fbpx

Патот од груевизмот до консолидирана демократија го открива теоријата на рационален избор

Иво Босилков

Јавен интерес

25.04.16

Прегледи

м-р Иво Босилков

ivo bosilkovНикола Груевски може да биде критикуван за многу работи. Меѓутоа за една работа, де факто шефот на македонската држава не може да биде критикуван, а тоа е неговата рационалност. Никола Груевски е исклучително рационален политички актер. Ако не би бил, немаше да фигурира повеќе од една деценија како најмоќен човек во Македонија.

 

Да нема забуна, рационалноста на Груевски нема никаква врска со морални вредности, тенденции за ефикасно решавање на проблемите или пак некаков недостаток на емотивни или емпатични карактеристики. Груевски е рационален исклучиво од аспект на начелата на позитивната политичка теорија - гранка која ги применува епистемолошките принципи на теоријата на рационален избор и методологијата на теоријата на игра. Според оваа теорија, индивидуалното однесување во политиката е мотивирано исклучиво од сопствен интерес, максимизација на конечниот исход и остварување на зацртаната цел. Ваквото однесување подразбира инструментален пристап за остварување на зацртаните преференци, преку стратешки потези и интензивна калкулација, наменета да обезбеди предност пред останатите политички актери во општеството.

Теоријата на рационален избор ги третира како арбитрарни и редундантни бихејвиоралистичките интерпретации на политичкото дејствување, каде доминираат културните и психолошки премиси, и на тој начин презентира дедуктивен модел, според кој човекот во сферата на политиката е воден од опортунизмот и егоизмот. Како таков, овој модел може да се примени на различни случаи, притоа нагласувајќи дека појдовна точка, во духот на рационалниот избор, е идејата дека во секое општество, основната цел на политичарот е да остане на власт, додека на гласачот да избере власт која ќе му овозможи максимален економски бенефит. И политичарот и гласачот се водени од сопствениот економски интерес. Во македонскиот случај, овој модел може да понуди поедноставено објаснување за феноменот кој го претставува домашната политичка ситуација и досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Медиумите и теоријата на селекторатот

Како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат доволна поддршка на избори за да останат на власт? Според теоријата на селекторатот одговорот е едноставен: партијата на власт во Македонија континуирано одржува нумерички ниска пропорција меѓу победничката коалиција (П) и селекторатот (С). Според авторите на теоријата на селекторатот, со овој термин се нарекуваат сите кои го избираат лидерот. Во демократијата тоа се сите граѓани со право на глас, во монархија како Саудиска Арабија тоа се членовите на кралското семејство, во воените хунти од типот на Чиле под Аугусто Пиноче, тоа се високорангираните членови на армијата. Под победничка коалиција авторите не подразбираат партии, туку оние членови на селекторатот чија поддршка е потребна да се остане на власт.

Владетелот ја обезбедува поддршката на коалицијата преку овозможување на приватни и јавни добра. Во демократски системи, соодносот П/С е голем, затоа што и коалицијата и селекторатот се големи. Оттаму владетелот нема доволно средства да ги поткупи сите со приватни добра, па обезбедува јавни добра. Во државите каде владетелот треба да убеди релативно мал број поединци во рамките на селекторатот, тој тоа го прави тоа преку приватни добра, додека остатокот го приграбува за себе. Ако селекторатот е мал, како во примерот со Чиле, тогаш владетелот треба да понуди повеќе за да ја задржи лојалноста на коалицијата во страв дека таа може лесно да смени страна; ако е голем, тогаш може да помине и со помала сума и да приграби повеќе за себе, затоа што знае дека коалицијата е свесна дека има мали шанси повторно да биде меѓу привилегираната група кај некој друг кандидат. Оттаму лојалноста кон владетелот е голема

Во Македонија, ситуацијата наликува на првата (демократија), но всушност е последната (диктатура). Зошто? ВМРО-ДПМНЕ победува на избори со мнозинска поддршка, која е резултат на перцепцијата за одлични економски перформанси, но оваа перцепција е повеќе последица на жестока медиумска кампања отколку реални параметри. Токму реализаторите на оваа медиумска кампања - провладините медиуми - можат да се пронајдат во горенаведениот опис, како групација која е финансиски зависна од власта, и чии припадници се во спрега со владини функционери, како што покажаа опозициските „бомби“ минатата година. Индиректно, медиумите се меѓу клучните алатки со чија контрола ВМРО-ДПМНЕ континуирано обезбедува одржување на власт. Индикатор дека Македонија припаѓа во оваа категорија се корупцијата и клептократијата, како стандардни придружни ефекти на нискиот П/С сооднос според авторите.

protestiram

Извор: #Протестирам

Како до транзиција кон вистинска демократија?

За да се оствари транзиција од ваков систем во консолидирана демократија, таа треба да биде самоодржлива. Еден од најпознатите современи автори на позитивната политичка теорија Адам Пржеворски смета дека тоа се случува кога е постигнат еквилибриум, во терминологијата на теоријата на игра: почитување на изборните резултати кога ќе се доживее пораз и понатамошна борба низ институциите. Според Пржеворски, ова е можно само кога сите политички сили имаат реални услови да победат во политичкиот натпревар; тогаш кога губитникот во одредена рунда верува дека има доволно шанси да победи во идна рунда за да го направи чекањето и учеството во таа рунда поатрактивно отколку субверзија на системот.

Во Македонија, според анализата која произлегува од теоријата на селекторатот, вакви услови нема, поради медиумската и институционална партизираност и корупција. Оттаму и сегашната политичка криза, во која опозицијата одбива учество во системот, свесна дека нема услови за победа. Кое е решението? Теоријата вели: либерализација на режимот.

Либерализација, преку отворање на авторитарната власт и толеранција на цивилното општество се случува кога настануваат пукнатини во блокот на моќта. Ова е процес кој паралелно оди одозгора надолу, и оддолу нагоре. Со други зборови, либерални струи во редовите на власта (одозгора) решаваат да го сменат пристапот кон цивилното општество, во ситуација кога автономна организација и јавна мобилизација создава притисок за промени (одоздола), со цел намалување на социјалната тензија и вклучување на дисидентските групи во институциите.

Хипотетички, овој процес се одвива симултано; либералните струи не преферираат демократија, туку само поинклузивна диктатура, меѓутоа со оглед на тоа што автономните граѓански организации немаат можност да ги изразат нивните интереси низ институциите, единствениот преостанат простор е улицата. Во тој случај либерализаторите не успеваат во нивните намери; репресија на бунтот е нивната најлоша опција, па затоа го менуваат редоследот на нивните преференци пред ситуацијата да излезе од контрола, и наместо проширена диктатура преферираат демократија. Предуслов за ваквата промена е да има гаранции од цивилното општество дека и понатаму ќе фигурираат како дел од власта и дека нема да има одмазда. Кога овој услов е прифатен од цивилното општество, процесот на демократска трансформација кулминира.

Македонската дилема на затворениците

Основната претпоставка на Пржеворски за ваков развој на настаните е дека изразувањето на интересите преку улична борба добива масовен карактер, но во Македонија тоа не е така. Причината повторно се наоѓа во рационалниот избор. Ако демократијата ја сметаме за јавно добро, тогаш теоријата вели дека колку побројна е групата во чиј интерес е јавното добро, толку помали се шансите тоа да биде оптимално распределено. Тоа е затоа што повеќето поединци имаат интерес некој друг да го обезбеди јавното добро, од кое и тие би имале бенефит. Ваквата практика е колективна варијација на класичната „дилема на затворениците“ од теоријата на игра, според која при недостаток на меѓусебна координација, секој учесник има поголема добивка кога ескивира а некој друг придонесува, затоа што во тој случај го избегнува трошокот за придонесување кон јавното добро.

Втора карактеристика на субоптималноста на остварување на јавното добро е што помалите играчи преку ескивирање ги „експлоатираат“ поголемите, кои имаат поголем интерес за добивање на тоа добро. Во нашиот случај поединците чекаат опозициската СДСМ да ја обезбеди демократијата. Единствен начин да се надминат овие проблеми и да се обезбеди потребната општа соработка се настани кои би претставувале катализатор за мобилизација. Кај нас, тоа би биле недвосмислени и непобитни докази за посериозни криминални дејствија на владејачката елита. Оттаму произлегуваат и актуелните демонстрации, како реакција на имплицитното признавање на овие дејствија во облик на помилувањето од претседателот Иванов.

Сепак, за охрабрување и појава на либерализаторско крило во владејачкиот монолит како одговор на јавното незадоволство, последново треба да биде изразено преку масовност на протестите. Најпосле, ако основниот постулат е гласачот воден исклучиво од економски интерес, евентуална изолација од Европската Унија би можела да има директни негативни последици врз неговиот стандард, намалувајќи ја мотивацијата да ескивира во придонесот кон јавното добро.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иво Босилков

Иво Босилков е доктор по политички науки од Универзитетот во Милано, со специјализација во областа на медиумски ефекти врз јавното мислење. Магистрирал во областа на политичката комуникација на Универзитетот во Амстердам, како дел од програмата Еразмус Мундус за новинарство, медиуми и глобализација. Работи како истражувач во Центарот за југоисточно европски студии во Грац и има објавено трудови во неколку меѓународни научни списанија.