fbpx

Кризата на претставеност носи закана од екстремна десница, но и можност за ново прогресивно движење

Иво Босилков

Политика

20.03.19

Прегледи

м-р Иво Босилков

ivo bosilkov2Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

Во секоја криза постои можност, своевремено изјавил големиот Алберт Ајнштајн. Каква ќе биде таа можност зависи од природата на кризата. Последната криза која ја има погодено Македонија се уште трае, иако многумина помислија дека со падот на Никола Груевски таа ќе заврши. Какви импликации може да има оваа криза по политичката сцена во државава? Според искуствата на други држави кои биле во кризна ситуација со речиси идентични карактеристики, сосема е можно крчкање на нашата партиска сцена, по кое нови движења и организации ќе станат доволно силни да го урнат монополот на етаблираните партии.

Подем на екстремната десница како резултат на кризата на претставеност

Македонската криза е криза на претставеност. Таквата криза обично наоѓа корен во економското запустување, но тоа е само почетен услов. Вистинската драма настанува кога незадоволството од тоа како државата се справува со економските неприлики му дава на проблемот политичко-идеолошка димензија. Кога мнозинството од граѓаните ја перцепираат државата како неспособна да ги амортизира ефектите на кризата и да ги исполни обврските од социјалниот договор (кој е всушност основната причина за нејзиното постоење), тогаш не само големите партии, туку и целиот систем го губи својот легитимитет.

Резултат на ваквата динамика е губење на довербата во општествените актери и последователен колапс на партискиот еквилибриум. Според организации како Светска Банка и Транспарентност, нивото на кризата на претставеност се мери индиректно преку четири индикатори: доверба во институциите, согласност со генералната политика на власта, перцепција на владеење на правото и злоупотреба на моќта, и нивото на клиентелизам. Ако отсуството на одобрување на потезите поврзани со промената на името не беше доволно, тогаш по последните скандали за непотистички вработувања во државно-јавни претпријатија (како практика која СДСМ ја наследи од ВМРО-ДПМНЕ), се чини дека веќе е прелиена чашата на јавното мислење, и време е да си признаеме дека кризата на претставеност е во својот зенит.

Политиколозите Дафне Халикиопулу и Софија Василопулу предупредуваат дека во ваква ситуација постои голема можност за консолидирање на екстремната десница. Во овој контекст, исклучително битно е да се направи разлика меѓу екстремни и радикални десничарски партии. За разлика од радикалните партии, кои отфрлаат било каква асоцијација со фашизам и расизам, и главно користат популистичка реторика околу културната хомогеност на нацијата, екстремната десница може да се дефинира како антитеза на демократските принципи. Таа негува фашистички идеали како тоталитарност, насилство и етничко чистење. Ваков пример видовме во Грција, каде по длабоката економска криза која ги разниша столбовите на општеството, кризата на претставеност доведе до широка поддршка за една де факто фашистичка Златна Зора; партија посветена на целосна трансформација на режимот во таков кој ќе ја институционализира расната супериорност на Грците над сите останати.

Левата популистичка мобилизација на чувството на неправда

И за најреномираните аналитичари психолошките елементи на подемот на Златна Зора во овие услови остануваат мистерија. Некои теоретичари тврдат дека менталитетот на опсада во ситуација “сами против сите” околу политиката на штедење доведе до ваков развој на настаните. Ако се направи паралела со ситуацијата кај нас, принудната и понижувачка промена на името создава терен за сличен исход, особено во комбинација со горенаведените индикатори на кризата на претставеност. Зачетоци на ваквите тенденции веќе гледаме во ликовите на секакви тврдокорни маргиналци од типот на Јанко Бачев или Филип Петровски. Меѓутоа, од грешките на другите се учи, а историјата не е линеарен процес, па доброто е што и ваквите катастрофи можат да се избегнат. Најдобар пример за тоа е токму самата Грција, каде и покрај напредувањето Златна Зора вистинскиот удар на диносаурусите од двопартискиот систем (таканаречената “пасокизација”) им го нанесе популистичката левица Сириза.

Извор: narodenglas.com

Настрана фактот што во последниве години партијата на Алексис Ципрас беше “припитомена”, поентата е дека можноста која произлегува од кризата има потенцијал и да биде позитивно искористена преку оформување на нови левичарски движења. Структурата и карактерот на Сириза во нејзините зачетоци го откриваат рецептот за победа над естаблишментот: широка прогресивна коалиција чиј хетероген состав варира од поединци со тврда идеолошка позадина, до припадници на граѓанското општество, сите обединети во аверзијата кон корумпираните властодршци кои му ја украдоа државата на чесниот народ.

Ова е суштината на популистичките движења со левичарски предзнак, за чии активности репер не е само Сириза, туку уште повеќе шпанскиот Подемос на чело со Пабло Иглесијас. Нивната цел е да го мобилизираат чувството на неправда, создавајќи моментум базиран на убеденоста дека оние со политичка моќ намерно потфрлаат во службата кон граѓаните кои треба да ги претставуваат. Различните видови на незадоволство - од партиските вработувања, преку нефункционалноста на здравството и очајното справување со загадувањето, до немањето слух за резултатите од референдумот за името - меѓусебно се поврзуваат, со краен исход кристализација на еден нов идентитет како противтежа на сето она што го претставуваат истрошените партиски елити.

Како да се изгради широка прогресивна коалиција?

Јасно е дека Шарената револуција и нејзиниот епилог потроши голем дел од енергијата за политички активизам и борба за социјална и секаква друга правда. Меѓутоа, во Македонија се уште постои автентичен нуклеус на ветерани од Шарената револуција, чие киднапирање од елитните центри на моќ не успеа да ги урне нејзините идеали. Ако цели кон пораст на сопствениот кредибилитет, овој нуклеус мора јасно да го разграничи принципиелното спротивставување на ерозијата на општограѓанскиот суверенитет од национализмот и шовинизмот. Тоа би му овозможило да ги апсорбира потребните елементи од граѓанското општество кои ќе го претворат од тесен круг на донкихотовци во вистинска популистичка прогресивна коалиција. Само таква коалиција, која ќе ги тргне настрана егото и суетата, може да го обнови згаснатиот ентузијазам за промена, преку јасно артикулирање на барања за рехабилитација на животната средина, образованието и здравството - прашања кои можат да коегзистираат со отпорот кон одозгора наметнатите решенија за името, но не смеат никако да му бидат подредени.

Клучен предуслов за лансирање на ова популистичко движење е сопствена визуелна медиумска платформа (а не само текстуални постови на социјалните мрежи), на која агендата ќе ја поставува самата таа прогресивна коалиција, наместо да биде дефинирана од наративите на медиумите контролирани од едната или другата естаблишментска опција. Според Иглесијас, овој потег, олицетворен во дебатното шоу “Ла Турка” во кое самиот тој беше водител, е пресуден во изборниот пробив на Подемос. Ако македонското општество не успее да изгради вакво движење, апатијата која овозможува непречени хирови на владејачката каста ќе биде можеби и најдоброто сценарио, затоа што алтернативата е непретставениот простор да и биде оставен на екстремната десница, каде таа ќе ги регрутира разочараните граѓани преку емотивна манипулација за празни симболични теми. Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иво Босилков

Иво Босилков е доктор по политички науки од Универзитетот во Милано, со специјализација во областа на медиумски ефекти врз јавното мислење. Магистрирал во областа на политичката комуникација на Универзитетот во Амстердам, како дел од програмата Еразмус Мундус за новинарство, медиуми и глобализација. Работи како истражувач во Центарот за југоисточно европски студии во Грац и има објавено трудови во неколку меѓународни научни списанија.