fbpx

Помеѓу политичката одговорност и партиската дисциплина: претседателите на државата и ветото

Радица Тодоровска

Јавен интерес

06.09.16

Прегледи

м-р Радица Тодоровска

radica Todorovska200x250Во 25 години независна Македонија, се сменија четворица претседатели на државата. Од нив тројца го имаат искористено ексклузивното право да стават вето на закон изгласан во законодавиот дом. Се чини дека примената на ова право го следеше институционалното зреење на државната власт без разлика дали постоеше период на кохабитација на шефот на државата со Владата или не. Последниве речиси осум години, правото на вето практично е ставено во мирување. Што избраа досегашните шефови на државата: политичка одговорност или партиска послушност?

Од четворицата досегашни претседатели на Македонија, само актуелниот шеф на државата не го употреби правото да стави вето на закон изгласан во Собранието. За разлика од него останатите шефови на државата го искористиле правото да го опоменат парламентарното мнозинство преку непотпишување на указот за прогласување на закон. Претседателот Киро Глигоров, за време на два поминати мандати, четири пати го употребил правото на суспензивно вето, претседателот Борис Трајковски пет пати не потпишал указ за прогласување на закон, претседателот Бранко Црвенковски ставил вето на 10 закони.

Долгогодишниот прекин на примена на ветото ја отвора дилемата зошто тоа се случува само во последните два претседателски мандата, и покрај тоа што беа присутни повици за примена на овој инструмент. Барањето на Студентскиот и Професорскиот пленум да се стави вето на Законот за високо образование и барањето на Мрежата за заштита од дискриминација да стави вето на Законот за прекин на бременост во 2013 година се примери за кои од релевантни организации беше барано претседателот на државата да не го потпише указот за нивно прогласување, а незадоволството ескалираше преку протести.

pretsedateli

Извор: Политичкото влијание на Претседателот на Република Македонија врз законодавната власт (магистерски труд); автор: Радица Тодоровска

Одговорноста и моралот наспроти партиската дисциплина

Се чини дека воздржувањето од примената на вето на законите има две причини: или шефот на државата во потполност се согласува со парламентарното мнозинство (што е помалку веројатно) или кај него преовладува силната партиска дисциплина која ја наметнува поддршката. И едното и другото често меѓусебно се зависни и продуцираат помалку влијателен претседател. Во двата случаи се доведува во прашање личноста на претседателот на државата и неговиот имунитет на партиски притисоци.

Во случај на перманентна согласност на шефот на државата со парламентарното мнозинство за содржината на законите, без никаква забелешка која би се формализирала преку допис до Собранието, речиси се создава сомнеж за партиско подаништво особено кога и претседателот на државата и парламентарното мнозинство се од иста партиска провениенција.

Доколку шефот на државата е „плен“ на силна партиска дисциплина и поради тоа не опоменува преку правото на вето, тогаш не само што ја губиме неговата функција на евентуален коректор на одредена погрешна политика туку тој би требало да застане во одбрана на закон кој е против неговите убедувања. Тогаш и способноста на претседателот на државата да го оправда таквиот закон би била многу мала бидејќи тој ќе биде обезличен.

Но во Македонија се познати ситуации во кои претседател на држава става вето на закон изгласан од парламентарно мнозинство кое потекнува од иста политичка опција. Претседателот Бранко Црвенковски стави вето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2006 година за кој позитивно се изјасни неговата матична партија. Истата ситуација се повтори со измените во Законот за пратеници во 2000-тата година кога претседателот Борис Трајковски го употреби правото на вето. Излегувањето од канџите на партиското влијание е првиот потег кој го отсликува авторитетот на претседателот и неговата морална и лична стабилност.

Зошто е важно ветото?

Правото на непотпишување на указот за прогласување на закон од страна на шефот на државата, покрај политичко-правното значење ја потенцира моралната димензија на примената на овој инструмент.

Примарното значење на примената на ветото се однесува на укажување и опоменување на законодавната власт за евентуална штетност на законот и можноста за влијание врз одлуката на Собранието. Влијанието е единствено можно преку одолговлекување на процесот на стапување на сила на законот. Придобивката од тоа единствено се темели на анимирање на јавноста и изнудување притисок да се направат бараните измени во законите.

Секундарното значење се однесува на индивидуалната одговорност, моралниот капацитет и авторитетот на личноста на претседателот на државата. Двете значења се во функција на артикулирање силен и ефикасен метод за меѓуинституционален баланс во политичкиот систем.

Апстинирање од примената на ветото значи апсолутна моќ на парламентарното мнозинство и концентрација на моќта во рацете на само еден орган. Тоа е спротивно на начелото на поделба на власта кое е темел на уставно-правната поставеност на државната власт во Македонија. Опасноста во ваков случај е прераснување на самоволието до степен на една од поригорозните закани за демократијата, а тоа е апсолутизмот.

Да се издигне ветото во уште поморален чин

Согласно чл.75 од Уставот на Република Македонија, претседателот на државата има право еднаш да не го потпише указот за прогласување на закон, а потоа е уставно обврзан да го потпише доколку законот биде вторпат изгласан во Собранието. Во услови кога Уставот не дозволува моќ на претседателот на државата да поништи закон за кој оценил дека е штетен за граѓаните или државата, а од него бара да го потпише, тогаш одговорноста треба да се поткрепи со морални чекори. Ако претседателот на државата одлучи да не го потпише указот со образложение базирано на неговите проценки за штетност, и законот не се измени согласно неговите укажувања, постои дилема на моралност - дали Уставот го втурнува во положба на автоконтрадикторност со тоа што го обврзува да потпише закон кој е спротивен на неговите убедувања. Ваквата поставеност на обврската на шефот на државата се коси со моралот.

Затоа, добро е во Македонија да се земе предвид моделот на Србија за регулирање на ова прашање, со обврската на претседателот на Собранието да го потпише указот доколку тоа не го направи шефот на државата. Така, од една страна, претседателот на државата би се амнестирал од морална одговорност за евентуалните штетни последици, а од друга страна тој ќе може да и покаже на јавноста дека не дозволува негово обезличување. На овој начин ќе престане да се користи како параван уставно-правната обврска и преку можноста да каже суштинско „не“ претседателот на државата ќе го истакне авторитетот и на личноста и на институцијата.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Радица Тодоровска

Радица Тодоровска е дипломиран новинар и магистер на политички науки од 2009 година. Моментално е актуелен докторант на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Студиската програма од докторските студии е од областа „Демократија во услови на глобализација“. Активно учествува на конференции од областа на политичките науки, а предмет на научен интерес е развојот на демократијата во политичките системи особено од аспект на интеринституционална комуникација. Транзициониот и посттранзициониот период во постсоцијалистичките земји е особен предизвик за компаративни истражувања со развиените и модерни демократии.