fbpx

Глобален натпревар на таленти

Ејаз Гани

Економија

26.07.19

Прегледи

Ејаз Гани (Ejaz Ghani)

ejaz syed ghani 1345Речиси 75 отсто од сите висококвалификувани мигранти живеат во САД, Велика Британија, Канада и Австралија. Некои од најпознатите играчи на глобалната економија, вклучувајќи ги Гугл, Мајкрософт, Алкоа, Клорокс, Кока-Кола, Мекдоналдс, Пепси и Пфајзер, имаат извршни директори кои се имигранти.

Повеќе од 3 проценти од сите луѓе во светот живеат надвор од земјата во која се родени. Сепак, и покрај тоа што учеството на мигранти во светската популација е претежно стабилно веќе шест децении, составот е променет. Уделот на висококвалификувани мигранти во однос на мигрантите со ниски квалификации драстично порасна, поради тоа што потрагата, односно побарувачката за талентирани луѓе стана глобална. И овој развој има јасна географска димензија. Речиси 75 отсто од сите висококвалификувани мигранти живеат во САД, Велика Британија, Канада и Австралија. Над 70 насто од софтверските инженери во Силициумската долина се родени во странство. Но, денешните лидери во иднина може да ја изгубат водечката позиција.

Многу фактори се причини за промената во составот на миграциските текови, вклучувајќи ја и Четвртата индустриска револуција, намалувањето на трошоците за транспорт и комуникација (висококвалификуваните мигранти имаат тенденција да патуваат подалеку за да стигнат до земјата што е нивна дестинација отколку помалку квалификуваните мигранти) и ограничени образовни можности во изворните земји. Главната причина, сепак, е сé поголемото сфаќање и согледување дека човечкиот капитал игра клучна улога во денешната економија на знаење.

Низ светот се води „војна за таленти“, а компаниите кои умешно управуваат со глобалниот талент што им е на располагање брзо се движат напред. Повеќето мултинационални корпорации сега тврдат дека директорите односно лицата на високи извршни позиции кои имаат голем потенцијал, стекнуваат глобално искуство со работата во други земји, и за овие компании меѓународната мобилност веќе е предуслов за високи лидерски позиции. Некои од најпознатите играчи на глобалната економија, вклучувајќи ги Гугл, Мајкрософт, Алкоа, Клорокс, Кока-Кола, Мекдоналдс, Пепси и Пфајзер, имаат извршни директори кои се имигранти.

Но, демографијата, исто така, игра клучна улога во глобалните миграциски трендови. Додека поголемиот дел од развиениот свет старее, многу земји во развој имаат сè поголем број млади луѓе како дел од вкупниот состав на населението. Во Индија има четири 20-годишни лица за секој 65-годишен човек. Во Западна Европа, тој сооднос е еден на еден. Во исто време, просечната заработка во земјите со високи примања е 70 пати повисока отколку во земјите со ниски приходи. Земени заедно, овие разлики во демографијата и платите станаа силен мотив за миграција.

Иако глобалната трка за таленти првично ги натера развиените земји да создадат специјални визи за да привлечат висококвалификувани професионалци, политичкиот став кон мигрантите во тие земји оттогаш стана негативен. Миграцијата се смета за закана за домашните работници во земјите домаќини, иако доказите од досегашното искуство покажуваат дека нејзиниот ефект на работната сила е многу мал. Во Силициумската долина, на пример, имиграцијата не предизвика намалување на платите или опаѓање на надоместоците во корелација со квалификациите.

Негативниот ефект предизвикан од мигрантите врз јавните финансии на земјата-домаќин е исто така многу ограничен. Мигрантите првично може да наметнат нето трошоци за земјата во која се преселиле, но тие се мали и пократкотрајни од трошоците за школување новороденче родено во таа земја. Уште поважно, високообразованите имигранти всушност даваат позитивен придонес кон јавните финансии во развиените земји, бидејќи овие работници плаќаат повеќе во даноци отколку што користат јавни добра и услуги.

Глобалната мобилност на талентираните луѓе е исто така корисна за земјите од кои тие потекнуваат, бидејќи им помага да се интегрираат на светските пазари. Со ова се надоместуваат некои недостатоци со кои фирмите во земјите во развој се соочуваат како резултат на пониски јавни инвестиции, несоодветна обука и опрема и ограничени финансиски ресурси за купување на технолошки лиценци или интелектуална сопственост. Во секој случај, емиграцијата не е оптимален долгорочен метод за подобрување на продуктивноста во економијата на знаење, но тоа ја забрзува технолошката дифузија на краток рок.

Друга моќна сила за глобална економска интеграција и размена е Интернетот, што некои го сметаат за замена за глобалната мобилност. Но, и покрај тоа што интернетот нуди можност за вршење некои услуги односно работни задачи на далечина, тоа не ги заменува мрежите на дијаспората. Иако информатичката и комуникациската технологија ја намали важноста на традиционалните дијаспорни врски, овие врски истовремено претставуваат и дополнение на ИКТ иновациите. На пример, размената на знаење и технологија преку врските на Индија со нејзината дијаспора, ѝ дозволи на таа земја многу брз напредок споредено со традиционалните фази на развој.

Гледајќи го сето ова, светот има огромна корист од зголемената глобална трговија и мобилност на капиталот. Сега е време да ги искористиме придобивките од мобилноста на талентите. За разлика од трговијата и финансиите / капиталот, миграцијата и натаму е предмет на силни ограничувања, иако економскиот раст во голема мера зависи од достапноста на можностите за вработување и повисокиот принос на трудот, што за возврат бара мобилност на глобално и на национално ниво.

Креаторите на политики имаат многу алатки за подобрување на глобалната мобилност на таленти. Повеќестраната природа на ова прашање бара повеќе партнерства меѓу јавниот и приватниот сектор. Фирмите и универзитетите се првите учесници во глобалната трка за таленти, но организациите со глобално управување, мултилатералните развојни банки и групите од граѓанското општество, исто така, имаат клучни улоги во играта. Истото важи и за технологијата, која сега овозможува виртуелна мобилност на талентите преку видеоконференции, дигитални платформи, онлајн размена на работна сила и други апликации.

Глобалната трка за таленти ќе продолжи да се забрзува додека земјите и бизнисите се натпреваруваат за најдобрите и најпаметните луѓе. Земјите кои не се членки на ОЕЦД и се со средно ниво на приход, особено Кина и Индија, стануваат сè поважна дестинација за висококвалификувана работна сила. Како што овие земји ќе растат, глобалната економска моќ на напредните економии ќе продолжи да се намалува. Трката е во тек.

Ејаз Гани е одговорно лице во областа на економија во Светската банка.

Copyright: Project Syndicate, 2018.