски без да се води сметка за тоа дали македонската образовна „почва“ може да ги прифати. Таков е примерсот со Кембриџ програмата во основните училишта, со тенденција наскоро да се етаблира и во средното образование, без претходна анализа на подготвеноста за таков зафат.

Низата алатки од административен тип прераснаа во механизми за оптоварување на наставниците и нивно оддалечување од базичната работа со деца, како што е електронскиот дневник.

Концептот на државна матура, кој и покрај ветувањата на надлежните дека ќе подлежи на ревизија и ќе подразбере вклучување на наставниците и средношколците преку формирање на работни групи, и оваа година останува во стариот формат.

Долга е низата на реформите, кои освен што го оптоварија образовниот систем, комплетно го деформираа, а како директен ефект ја имаат искривената перцепција на учениците за сопствениот резултат и начинот преку кој ќе го освојат.

На целиот воспитно-образовен хаос се надоврзуваат и учебниците кои по својата содржина, опфат, структура, а, пред се`, според веродостојноста на фактите кои во нив се потенцираат имаат сериозен проблем заради кој и нивните автори, а и оние кои ги рецензирале мора да бидат повикани на одговорност. Се работи за средство кое има директно влијание врз оние кои учат и служи за формирање на нивниот светоглед, градење на ставови и формирање на личност, која пак според усвоеното го дефинира и своето однесување во светот во кој живее.

Примери од пракса: погрешно наученото е полошо од ненаученото

За жал, последниве години и како наставници и како родители сведочиме на низа еклатантни примери за погрешни формулации, концептуални проблеми, содржински изместувања и низа други гафови кои во едно професионално и стручно учебникарство, насочено кон градење на самосвесно младо битие едноставно се недозволиви.

На пример, во учебникот по Запознавање на околината за 2-ро одделение, седумгодишни деца учат за важноста на воздухот. Притоа им е посочена задачата со две тегли и инсекти во нив: „Земи една тегла и во неа собери неколку инсекти, теглата затвори ја со капак и нека постои неколку минути, отвори го капакот и провери дали инсектите се живи“.

 

1

Слика 1: Фотографија од учебникот Запознавање на околината за второ одделение

Заради бројните реакции, учебникот е предмет на ревидирање и суперрецензија, ако се земе предвид дека со ваквото насочување на децата, воспитната компонента е сериозно доведена во прашање.

Во учебникот по Граѓанско образование за 8-мо одделение, лојалноста се толкува на следниов начин: „Кога покорувањето на моќта е прифатено, тогаш за таа моќ велиме дека прераснала во власт. Власта е облик на моќ која е прифатена како оправдана, а бакнувањето рака на повозрасните е изразување на почит кон авторитетот. Лојалните граѓани ги почитуваат оние кои се на власт во општеството и секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите и по цена да мора да се откажат од своите слободи.“

 

2

Слика 2: Фотографија од учебникот учебникот по Граѓанско образование за 8-мо одделение

Ваквата дефиниција предизвика бурни реакци од страна на експертската јавност, наставниците и родителите, со оглед на тоа дека се коси со фундаментот на слободата и правата на граѓанинот и ги учи децата на покорност.

Во учебниците за Природни науки за 5-то и 6-то одделение, едно исто прашање нема ист одговор, што е особено важно бидејќи се работи за природни науки каде нештата се егзактни и нема место за импровизации. Имено, во учебникот за 5-то одделение се наведени 4 слоеви на атмосферата (тропосфера, стратосфера, јоносфера, егзосфера), а во учебникот за 6-то одделение се 5 (тропосфера, стратосфера, мезосфера, јоносфера и егзосфера). Станува збор за неточни информации и се остава простор за недоумиции и нејаснотии. Настрана фактот дека станува збор за непроверена информација, која е поместена во учебник кој е одобрен за печатење.

3 3 3

 

Слика 3: Фотографии од учебниците за Природни науки за 5-то и 6-то одделение

Во учебникот по Социологија за 2-ра година во гимназиското образование, во лекцијата „Образованието и животните шанси“ на многу дискутабилен начин се толкува врската меѓу образованието и припадноста на одредени слоеви. Имено, се посочува дека по иницијатива на родителите „децата кои припаѓаат на повисоките слоеви завршуваат елитни училишта, бидејќи добиваат дипломи со помош на кои се изолираат од контакти со деца од пониски слоеви, кои можат да ги расипат“. Апсолутно изместен концепт на вреднување на припадноста како аспект според кој децата треба да се делат на богати и сиромашни и според тоа да се етаблираат во општеството, особено од аспект на тоа дека децата кои припаѓаат на пониските слоеви ги расипуваат оние кои се позиционирани во повисоките. Толку од воспитната компонента и негувањето на осетот за еднаквост, дружба и градење на релации кои немаат врска со припадноста, туку со базичните квалификативи кои децата треба да ги стекнат во училиштето и според нив да се владеат во текот на животот.

4

Слика 4: Фотографија од учебникот по Социологија за 2-ра година во гимназиското образование

Во учебникот по Маркетинг и маркетинг менаџмент за 2-ра година во средното стручно образование, на страница 95 се толкуваат типовите на однесување на потрошувачите во процесот на купување. Притоа се наведуваат групите на модели според Филип Котлер кои се објаснуваат во контекст на типовите на однесување на потрошувачите во процесот на купување, што не е точно. Имено, според Котлер, типовите на однесување на потрошувачите зависат од ситуацијата и напорот кој потрошувачот го вложува кога купува, при што тој може да се однесува рутински, ограничено и екстензивно (како типови на однесување). Моделите кои се спомнуваат во учебникот ги објаснуваат мотивите кои го раздвижуваат потрошувачот во купувањето, што е сосема различно од типовите на однесување во маркетинг теоријата.

Обемноста на лекциите во истиот учебник, стилот на пишување, како и нивната должина не се приспособени на сознајното ниво на учениците на возраст од 16 години. На пример, лекцијата за Сегментирање на пазарот е објаснета од 147-мата до 170-тата страница. Потенцирањето на она што е важно од страна на наставникот во вака опсежен приказ зависи од неговата лична перцепција и ја нагласува различноста во приодите на секој наставник, што може да биде проблем кога е во прашање екстерното тестирање, каде што сведочиме на банална формулација на прашања вадени од пасуси во лекцијата, а во основа без клучна важност за разбирањето на самиот процес на сегментирање.

Наставниците, авторите и рецензентите се носителите на квалитетот на учебниците

Авторите и рецезентите треба да имаат посериозен, попрофесионален, постручен и поодговорен пристап во изработката на учебниците. Еден современ учебник треба да содржи, пред се`, точни и воспитно одмерени факти и материјал кој наведува на размислување и на самостојна работа. Учебникот треба да предизвикува интелектуален конфликт потребен за позитивна мотивација и да развива љубов кон учењето.

Наставниците, пак, мора да реагираат професионално и енергично кога ќе воочат примери кои укажуваат на недоследности во учебниците, кои потоа придонесуваат учениците да не го доживуваат училиштето како средина која ги учи, ги гради и им го дефинира животниот пат.

Националната комисија за учебници е најповикана за тоа ученикот што, од каде и како учи. Таа мора да ги обврзува авторите да ги применуваат најновите достигања на дидактиката и методиката, според кои наставните компоненти мора да ги следат структурните елементи на учебникот и обратно. Комисијата не смее да дозволи објавување на учебник којшто не го поттикнува процесот на учење и нема силна мотивациска улога, којшто не ги обединува искуството, интересите и зрелоста на ученикот.

Најголема одговорност имаат надлежните институции - Министерстово за образование и наука и Бирото за развој на образованието, кои стојат зад ваквите учебници и дозволуваат да станат извор на знаење на учениците, иако го поминале ситото на авторот, на рецензентските комисии и на Националната комисија на учебници. Министерството и Бирото треба да ја понесат одговорноста заради трендот на брзоплето пласирање на учебници по принциот „веднаш“, беа да подлежат на подлабока анализа пред нивното печатење. А имаат најголема вина за она што има најголема тежина – дозволуваат учење на погрешни факти и идеолошка контаминација на младиот човек.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Елизабета Секирарска

Елизабета Секирарска е професор во СОУ „Перо Наков“ – Куманово. Активно работи на имплементација на современи интерактивни методи и техники во наставата и како обучувач и развивач на компјутерски алатки за работа во наставните предмети. Член е на уредувачкиот одбор на педагошката ревија „Воспитни крстопати“, каде објавува свои стручни трудови, од кои дел се наградени. Во 2013 година е прогласена за просветен работник на годината на државно ниво во категоријата средни училишта.