fbpx

Кои реформи му се неопходни на образованието во наредниот период?

Ненад Новковски

Јавен интерес

Образование

11.07.17

Прегледи

проф. д-р Ненад Новковски

nenad novkovskiВо образованието едновремено беа правени промени во неколку циклуси што се поврзани, пред да се сочека да бидат завршени промените во претходниот циклус на кои би требало да се надоврзе следниот. Како резултат на тоа, образовниот систем наместо да биде еден од најстабилните потсистеми на општеството, стана генератор на големи нестабилности во други општествени сфери.

Специфичната состојба во која се наоѓа македонското образование најизразено се манифестира преку приоритетите во решавањето на горливите прашања при неодамнешната промена на власта. Така, сосема на почетокот на распоредот на собраниските активности на новата власт се најдоа измените на неколку закони за образование. Такви нешта не се вообичаени во еден систем како што е образовниот, каде што поради големата инерција промените се одвиваат многу бавно. Во конкретниов случај, појавата на горлив проблем во ваков систем укажува на тоа дека вообичаените механизми на функционирање во периодот пред тоа откажале и дека биле неопходни интервентни мерки.

И навистина, затекнатата состојба беше резултат на прекршување на повеќе основни принципи на промените во образовниот систем. Дискусијата за ова прашање може да биде многу широка, но овде не е предмет на интерес. Само како пример, не беше почитуван принципот на последователност на промените во различните степени на образованието. Имено, едновремено беа правени промени во неколку циклуси што се поврзани, пред да се сочека да бидат завршени промените во претходниот циклус на кои би требало да се надоврзе следниот. Како резултат на повеќе такви повреди на основните принципи, образовниот систем наместо да биде еден од најстабилните потсистеми на општеството, стана генератор на големи нестабилности во многу други општествени сфери.

Што велат податоците?

Прво што треба да се направи е изработка на продлабочени анализи за различните аспекти на образованието. За тоа постојат многу расположиви податоци на национално ниво, кои, за жал, не се употребени во доволна мера. Посебно треба да се истакне промашувањето направено со екстерното оценување, кога огромниот број на податоци не беше употребен за аналитички цели.

За анализа и споредба помеѓу европските образовни системи, многу е полезна мрежата на податоци Eurydice. Во неа се содржани огромен број релевантни информации.

Тоа што треба да се истакне при анализата на образовните системи е дека се забележува атипична структура на националниот образовен систем во Македонија во основното образование. Првите два степени се разделени на три циклуси, при што вториот циклус е поделен помеѓу два образовни степени на основното образование (ISCED 1 и ISCED 2, одделенска и предметна настава). Таква структура не се забележува кај земјите со слична образовна традиција, како Турција, Бугарија итн., ниту пак кај земји кои обично се спомнуваат како пример за успешни реформи во образванието, како што се Словенија, Финска итн. Во Србија постои особеност од обратниот вид – двата први степени се споени во еден единствен циклус. Во Португалија постојат три циклуси, но првите два како цели се дел од првиот степен (ISCED 1), а во Луксембург првиот степен е поделен на три циклуси.

Оттука произлегува дека како прва мерка што треба да се преземе е да се усогласи структурата по циклуси со структурата по степени, во насока на обезбедување кохерентност со системите на земјите со кои имаме најголема соработка и размена во образованието.

Кое е нивото на нашето високо образование?

Повторно, за да видиме каде се наоѓаме во образовните постигања во високото образование во споредба со земјите од опкружувањето, треба да употребиме релевантни индикатори. Многу често за тоа се користат податоците од Шангајската листа. За нашата цел таа не е соодветна поради тоа што по определени белези е ексклузивна, па не може да се заклучи дали некој од посебните критиериуми не бил задоволен или, пак, се работи за многу пониско рангирање од она што се прикажува во опсегот на листата. Поради тоа, овде ќе биде употребена една друга – „QS World University Rankings“. Оваа листа, заедно со Times Higher Education World University Rankings се сметаат за најрелевантни за рангирањето на универзитетите.

Во Табела 1 е даден преглед на најдобрите универзитети од земји од соседството или со слична образовна традиција.

Табела 1: Рангирање на одбрани земји за споредба на универзитети на светско ниво според QS World University Rankings 
sporedba univerziteti svetsko nivo

Од дадениот преглед се забележува дека сите земји блиски до нашата по образовна традиција, историско минато, образовни и економски врски, споредлив степен на економски развој и други белези, имаат свои претставници на листата на првите илјада универзитети во светот. Од Македонија нема ниту еден, што јасно укажува на суштинско заостанување во однос на земјите слични на нашата на полето на високото образование.

Погоре забележаното потфрлање е недвосмислено поврзано со неинвестирањето во научните истражувања, за што стана збор во претходниот блог. Оттука, како најзначаен чекор што треба да се направи во наредниот период е да се унапреди финансирањето на научните истражувања на високообразовните институции, со ставање тежина на оние со најголем капацитет, како и создавањето на т.н. центри на одличност. Тоа е патот до забрзан развиток и постигнување на високи образовни резултати и животен стандард, по примерот на земјите како Швајцарија, чии два сојузни универзитети се рангирани на местата број 10 и број 12 на наведената листа.

Што не треба да се менува во наредниот период?

Внимателното одбирање на приоритетните правци на дејствување за промени во образовниот систем е поврзано и со прашањето за тоа што не би требало да се менува во наредниот период, за да не се предизвикаат несакани негативни последици, како оние што ги спомнавме на почетокот и коишто бараа интервентни мерки за санирање на состојбите. Такви иницијативи се среќаваат во јавната дебата за прашањата од образовната сфера, иако многу често се далеку од тоа да бидат основани.

Најнапред, би требало да се наведе решението за националната матура, систем кој ги намалува бариерите за влез од средното во високото образование. Тоа е систем што функционира успешно, а е сличен со оној кој претходно функционираше со децении во Македонија. Секако, матурата мора понатаму да се усовршува, посебно со поголемо вклучување на универзитетот во нејзиното подготвување и изведување. Сепак, обидите за суштински промени во овој дел можат да донесат повеќе штета отколку полза.

Вториот потсистем што често е предмет на дебата, е организацијата на терцијарното образование по системот Болоња. Овој потсистем во својата основа функционира успешно и е неопходен услов за тесно поврзување со европските образовни системи на нашиот пат на интегрирање во Европската Унија. Не постојат сериозни причини за отстапување од овој пат. Токму обратното, потребно е во наредниот период да се посвети поголемо внимание на унапредувањето на Европскиот систем за пренос на кредити со обезбедување на дополнителни ресурси неопходни за примена со висока успешност.

Општо земено, во наредниот период најголемо внимание треба да се посвети на отстранување на штетите од несоодветно преземените постапки за промени во образованието (несоодветната поделба на основното образование на три циклуси, санкциите поврзани со екстерното оценување итн.) и детална анализа на релевантните показатели за определување на најдобрите можни правци за понатамошен развиток на образованието. Притоа, мора да се води сметка за тоа дека се работи за комплексен систем со голема инерција, традиција и воспоставени врски со поголем број на други образовни системи. Ограниченоста на ресурсите наложува да се изберат најрационалните патишта во реализацијата на поставените цели и да се привлече меѓународна поддршка со добро осмислени долгорочно дефинирани цели.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ненад Новковски

Д-р Ненад Новковски е редовен професор на Природно-математичкиот факултет и е раководител на постдипломските студии на Институтот за физика. Автор е на научни трудови, објавувал статии во меѓународни списанија со импакт-фактор и раководел со научно-истражувачки проекти. Тој е член на македонското, европското и американското друштво на физичари и соработува со институти за физика во Србија, Бугарија и Швајцарија. Во периодот од 1998 до 2002 година бил министер во Владата на Република Македонија. Раководел и учествувал во изработката и донесувањето на Стратегијата за развој на образованието 2001-2010 и Програмата за технолошки развој 2001-2006.