fbpx

Левица е популистичка партија, и тоа е добро

Иво Босилков

Јавен интерес

30.05.18

Прегледи

м-р Иво Босилков

ivo bosilkov2Левица има цврста, идеолошки мотивирана позиција во врска со името и во услови на сеприсутност на прашањето во јавната сфера деновиве, сосема е легитимно да се обиде да ја наметне во јавниот дискурс.

Меѓу бурните реакции во домашната јавност околу „илинденскиот гамбит“ на Зоран Заев во преговорите за името, како можеби најинтересна се издвојува онаа на Левица. Веднаш по објавувањето на предлогот, президиумот на екстремната левичарска партија најави дека ќе поднесе кривична пријава против премиерот за сторено кривично дело „загрозување на независноста“. Потегот на Левица не е без преседан: партијата и претходно ги ангажираше правните капацитети во своите редови за успешно, пред Уставниот суд, да издејствува намалување на платите на вицепремиерите. Сепак, последната тужба далеку погласно одекна на социјалните мрежи, без сомнение поради веќе исцртаните линии на граѓаните по прашањето за името. Оние кои се против промена се одушевени од Димитар Апасиев и другарите. Оние кои го поддржуваат Заев во напорите да се тргне од маса проблемот ги обвинија левичарите за евтин популизам.

Без сомнение, вториве се во право. Суштински гледано, правното толкување на „загрозувањето на независноста“ е далеку од недвосмислено, дури и ако некако се проголта премисата дека легалистички мерки би можеле да имаат било каква улога во меѓудржавни преговори за политички спор. Лидерите на Левица тоа добро го знаат. Истовремено, за разлика од критичарите, тие се свесни за вистинските причини поради кои нивниот потег е популистички. Не е затоа што партијата се обидува да поентира врз спорот со името, како што обвинуваат аналитичарите со плитки познавања на популизмот. Левица има цврста, идеолошки мотивирана позиција во врска со името и во услови на сеприсутност на прашањето во јавната сфера деновиве, сосема е легитимно да се обиде да ја наметне во јавниот дискурс. Популистичкиот момент се состои во симплификацијата на еден комплексен политички проблем, што е една од најмаркантните карактеристики на популизмот според постоечката литература.

Популизмот како орудие на спротивставени идеологии

Оттаму, станува се` поочигледно дека Левица полека почнува да го инкорпорира популизмот во својот модус операнди. Во држава која повеќе од деценија беше окупирана од популистичка партија, јасна е скептичноста на гласачите кон политички опции кои пројавуваат популистички симптоми. Меѓутоа, ваквата скептичност потекнува од епистемолошко недоразбирање кое го изедначува популизмот со авторитарната, илиберална десница, што е исклучително погрешно. Сам по себе, популизмот не е инхерентен на левата или на десната идеологија, туку ги надополнува од реторички и стратегиски аспект, преку нагласување на моралниот јаз меѓу „ние/добрите“ и „тие/лошите“. Според класичната дихотомија, „ние/добрите“ се народот, а „тие/лошите“ се елитите, и меѓу овие две непријателски категории нема компромис.

Она по што дијаметрално се разликуваат левите и десните популисти се нивните дефиниции околу тоа кој е народот и што е големиот грев на елитите. Во последниот период, десните популисти од типот на Доналд Трамп и Виктор Орбан нижат успеси преку нивната хоризонтална интерпретација на народот како етнички-религиозно чист и спротивставен на космополитските елити кои сакаат да му ја наметнат неприродната либерална визија на мултикултурализмот. Од друга страна, левите популисти како Берни Сандерс или Алексис Ципрас преферираат вертикална компарација: народот се сите оние сиромашни, немоќни и запоставени, без разлика на етничката или верска припадност, кои се жртви на алчноста на недопирливите политичари, канализирана низ нивните неолиберални економски политики.

Заклучокот од сето ова е дека популизмот е само средство, кое како што може да биде употребено за ширење страв, исклучување на различните и инсталирање на автократија, така може и да се употреби во прогресивни цели кои ќе овозможат поширока партиципација во демократскиот процес, со конечен исход вистинска социјална промена. Меѓутоа, ако веќе е евидентен зачетокот на популистичките влијанија во Левица (не само преку тужбите, туку и преку се` поконфронтативниот стил и персонализацијата на лидерот Апасиев), тогаш моменталниот контекст во Македонија на партијата ѝ нуди совршена можност за етаблирање во изборната арена, под услов ригорозно да го примени моделот на популизам на Сириза или шпанскиот Подемос и да го адаптира на домашните услови.

levica e populisticka partija i toa e dobroИзвор: instagram.com

Контекстуални сличности со јужна Европа: криза на претставеноста и корумпирани елити

Совпаѓањата со овие земји се индикативни. Најпрвин, како во Грција или Шпанија, и кај нас во моментов постои длабока криза на претставеноста на граѓаните од страна на политичарите. ВМРО-ДПМНЕ е во нокдаун откако режимот на Никола Груевски беше демонтиран во последните неколку години и партијата се` уште го бара сопствениот кредибилитет и идентитет. СДСМ, пак, за година дена владеење успеа да разочара огромен дел од оние кои ја донесоа на власт преку Шарената револуција. Безидејност, сервилност и сомнителни политички дилови засега се главните одлики на владеењето на социјалдемократите, кои не донесоа вистинска квалитативна промена во начинот на управување со државата од нивните претходници. Исто како во Грција и Шпанија, двопартискиот естаблишмент во Македонија се претвори во извор на цинизам и антиполитички сентимент.

Во овој контекст, дискурсивното освојување на две теми е клучно за лансирањето на популистичка Левица. Најпрвин, прашањето за името е во сржта на проблемот со непретставеноста. Според анкетите, мнозинството граѓани е против промена на името, во контраст со двопартиската елита. Преку промоција на принципот на самоопределување, левичарите имаат на располагање аргумент за обединување на етнички хетерогеното мнозинство под претекстот на граѓански патриотизам кон македонската држава (не нација). Дистинкцијата меѓу „за промена на името“ на елитите и „против“ на народот е аналогна на онаа која ја воспостави Сириза преку поделбата меѓу елитите кои беа за меморандумот за штедење и народот кој беше против. Најпосле, ветувањето за враќање на сувереноста на граѓаните преку отпор кон притисокот од моќните западни патрони е дел од формулата која ја направи Сириза политички конкурентна и која Левица треба да ја копира.

Втората тема е корупцијата, чии застрашувачки димензии беа и главниот мотив за Шарената револуција. Во ова прашање лежи и решението за најголемиот проблем пред кој е исправена Левица: како да се надмине етничката бариера меѓу Македонците и Албанците? Револтот кон редовните прекршувања на законите од страна на функционерите од партиите од двата етнички блока е единственото нешто што ги обединува двете заедници. Фактот што Левица го претставува единствениот сегмент од Шарената коалиција кој остана надвор од институциите е предност, затоа што етничката разноликост, како главен симбол на шарените, сега има потенцијал да прерасне во база на поддршката за оние кои не ги предадоа идеалите за борба против злоупотребата на привилегиите. Впрочем, како што покажува примерот со Сириза, инклузивноста не е воопшто некомпатибилна со популизмот.

Популизам во интерес на демократијата

Монополизирањето на овие две прашања би можело да доведе до окрупнување на сега маргиналната левичарска опција, кое би резултирало со намалување на апатијата и зголемување на плурализмот на политичката сцена, што без сомнение е здраво за македонската демократија. Сепак, не само домашната политичка констелација, туку и самото себедефинирање на Левица е предизвик за ваквата амбиција. Инсистирањето на идеолошка ригидност и симпатиите кон истрошената комунистичка традиција (како реторика така и иконографија) се хендикеп, кој Подемос веднаш го сфати и експресно го елиминираше. Наместо ова, Левица акцентот би требало да го стави  на современи наративи, како eвропеизам, заштита на животната средина, феминизам и слично. Меѓутоа, популизмот е добар почеток кој навестува дека екстремната левица во Македонија сепак има стратегија како да се трансформира во сериозен политички субјект. Секој оној кому му е мила демократијата треба да биде задоволен од ваквиот развој.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иво Босилков

Иво Босилков е доктор по политички науки од Универзитетот во Милано, со специјализација во областа на медиумски ефекти врз јавното мислење. Магистрирал во областа на политичката комуникација на Универзитетот во Амстердам, како дел од програмата Еразмус Мундус за новинарство, медиуми и глобализација. Работи како истражувач во Центарот за југоисточно европски студии во Грац и има објавено трудови во неколку меѓународни научни списанија.