fbpx

Дали Груевски може да ни се повтори?

д -р Ненад Живановски

Јавен интерес

05.04.16

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenadПоразот на здравиот разум и агонијата на животот кои ни се случуваат последниве десетина години, кај многумина го поставуваат прашањето дали сето ова можело да се предвиди, па и да се спречи!? Барањето одговор како си го дозволивме ова, консеквентно води и до ново прашање дали истото може пак да ни се повтори.

 

Во медицината, патологиите и дегенеративните процеси секогаш се проучуваат и преку етиолошките фактори, со кои се утврдуваат причините кои во минатото влијаеле да се создадат и развијат некои болести. Користејќи ја оваа методологија, доколку сакаме коренот на нашиот сегашен проблем да го бараме назад во времето, низ некаков историски контекст, тој би нѐ вратил во раните деведесетти. Тоа е периодот од кога би требало да се тргне во потрага по можната причина која тогаш се случила, и која подоцна во општеството испровоцирала колективна фрустрација, чиј климакс еруптирал последниве години. Таквото разгледување на проблемот, сепак, би било неубедливо бидејќи историскиот предтекст како објаснување за денешните проблеми не може примарно да се бара во почетоците на самостојноста на државата.

Во зародишот на независноста, деструктивна националистичка фрустрација, која би имала своја рефлексија и на поновото време, генерално не била иманентна за општествените околности во Македонија. Напротив, општествениот амбиент во тоа време бил исполнет со конструктивна национална еуфорија. Објективните анализи за тогашното доминатното јавно мислење кај Македонците биле дека тоа во целост било различно од она кај останатите народи во Југославија и затоа единствено македонскиот народ ја имал зрелоста и одговорноста на историскиот предизвик, за да му одолее на заводливиот флерт на национализмот, кој ги бил опседнал другите народи. Иако и во раните 90-ти имало испади од типот „Следниот конгрес на ВМРО ќе биде во Солун“ и „Крв до колена ќе тече во војната со Албанците“, сепак овие националистички восклици останаа само на ниво на митингашки крик и вресок без да добијат институционална поткрепа.

Како ни се случи Груевски?

Она што ни го донесе последнава деценија – комплетно уназадување на граѓанските, националните и човечките вредности, покажува дека огромен број од денешните Македонци се со регресивна свест, со тоа што избрале национализмот да се случи во Македонија многу години подоцна и во понеприродни околности од оние кои му погодувале кај другите народи. (За „природни“ околности за експлозија на тогашниот национализам се сметаа распаѓањето на федерацијата, омразата меѓу републиките и барањето вина за сопствената национална трагедија во туѓи фактори).

Покрај тоа, и она што би можело да се смета за наша автохтона фрустрација, која дополнително би го разгорела денешниот македонски национализам или била елиминирана или била со ослабен интензитет: ирационална Грција беше вразумена со Времената спогодба, а милитантните Албанци пацифисирани со Охридскиот Рамковен договор. Значи, сите објективни предуслови за појава на национализам беа елиминирани и во такви констелации, иако државата имаше реални можности за објективен развој, каков што беше до 2006 година, за жал, нас ни се појави погубниот задоцнет рефлекс за националистички испади. Испадна, во 2010. како одново да го живееме времето на економската блокада на Грција, вооружениот бунт на албанската етничка заедница и распадот на државата.

Која беше тогаш причината за појава на овој „ничим изазван“ македонски национализам, во кој аутистичната парола на српските националисти од деведесетите („Ќе јадеме корења, ама нема да потклекнеме!“) ќе најде четврт век подоцна погодно тло во Македонија за да го трансформира деструктивниот изолационизам во лажен патриотизам („Кои се тие Американци и ЕУ да ни командуваат во наша држава!?“)? Ако се согласиме дека дваесет години задоцнетата македонска националистичка експлозија не беше примарно иницирана од некакви надворешни фактори, туку таа беше предизвикана исклучиво од внатрешен, интра-македонски, субјект, тогаш основата за да ни се случи национализмот на Груевски може да биде само една: неспособност на сите влади од 2006. наваму да обезбедат прогрес на економско-социјален план за Македонците. Тоа значеше дека пливањето во националистички води се гледало како единствен излез за прикривање на некомпетентноста на вмровската елита да ја управува и развива државата. А, таквата неспособност успешно се камуфлираше со пропагирање примитивен триумф на националната енергија и митот за сплотена нација (претставувани преку проектите за антиквизација и Скопје 2014).

Ваквото тврдење е лесно докажливо. Ако се препрочита експозето од 2006., на тогаш по првпат мандатарот Никола Груевски, тој во својот настап во Парламентот исклучиво зборувал за подобрување на економската состојба во државата, намалување на невработеноста, евроатланските интеграции и мораториум на дискусијата за етничките прашање. Никаде во тој негов настап не можеле да се препознаат ни најава, ни контекст, ни предтекст за Скопје 2014, идејата за старо-нова нација на антички Македонци, провоцирање зла крв за контролирани судири со Албанците, сатанизирање на опозицијата и сите останати атрибути на овој милитантен партиски национализам, кој го одбележа мандатот на Груевски и владеачката ДПМНЕ откога сватија дека не можат да им го испорачаат на граѓание ветеното. Секако, со целосно разбирање и партнерска поддршка за вмровскиот национализам од страна на Али Ахмети и ДУИ - сите заедно убедени дека конечно ја пронашле тајната формула за еликсирот за вечна власт.

power to people

Дали можел да се спречи груевизмот?

Одговорот на прашањето дали можело да се очекува дека дваесетина години по прогласената независност ќе ни се случи ваков регрес со појавата на Груевски би требал да биде негативен, бидејќи секој разумен би верувал дека после толку години практицирање демократија, кај гласачите би требало да се оформи минимум базична писменост за демократски избор и култура за променливост на власта. Со други зборови, власта која во својот мандат не успеала да му обезбеди на граѓанинот подобрување на неговиот животен стандард, онака како што му ветила во изборната кампања, ќе морала да си замине од власт со пораз на избори. Сепак, кај нас не се случи тоа и наместо да се повторат 1998, 2002 и 2006., и со пораз на избори да се спречи застранувањето на Груевски, ние дозволивле да не подјарми овој партиски тоталитаризам и стимулиран национализам, како модус за зачувување на власта и привилегиите од неа.

А дека Македонија последниве години се управува на еден апсолутистичко-тоталитарен начин не е никаква непознаница и тоа лесно може да се потврди ако се спореди нашата ситуација со критериумите кои се пропишани за таквата власт: неслободни медиуми, зависно судство, корумпирана елита, пригушени или суспендирани граѓански права и слободи, неслободни и фалсификувани избори, страв кај граѓаните ако ја критикуваат власта, несигурност на личната сопственост и имот, неконтролирано и злоупотребено прислушкување на населението и др. Сѐ се ова примери од учебник кои едно општество го детерминираат за недемократско, а кои, за жал, на македонската ’чекинг листа’ би морале да бидат штиклирани.

За разлика од практичните очекувања во деведесеттите за здрав демократски развој и променливост на власта, од своја страна, теоријата не само што не би ја исклучила појавата на Груевски дваесет години подоцна, туку таа, во општествени околности како нашиве (неуспешна влада плус демократски неедуцирана популација), со сигурност би предвидела дека ќе дојде до ваков малигнитет на општествениот организам, кој, сè повеќе, колоквијално се нарекува груевизам. Тоа е така бидејќи во дадените услови, кажано со речникот на медицината, имунитетот на демократијата за самоодбрана е уништетн и таа не може да спречи да се развие една ваква општествена патологија во која Груевски со лажирање на избори ќе ја обновува својата власт.

И тоа е потенцијален проблем за секоја демократска држава, затоа што демократијата не е идеално уредување и таа дава можност во изборна процедура да се кандидираат криминогени личности, со скриена политичка агенда и неискрени демократски намери, за кога ќе победат да почнат да практикуваат недемократско владеење. (Несовршеноста на демократијата е и историско-емпириски докажана бидејќи таквиот систем овозможил власта да им припадне на Хитлер и Мусолини, а нацизмот и фашизмот својата доминација не ја постигнале со револуционерен преврат, туку на демократски избори).

Проучувајќи ги аномалиите на демократијата, филозофот Карло Ловенштајт, во неговата книга „Милитантна демократија“, многу темелно ги образложил недостатоците на современата демократија. За него, фундаменталната слабост на демократијата била, всушност, нејзината највеличенствена вредност, што ја правело ранлива од агресивните тактики на фашистите и на другите антидемократски групи. Проблемот бил во толеранцијата: демократската толеранција на различни политички групации била искористени за нејзино уништување. Тој аргументирал дека европските фашистички движења успешно ги искористиле демократските институции за да дојдат на власт, за потоа да ја суспендираат демократијата. Нешто што како од учебник да го пресликале до последна страница Никола Груевски и неговите партиски пајташи, кога ја осмислувале технологијата за „вечна“ власт (или барем за сто години владеење).

Дали може да ни се повтори?

Имајќи го предвид тврдењето на Ловенштајн, со сигурност може да се тврди дека можноста во иднина груевизмот пак да ни се повтори теоретски е извесна, а на праксата останува да покаже дали и кога општествените околности ќе дозволат да се создадат услови таквите недемократски сили повторно да добијат превласт на демократски избори. А дека уште сега во ДПМНЕ постојат десетици клонови на Груевски, со иста ментална структура во поимањето на демократијата и власта и кои се убедени дека фашизмот е функционален систем за Македонија во обезбедувањето лојалност и покорност на населението, не треба воопшто да се има сомнеж. Во иднина, тие клонови само ќе ја чекаат својата шанса за и по Груевски-Груевски.

Впрочем, во базичните поимања на демократијата и власта и Груевски не се разликува многу од својот претходник Љубчо Георѓиевски, иако, од денешна временска дистанца, барем привидно, Љубчо војвода, можеби, делува полајт. Меѓутоа, идеолошката матрица е таа. Колку нивните наследници ќе имаат прилика да загосподарат со нашите животи и судбини зависи од нас самите и нашиот избор бидејќи она што е најголемата вредност на демократијата, е во исто време и нејзината најголема мана - што овозможува мнозинството граѓани да решаваат кој ќе управува со државата.

Затоа, секој македонски граѓанин, кога ќе оди да гласа на претстојните избори, ќе мора во мислите да го има предупредувањето кое ни го оставиле умните стари Римјани: Deliberandum est saepe, statuendum semel (Повеќепати размисли бидејќи одлучуваш само еднаш). Или општество како нашево, кое е со недоволно развиена демокраска култура кај населението, да го примени советот на Ловенштајн дека демократијата мора себеси да се заштити од оние кои откако ќе ја искористат за да дојдат на власт ќе сакаат да ја укинат, со тоа што таа прва би ги забранила нив. Тој тоа го нарекувал милитантна демократија, која се покажала за успешна во пост-воена Германија во процесот на денацификација. И ние, само со воведена милитантна демократија ќе можеме да бидеме сигурни дека Груевски никогаш повеќе нема да ни се повтори.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.