fbpx

„Трета мајка“ за чествување на Илинден

Тодор Чепреганов

Јавен интерес

24.07.17

Прегледи

проф. д-р Тодор Чепреганов

Todor Cepreganov 200x250Најдобар пример за чествување заеднички празник од минатото меѓу две соседни држави е денот „Д“ на Франција и Германија. Се користи за давање почит кон сите загинати на тој ден, а воедно и како можност за зближување, поврзување, па и за помирување и простување, но не и за заборавање. Каде во заедничкото чествување на Илинден е чинот на извинување на Бугарија за се` што има направено во и на Македонија низ историјата?!

Еве веќе трет пат се заговара заедничко чествување на Илинден со Република Бугарија. И како што вели народната „трета мајка“, па се наметнува прашањето дали овој пат на Заев ќе му се посреќи.

Неодамна, за време на билатералната средба меѓу Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија, двајцата премиери излегоа на прес-конференција да соопштат што е договорено. Македонскиот премиер видно возбуден (веројатно од среќа) изјави дека со Бугарија ќе биде потпишан заеднички договор за добрососедство и дека од официјална Софија ќе „добиеме поддршка како што личи сосед со сосед“, и покрај фактот што тој сосед не ја признава македонската нација, јазик и култура. Посебно истакна дека е договорено договорот да се потпише на ден Илинден кога македонскиот народ го чествува еден од најголемите свои празници – автохтониот, својот македонски Илинден 1903 година. Сигурно дека во тоа треба да има некоја симболика. А каква, може само да погодуваме. Исто така, на прашање на новинар Заев одговори „дека голем дел од историјата е заедничка и дека во македонските учебници ќе биде променето се` она што не е во новиот дух на соработка помеѓу двете држави“. И уште повеќе поради „несоодветна употреба на зборови во учебниците и во одредени други материјали што се официјални државни материјали“. Сето тоа во духот дека „ние сме братски народ, ние сме един и същ народ“. Изгледа како Република Македонија да чекаше на историската сцена да се појави Зоран Заев, па да се решат сите спорни прашања со соседите! Па нели и самиот изјави дека ако имаме проблеми со соседите сигурно дека ние самите сме криви.

Изјавата на Борисов дека „од 1991 година до сега Република Македонија има сопствена историја и таа не е заедничка со Бугарија“ и „ако сакаме да запишеме општа историја влегуваме во нови противречности“, ги покажува „искрените“ намери на бугарскиот премиер. Имено тој кажува дека Македонија како самостојна држава постои од 1991 година?! А ниту збор за тоа која нација живее во таа држава. Ги надмина и своите претходници и историчарите кои барем признаваа македонска држава и нација од 1944 година, како творба на Тито и на Коминтерната. Да не сака Борисов да ни каже дека ние за цело време сме живееле во голема заблуда. Идеологизираниот и политизиран комунистички систем од 1944 до 1991 година тотално не` денационализирал и сме заборавиле кои сме и што сме т.е. сме ги заборавиле бугарските корени. Но и во Бугарија има рационални политичари кои сигурно ја знаат вистината и не можат да ја премолчат. Тоа го направи министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева која во однос на јазикот ќе истакне: „За јазикот не гледам каков е спорот? Така како што е потпишана декларацијата, така е предлогот. Македонскиот јазик е дел од Уставот на Република Македонија. Ние сме ја признале македонската држава, што значи дека го признаваме и нивниот Устав“ и уште повеќе дека „никој не ја одрекува историјата ниту на Бугарија, ниту на Македонија“, но и дека „никој не одрекува дека имаме заедничка историја, кој историчар ќе го одрече тоа“.

Илинден е автохтон македонски празник

Но, да одиме по ред. За заедничко чествување се потребни двајца, кои пред сé, се респектираат и ги почитуваат своите различности. Илинден е исклучиво македонски празник. Кој мисли поинаку се лаже и себе си и другите. Тоа што голем дел од организацијата на востанието одела преку Бугарија не значи дека тоа е бугарско. Истата ја водат, пред се`, македонски револуционери. Македонската револуционерна организација (МРО), како секоја илегална организација, барала помош за реализирање на своите идеи и цели. Во организирањето на востанието го вложила целиот свој физички и материјален потенцијал за тоа да биде што подобро организирано. Од своја страна Бугарија вети „200.000 штикови“ како помош на македонските востаници. Но, тоа не се случи. Востаниците мораа самите да се борат против Османлиите до крајот на ноември 1903 година. Востанието заврши со неуспех, но му покажа на светот за желбата на еден народ да биде свој на своето, со своја држава, нација, јазик и култура. По востанието, во репресиите страдаше македонскиот народ. И сосема е нормално што Илинденското востание живее единствено во колективната меморија на македонскиот народ, бидејќи само тој (македонскиот) народ ја прифати одлуката на Организацијата да се крене, да учествува и да го води и на крајот да ги трпи последиците од востанието. Ниту еден друг народ на Балканот не учествуваше во ова. И во Бугарија, споменот за Илинден во 20-тите години на XX век започнала да го чествува македонската емиграција бидејќи тој живеел во меморијата на Македонците.

Заедничко чествување

За идејата за заеднички учебници просто човек да не знае што да мисли. До сега не е познато две држави да имаат заеднички учебници. Нема два народи со иста колективна меморија, исти сеќавања. Од тие причини идејата е апсурдна. Постојано се споменува заедничкиот пристап на Германија и Франција во правењето на заеднички учебник, но „објавувањето на француско-германската серија на учебници е успех, не толку економски за издавачите или како образовен чин кој ќе го обедини класот, туку тоа е политички чин, кој покажува дека е можно да се надминат бариерите поставени од политиката на државниот образовен систем и неговите барања. Но добра воља е потребна од двете страни“. Треба да се имаат предвид обидите за алтернативни изворници кои во последните десет години се издаваат под покровителство на Европската асоцијација на историчарите Евроклио и Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа. А решението е многу едноставно - нека се донесат како во Втората светска војна професори и учебници од Бугарија и проблемот е решен. Ќе има и „нова историја“ и „враќање на корените“ - сигурно бугарски. Нели сме „същ народ“. А македонската историографија и сé она што е напишано може да оди на гилотиња, македонските историчари во пензија или пак да бидат казнети затоа што одлучиле да се занимаваат со историја.

Во овој контекст спаѓа и барањето за прочистување на учебниците од навредливи зборови, и покрај фактот што тие во годините по осамостојувањето беа прогласени за едни од најдобрите поради фактот што во нив ја има историјата на нејзините соседи и во нив нема говор на омраза. За жал, тоа го нема за Македонија во учебниците на балканските држави. И се поставува прашањето што да менуваме. Дали ќе биде историски оправдано учеството на Бугарите во балканските војни и Првата светска војна да се претстави како борба за ослободување на Македонија!? И дали може Бугарија да се стави на страната на антихитлеровската коалиција кога до 9 септември 1944 година беше на страната на хитлеровската коалиција. А тоа што ѝ се даде можност по септември 1944 година од окупаторска да стане ослободителна војска знаат самите тие како и зошто се случи. Во Струмица веќе е направен и првиот чекор. Сигурно дека зборот „фашистички“ ќе се замени со „ослободители“?! А еве како и во практика во Струмица се прави тоа:

cepreganov blog slika1 cepreganov blog slika2

Многу едноставно. Како во едно минато време кое мислевме дека нема да се повтори. Се поставува прашањето дали со ваквата сервилност Македонците ќе дозволат сопствена тотална историска амнезија и негација дека сето она што го имаме во учебниците е измислица на македонската идеологизирана и политизирана историја, а бугарската е онаа вистинската или, како што вели Божидар Димитров, дежурниот бугарски историчар, со „ова се става крај на македонизмот“.

Почитување и респектирање на различностите

Чествувањето на заеднички празници од минатото меѓу две соседни држави секако е за поздравување и почитување. Најдобар пример како другите држави се однесуваат кон заедничките чествувања е чествувањето на денот „Д“ т.е. истоварувањето на сојузниците во Нормандија. Се користи за давање почит кон сите загинати на тој ден, а воедно и како можност за зближување, за поврзување, па ако сакате и за помирување и простување, но не и заборавање. Без никаква омраза, само како мементо да не се повтори. Каде е овде чинот на извинување на Бугарија за се` она што го има направено во и на Македонија низ историјата?!

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Тодор Чепреганов

Проф. д-р Тодор Чепреганов е доктор на историски науки и истражувач на современата историја, со посебен интерес кон политичката историја и историја на дипломатијата. Ангажиран е во наставата на последипломските студии на Институтот за национална историја и бил раководител и соработник на повеќе од 20 домашни и странски реализирани проекти од историјата на Балканот и Македонија. Има објавено над 36 монографии, зборници на документи и учебници и над 50 статии во домашни и странски списанија.