fbpx

Опциите на Британија по Брегзит

Нгер Вудс (Ngaire Woods)

Политика

08.11.19

Прегледи

Нгер Вудс (Ngaire Woods)

Ngaire Woods 200x250Под претпоставка дека Обединетото Кралство на крајот ќе ја напушти Европската унија, нејзината следна влада ќе треба да преговара за нови односи со остатокот од светот. Тоа значи дека ќе треба да се направат тешки избори, а еден од нив е дали Обединетото Кралство треба да ги усогласи своите регулативи во клучните економски сектори со оние на ЕУ или на САД.

Навистина многу време, напор и фрустрација беа вклучени во преговарите за условите за излез на Обединетото Кралство од Европската унија. И со закажаните клучни парламентарни избори на 12 декември во Обединетото Кралство, сè уште не е јасно дали, кога и како ќе се случи Брегзит.

Но, под претпоставка дека Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ, нејзината следна влада ќе треба да го започне долгиот и тежок процес на преговори за нови односи со остатокот од светот. Тоа значи дека ќе треба да се направат тешки избори, еден од најтешките е дали Обединетото Кралство треба да ги усогласи своите регулативи во клучните економски сектори со оние на ЕУ или на САД. Во која насока ќе тргне Обединетото Кралство?

Премиерот Борис Џонсон сака по Брегзит Обединетото Кралство да постигне договор за трговија и инвестиции со САД. Америка е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство како поединечна земја и нејзиниот најголем извор (и дестинација) на директни странски инвестиции.

Меѓутоа, во потрага по ваков договор, Обединетото Кралство ќе треба да одлучи колку е подготвено да ги усогласи своите регулаторни режими со оние на САД (како што сакаат американските фирми и инвеститори). Поблиското усогласување со САД би создало нови бариери за трговија со ЕУ, што е многу поголем пазар за извоз на Обединетото Кралство. Покрај тоа, изгледите за усвојување на американски стандарди, на пример на цените на лекови, животната средина, стандардите на храна и добросостојбата на животните, веќе создава реакција на јавноста во Обединетото Кралство.

Додека Обединетото Кралство се подготвува за животот по Брегзит, регулаторни тензии со САД и ЕУ би можеле да се појават во два други важни сектори.

Првиот е банкарство и финансии. Во 2018 година, секторот за финансиски услуги на Обединетото Кралство учествуваше со 132 милијарди фунти (170 милијарди американски долари) во економијата, или 6,9% од вкупното производство, обезбеди 1,1 милиони работни места (3,1% од вкупниот број), и плати данок од околу 29 милијарди фунти (во даночна година 2017-18 во Обединетото Кралство). Секторот, исто така, оствари извоз во вредност од 60 милијарди фунти во 2017 година (додека увозот беше 15 милијарди фунти).

Меѓутоа, секторот за финансиски услуги наметнува огромни ризици доколку не е соодветно регулиран. Финансиската криза во 2007-2008 година го намали националното производство на Обединетото Кралство за 7%, избриша еден милион работни места, предизвика платите да паднат за 5% под нивото од 2007 година и доведе до застој на банкарските заеми. Сите делови на Обединетото Кралство (и поголемиот дел од светот) ги почувствуваа катастрофалните последици.

По кризата, независна комисија јасно ја презентираше потребата за регулаторна реформа за заштита на британската јавност (и јавните финансии) од несовесно издавање банкарски заеми. Креаторите на политики во ЕУ и САД исто така ја прифатија потребата за сеопфатно регулирање.

Меѓутоа, Америка и Европа денес применуваат спротивни приоди. Регулаторите на ЕУ продолжуваат да ги зајакнуваат правилата за претпазливост и барања за минимален капитал (особено за многу големи банки) и го прошируваат опфатот на регулативите за покривање на секое средство и професија во индустријата на финансиски услуги.

Спротивно на тоа, САД ја сменија насоката под претседателството на Доналд Трамп, чија администрација се посвети на отстранување на основните елементи на прописите што се спроведуваа по финансиската криза. Агендата на владата на САД сега вклучува намалување на барањата за минимален капитал, намалување на стрес-тестирањето и „биолошките тестаменти“ за банките и овозможување на повеќе комерцијално тргување и справување со нерегулирани деривативи. Исто така, има намера да ги намали заштитите за потрошувачите и за инвеститорите, намалувајќи ги правилата за претпазливост на системски значајните банки, поткопувајќи ја регулативата за небанкарски институции и банкарскиот систем во сенка, намалувајќи го финансирањето за истражување и следење на финансиската индустрија и заземајќи пристап на немешање во спроведувањето на законите за хартии од вредност.

Некои инвеститори ќе имаат голема корист од финансиската дерегулација во стилот на САД во Обединетото Кралство и ќе продолжат да вршат притисок за таа опција. Но, нивната потрага по профит над системската безбедност би ги загрозила тешко добиените регулаторни мерки кои моментно ја штитат британската јавност од повторување на кризата од 2007-08 година. Исто така, тоа ќе наштети на позицијата на градот Лондон како средиште на европските финансии.

До денес, Обединетото Кралство презеде робустен пристап кон финансиското регулирање и спроведе мерки што ги надминуваат оние воведени од регулаторите на ЕУ. Дел од мерките е нов режим насочен кон одговорност на банкарите на повисоки позиции за нивните одлуки и поставување заштита на работата на големите банки со физички лица за да се заштитат депозитите на клиентите од можни удари врз поширокиот финансиски систем. И затоа што јавноста во Обединетото Кралство широко ги поддржува овие мерки, владата која ќе биде на чело по Брегзит веројатно нема да сака веднаш да ги ослабне.

Вториот предизвик за Обединетото Кралство по Брегзит ќе биде справување со големите американски технолошки компании. Годинава, извештајот на парламентот на Обединетото Кралство откри дека Фејсбук „намерно и свесно ги прекршувал законите за приватност на податоците и антимонополските закони.“ Сепак, големината и глобалниот досег на големите технолошки фирми им отежнуваат на сите влади, освен владата на САД, да ги регулира или да влијае врз нив.

Наместо тоа, ЕУ беше предводник во обезбедување на правата на граѓаните за приватност на податоците, преку својата Општа регулатива за заштита на податоците (GDPR). Покрај тоа, Европската комисија усвои став што силно се залага за заштита на конкуренцијата и ограничување на доминацијата на пазарот на дигиталните гиганти. Во март, Комисијата изрече парична казна за Гугл од 1,5 милијарди евра (1,7 милијарди американски долари) за блокирање на ривалите на пазарот на онлајн рекламирање, што е трет пат како ја казнува компанијата за кршење на антимонополските правила.

Американската влада, сепак, силно го поддржува слободното движење на податоците (што го сакаат големите американски технолошки компании), додека Трамп претходно упати брза критика до Комисијата за изрекување на казна за Гугл.

Обединетото Кралство многу се потпира на големите глобални технолошки фирми, а сите тие се американски или кинески и затоа мора да се обиде да ги регулира. Откако ќе ја напушти ЕУ, ќе се соочи со избор помеѓу попуштање под американскиот притисок или изнаоѓање начин да ја преслика регулативата на ЕУ (вклучително и GDPR и Рамковниот штит на приватноста на ЕУ и САД).

Оние што го поддржуваат Брегзит тврдат дека Обединетото Кралство може да создаде своја „глобална стратегија“ и да постапува „по видување на Британија“ откако ќе ја напушти ЕУ. Во 2016 година, на пример, тогашната премиерка Тереза ​​Меј рече дека по Брегзит, Обединетото Кралство ќе се потпира на своите „стабилни сојузници“ за да воспостави алтернатива на системот за сателитска навигација Галилео на ЕУ.

Сепак, три години подоцна, додека Трамп е во Белата куќа, а Обединетото Кралство во многу послаба позиција за преговарање со ЕУ, не е јасно кои се овие стабилни сојузници. А уште потешки избори ја чекаат владата која биде изгласана на 12 декември.

Нгер Вудс е декан на Школата за принципите на власта „Блаватник“ на Универзитетот во Оксфорд.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Нгер Вудс (Ngaire Woods)

Нгер Вудс е декан на Школата за принципите на власта „Блаватник“ на Универзитетот во Оксфорд.