fbpx

Суштински наместо површни и популистички реформи за млади

Александра Филипова

Александра Филипова

И покрај проектите за младите луѓе кои Владата ги презентираше оваа година, нивната состојба во државата и стандардот не се подобрува, односно подолго време стагнира. Навидум овие мерки имаат за цел да подобрат некоја област од животот на младите, но гледајќи долгорочно ништо не се менува. Младинската невработеност варира околу 50 отсто од младите луѓе, условите во студентските домови се нечовечки, а во новиот Закон за студентски стандард не се предвидени студентски бенефиции.

Владата промовираше проекти за бесплатни диоптерски леќи и бесплатен превоз за средношколци и студенти, реновирање на еден блок од студентскиот дом „Гоце Делчев“, изградба на нови скејт паркови низ повеќе градови, реновирање на градската библиотека „Браќа Миладиновци“, перални и сушални во петте државни студентски домови. Се направија измени во Законот за високо образование и донесени се два нови закона: за студентски стандард и за вработување на 100 најдобри студенти дипломирани на јавните универзитети во Македонија. Сепак, повеќето проекти се популистички, а не суштински.

Вистински Закон за студентски стандард

Со последните измени на Законот за студентски стандард кој се изгласа во Собранието се уреди туторството. Секој студент ќе може да биде тутор на ученик во основно или средно училиште, а преку туторството ќе собира поени кои ќе му користат за конкурирање и добивање стипендија. Туторството е реформа која се применува во развиените земји и функционира особено во САД каде тоа и се плаќа. Но во македонскиот закон нема нацрт и спецификации кои би требало да одговорат кој студент ќе може да биде тутор, кој ќе биде задолжен да ги регулира поените собрани од туторство и дали туторството ќе може да се смета како пракса.

Законот за студентски стандард треба да регулира и повеќе области освен туторството - студентски попусти, регулација и практикување на условите за добивање легла во студентски домови и условите во нив, стипендии и бенефиции за студенти, се` со цел да им се олесни животот. Токму затоа, менувањето на членовите 48 и 49 е добар почеток кон подобрување на Законот. Меѓутоа треба да се изменат и другите членови, за да имаме сеопфатен закон кој навистина оди во полза на подобрување на студентскиот стандард.

publika blog

Извор: www.sega.org.mk

Популистички мерки наместо суштински реформи

Во ситуација во која студентските домови се руинирани, нема греење, нема топла вода, ѕидовите се полни со мувла и нема ниту минимум човечки услови за живот, бесплатни сушари и перални и изградба на нови скејт паркови се само популистичка мерка која на владеачките партии треба да им донесе гласови на наредните избори. Иако студентите алармираат за лошите услови во домовите повеќе години, освен реновирање на еден блок од „Гоце Делчев“ нема никаква друга санација на катастрофалната состојба на останатите студентски домови. Тие, иако дом на поголемиот дел од студентите, се запоставени за сметка на козметички реформи, како изградба на базени, фитнес зони и бесплатни патувања.

Наместо да се вложува во образование и исполнување на основните услови и потреби за живот на сите, парите се трошат на проекти кои ќе опфатат неколку стотини млади. За ова алармираат и од Националниот младински совет, кои велат дека државата годишно троши 154 денари за поддршка и обучување на младите, податок кој е сумиран од анализа на објавите на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика.

Понатаму, новиот закон за вработување на стоте најдобри студенти на јавните универзитети во Република Македонија е уште една младинска политика која нема за цел да го реши суштинскиот проблем. Во случајов тоа е младинската невработеност која е на поразително ниво. Според истражувања на Еуростат и Светска банка во Република Македонија, младинската невработеност варира околу 50 насто. Како една од причините за младинската невработеност се наведуваат хиперпродукцијата на кадар со високо образование. Oд една страна постои закон за вработување на 100 студенти, навидум со цел да се намали младинската невработеност, а од друга страна се отвараат два нови универзитети за краток период, „Дамјан Груев“ и „Мајка Тереза’, кои ќе доведат до хиперпродукција на кадар и ќе ја зголемат невработеноста.

Ова укажува дека се прават брзоплети реформи за да се прикријат постојаните проблеми. Овие реформи се измислуваат од ден во ден, нивна реализација скоро и да не постои, а кога постои се менува нешто само краткорочно.

Потребни се плански реформи кои ги задоволуваат основните потреби

Пред да се воведе каква било младинска политика треба да се истражат и анализираат потребите на младите и условите во кои живеат. Апсурдно е да се најавуваат базени и фитнес сали кога младите живеат во мувла и со лебарки. Задоволувањето на базичните студентски потреби е приоритет, после кој треба да се премине на други реформи.

Во креирањето на младинските политики треба директно да се консултираат засегнатите страни, за да се утврдат вистинските потреби и да се креираат политики кои ќе ги задоволат тие потреби. Само на тој начин студентскиот стандард ќе може да се помести од статус кво, односно ќе се промени процентот на младинска невработеност, ќе се задоволат основните младински потреби и ќе се направи подлога за понатамошна работа и подобрување во оваа област.

Сепак, најважно од се` е дека постоење на правна рамка не е единствено решение. Постојат многу законски одредби кои во пракса не се почитуваат и не се реализираат. Потребна е стратегија која на долгорочен план ќе донесе позитивни резултати и за младите и за нивниот стандард.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот

Александра Филипова

Александра Филипова е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Се интересира за областа на граѓански и човекови права, а ужива во организирање на општествено корисни настани. Граѓански активист кој три години активно е вклучен во граѓанскиот сектор. Вработена во Младински образовен форум како локален координатор на медиа-арт клубовите во Скопје.