fbpx

Падот на СЈО – од трансформација до ликвидација

Гордан Калајџиев

Политика

04.11.19

Прегледи

Гордан Калајџиев

Gordan Kalajdziev 200x250Иако на прв поглед решенијата од законот изгледаат како некоја фузија (соединување) на двете обвинителства, се работи практично на затворање на СЈО, своевиден стечај, и преземање на неговите кадровски и технички капацитети од страна на новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беше востановено со посебен закон, со цел да ги истражи и процесира злоупотребите на власта откриени со незаконито прислушкуваните разговори. Ова специјално обвинителство стана главна надеж за борба со организираниот криминал и високата корупција на политичката елита. За оваа цел ова тело се здоби со голема автономија, финансиска и оперативна, но и со голема поддршка на меѓународната заедница.

И покрај сериозните приговори кон неговата работа, неспорно преовладуваше мислењето дека оваа нова институција треба да се поддржи, па оттука идејата на Стратегијата за реформа на правосудниот систем и сите јавно изложени заложби беше да продолжи функционирањето на СЈО, со цел да прерасне во трајна институција која ќе биде сериозна алатка во борбата со високата корупција. Оваа трансформација требаше да се изведе со носење измени во Законот за јавното овинителство (ЗЈО), чие донесување се искомпликува по „заслуга“ на политичките партии. На крајот, за некое чудо, судбината на СЈО доживеа своевиден дебакл, делумно по заслуга на самата обвинителка Катица Јанева, но и со амин на најважните политички чинители на домашната и меѓународната сцена.

Иако, правно гледано, најчисто решение беше СЈО да си го заврши прво мандатот согласно Законот за СЈО (ЗСЈО), неколку причини доведоа до тоа трансформацијата на СЈО од целосно самостојна институција во релативно автономен дел на редовното обвинителство да се изведе пред истекот на мандатот на СЈО. Имено, токму реизборот на Катица беше една битна причина за предвремената трансформација, со обид нејзиниот мандат да се продолжи без реизбор, по сила на закон. Другите две причини беа проблемот на уставноста на самото СЈО и главниот од сите проблеми - контроверзниот рок за подигање обвиненија од чл. 22 од ЗСЈО.

Варијантите за трансформација на СЈО

Постојат повеќе верзии на ЗЈО со кои се предвидува трансформација на СЈО, а кои нудат различни модели за новата поставеност, како и куп алтернативи или подваријанти. Ние ќе се задржиме на најрелевантните. Според првата варијанта предвидена со Стратегијата и развиена во нацртот на работната група на академик Владо Камбовски, СЈО требаше да се инкорпорира во ЈО на сличен начин како постојното обвинителство за организиран криминал со кое практично дели надлежност. Овој предлог би го отстранил трајно проблемот на уставноста, би отворил мала врата за можно преземање на незавршните истраги од други основни обвинителства, и би создал нешто поповолна клима за продолжување на функционирањето на СЈО.

Padot na SJO od transformacija do likvidacijaИзвор: prizma.mk

Министерството за правда најпрво излезе со варијанта на овој текст, која непотребно ја обремени со две контроверзни прашања на кои местото воопшто не им е во овој закон: (1) обидот со ЗЈО да се наметне решение за судбината на истрагите поведени по истекот на рокот од 18 месеци од чл. 22 од ЗСЈО и (2) одново проблематизирање на законитоста на користењето на прислушуваните разговори, а сосема неочекувано, во јавна расправа беше пуштен и споменатиот текст на законот подготвен од самото СЈО.

Надлежностите на СЈО и оние на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈООКК) според предлогот на Министерството за правда преминуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а започнатите постапки продолжува да ги води Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција во фазата во која се преземени.

Иако на прв поглед ова изгледа како некоја фузија (соединување) на двете обвинителства, се работи практично на затворање на СЈО, своевиден стечај, и преземање на неговите кадровски и технички капацитети од страна на ОЈООКК. Формулацијата дека „започнатите постапки продолжува да ги води Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција во фазата во која се преземение помека од претходното решение на Министерството за правда што изречно предвидува истрагите да продолжат.

Мислењето на Врховниот суд е исправно

Обидот прашањето со рокот за истрагите односно обвиненијата да се „реши“ со ЗЈО е правно погрешен, прво затоа што ова е прашање на кривичната постапка односно на ЗКП, а второ затоа што прашање кое е отворено и актуелно не може да се реши post festum со еден подоцнежен датум. Односно ако рокот еднаш истекол и истрагите станале незаконити т.е. требало да се запрат во интерес на осомничените, тие не може да продолжат, како ништо да не било, врз основа на некој подоцнежен закон! Затоа, најдобро е ова прашање да се остави да го реши судската практика. На крајот, но не и најмалку важно, ние сме убедени дека мислењето на Врховниот суд е исправно, затоа што одредби кои според нас јасно се предвидени во корист на осомничените не може да се пренебрегнат со криминално политички аргументи дека „сите осомничени мора да одговараат“.

Инаку, по пропаста на СЈО и со преземањето на предметите од редовното обвинителство речиси сите оние кои не се согласуваа со мислењето на Врховниот суд (министерката за Правда, Рената Десковска, Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев и др.) застанаа на став дека проблемот на рокот од чл. 22 од Законот за СЈО повеќе не е актуелен, па со тоа ни мислењето на Врховниот суд. Убедени сме дека ова сфаќање е погрешно, затоа што специјалниот закон уредува и процесни прашања, од кои некои се во полза на осомничените. Би било нефер и незаконито кога овие привилегии за обвинетите би биле прескокнати со самото тоа што предметите сега ги води друго (редовно) обвинителство. Во оваа насока Врховниот суд неодамна достави и службен допис до Кривичниот суд во Скопје.

Законитоста на доказите од „бомбите“ е веќе апсолвирана. Според практиката на Апелацискиот суд во Скопје тие се допуштаат затоа што не се незаконски прибавени од органите на прогонот туку од трети лица, што е согласно со ставовите на академската фела и на странската, пред сė, американската литература. Поинаку ќе беше можеби ако се застанеше на стојалиштето дека основ за користењето на ваквите докази е самиот Закон за СЈО, но дури и во овој случај, како што веќе споменавме, Законот за СЈО е се уште на сила и важи за овие предмети.

Како СЈО згасна преку ноќ

Улогата на СЈО во враќањето на вербата во правната држава до неодамна беше неспорна, иако за конечна оценка на неговата работа е рано да се зборува. Не е спорно и тоа дека на нашево општество сė уште му е потребно едно независно обвинителство кое ќе биде доволно самостојно и силно да се бори со криминалот и корупцијата на политичката елита. Згора на ова, речиси сите (академската фела, обвинителите, меѓународната заедница и граѓанските организации) се согласуваа дека капацитетите кои ги разви оваа нова институција треба и натаму да се користат, а не да се растурат.

Силувајќи го решението истрагите поведени по истекот на рокот од чл. 22 на ЗСЈО да продолжат по сила на закон (ЗЈО), Министерството за правда (СДСМ) непотребно жртвуваше неколку битни работи: 1. СЈО како идеја за траен инструмент во борбата со политичката елита и како симбол за владеење на правото; 2. непречено завршување на главните постапки за кои СЈО беше основано; 3. недонесување на ЗЈО како важно барање за европските интеграции, со катастрофални последици! Министерството за правда со ова направи сериозни проблеми таму каде што ги немаше, а требаше само во собраниска процедура да го пушти текстот на експертската група на професорот Камбовски од крајот на минатата година.

За жал, никој не даде одговор како тоа преку ноќ е донесена одлука дијаметрално спротивна од онаа за која постоеше силен консензус, СЈО да прерасне во трајна институција. Никој (ниту премиерот, ниту Владата, ниту републичкиот обвинител Љубомир Јовевски, ниту самата Катица Јанева) нема овластување да го згасне СЈО, затоа што законот е донесен со консензус на сите политички партии со огромно мнозинство во парламентот, и со силна поддршка на домашната и меѓународната јавност. Никој не даде одговор ниту за тоа зошто не е избран нов специјален обвинител иако Законот за СЈО е на сила, ниту за ова воопшто е поведена некаква постапка.

Ни треба промена на изборот на државниот обвинител

Ако, пак, од сево ова се извлече некаква поука, некоја следна влада треба да се зафати со вистинска а не козметичка реформа на јавното обвинителство, со зајакнување на неговата независност во смисла на негово натамошно дистанцирање од извршната власт и од полицијата. Две задачи се чинат клучни за овие цели: 1) промена на изборот на државниот обвинител и 2) формирање на истражните центри на ЈО за ова да не биде зависно од полицијата/МВР. Специјалното обвинителство, пак, би требало да биде организирано како мал но силен и компактен тим во рамките на Обвинителството за организиран криминал, со сопствен истражен тим и голема оперативна и финансиска автономија. Инаку никогаш нема да имаме правна држава.

Од друга страна, трансферот на предметите за кои државниот обвинител Јовески со месеци тврдеше дека е проблематичен одеднаш стана прифатливо решение кога дојде „нож до коска“ со истекот на мандатот на Јанева и нејзиното апсење. За волја на вистината, ЗСЈО не предвидува можност за целосно предавање на предметите на СЈО на редовното обвинителство. Ова произлегува од духот на законот и од посебната одредба од чл. 5 каде е предвидена можноста определена истрага/постапка по барање на редовното обвинителство СЈО да ја отстапи доколку за тоа има некоја посебна причина. Дополнително е спорно дали Јанева имала овластување тоа да го стори од притвор, како и тоа дали нејзиното писмо (полномошно) е воопшто веродостојно со оглед на некои сомневања во јавноста дека тоа не е во целост напишано лично од Катица Јанева.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Гордан Калајџиев

Гордан Калајџиев е редовен професор по кривична постапка, малолетничка правда, компаративно казнено право, меѓународно кривично право, философија на правото и меѓународно право за човекови права на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, а исто така предава на Полициската академија во Скопје и на Академијата за судии и обвинители во Скопје. Тој е автор и на повеќе од 200 објавени трудови и статии за прашања од кривичното право и постапка, полициски овластувања и човекови права. Во моментов, тој е претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.